Македонија
Официјални резултати: шест скопски општини добија градоначалници по првиот круг

На вечершата прес-конференција на Државната изборна комисија, претседателот Александар Даштевски рече дека, според пребројувањето на гласовите, Тимчо Муцунски и Александар Стојкоски од ВМРО-ДПМНЕ се новите градоначалници на скопските општини Аеродром и Ѓорче Петров.
Врз основа на оваа информација може да се констатира дека по првиот круг, шест општини во главниот град добија градоначалници, а во другите четири ќе се оди во втор круг.
Претходно, врз основа на веќе обработените податоци беше објавено дека нов градоначалник на Бутел е Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ, на Гази Баба неговиот сопартиец Бобан Стефановски, на Кисела Вода – Орце Ѓорѓиевски од истата партија, а во Сарај беше реизбран Блерим Беџети од ДУИ.
Во вториот круг ќе се води битка за Карпош, Центар, Чаир и за Шуто Оризари.
За овие општини резултатите се пребројани во целост, па врз основа на тоа се знае дека во Центар во втор круг одат Горан Герасимовски од СДСМ со 40,24 отсто од гласовите и Наташа Котлар-Трајкова од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата со 33,27 отсто од гласовите во првиот круг.
Во Карпош битката ќе се води меѓу Душко Весковски од СДСМ со 32,24 отсто од гласовите по првиот круг и Стевчо Јакимовски со 23,69 отсто гласови.
Втор круг ќе има и во Шуто Оризари, каде што Ферат Асан од СДСМ доби 37,07 отсто од гласовите пред Курто Дудуш од ЛДП/ДОМ со 25,38 отсто.
Во Чаир за градоначалник во вториот круг ќе се тркаат Висар Ганиу од ДУИ – 48,87 и Беким Сали од АА/Алтернатива – 36,97 проценти од гласовите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Јаневски до Арсовска: Добивте покачување над 70 илјади денари, земате плата над 2.500 евра, не работите ништо и донесовте банкрот

„Дали Вие знаете да одговорите директно на прашање? Некогаш? Кратко и јасно со да или не. Дали Градот е блокиран? Да или не, толку. Дали ќе ни ги дадете картичките, дали ќе ни ја дадете информацијата, да или не? Само што добивте понуда и Решение за меморандум за соработка, првиот Ваш одговор е нека ни прати директорот. Значи пак тој да биде крив. Пак некој друг е одговорен, само не Вие. Пак некој друг да ја заврши Вашата работа, само не Вие“, нагласи Филип Јаневски, советник во Советот на Град Скопје од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Јаневски и порача на градоначалничката на Град Скопје да пребара во македонскиот речник што значат зборовите транспарентност и отчетност.
„Вие сте транспарентни? Па понетранспарентен градоначалник јас немам видено откако сум роден. Јас мислев нема полош градоначалник од Вашиот претходник, ама сум се излажал“, рече советникот.
Јаневски укажа дека ја избрале Арсовска околу 120.000 граѓани за да ги реши проблемите на градот кои што ги создале нејзините претходници, но за жал таа само ја влошила состојбата повеќе во градот.
„Вие велевте јас не сум политичар, јас сум менаџер, ова ли е тоа менаџерство? Вака ли Вие менаџирате“, ја запраша Јаневски Арсовска.
„Сметате дека ние 45 советници не заслужуваме не знам колкави паушали? Вие знаете колкава плата земате? Тукушто добивте покачување од пред еден месец од 78% покачување на платата. Сигурно земате над 2.500 евра плата. А, ниту одговарате на прашања, ниту ништо. Знаете кој Ве вработува Вас? Граѓаните! Тоа е исто како јас на работа земам плата од сопственикот на фирмата и мене кога ќе ми се јават и прашаат за нешто поврзано со работата јас да не им одговорам ниту на менаџерот, ниту на директорот, ниту на сопственикот“, нагласи советникот.
„Вас граѓаните Ве прашуваат или лично или преку нас советниците кои сме нивни легитимни претставници, Вас Ве прашуваат до каде е ова, до каде е она, а Вие молк. Вие напаѓате дека други се криви“, рече Јаневски.
Тој и порача на Арсовска ако има доблест нека си поднесе оставка.
Македонија
Намалена затворската казна на Марјан од „Доказ М”, за делот за уцените ќе се постапува одново

Апелациониот суд Скопје во интерес на јавноста и медиумите информира дека донесе пресуда со која жалбата на Основното јавно обвинителство ја одби како неоснована, а жалбите на обвинетиот М. С. делумно ги уважи. Обвинетиот М. С. го осуди на единствена казна затвор во траење од (2) две години и (6) шест месеци и на глоба во износ од 5.000 евра во денарска противвредност – 308.450,00 денари.
На обвинетиот М. С. од С. му се изрекува и забрана за вршење професија, дејност или должност поврзани со кривичните дела, односно забрана да врши регистрација на домени и да се јави како регистратор или сопственик на портал за време од (6) шест години и престанок на регистрацијата на сите регистрирани домени во кои обвинетиот се јавува како сопственик на портал.
Пресудата на Основниот кривичен суд Скопје во делот за кривичното дело уцена е укината и предметот во тој дел е вратен на првостепениот суд на повторно судење од причина што првостепениот суд не ги утврдил со сигурност решителните факти кои се од влијание за правилна примена на материјалното право по однос на елементот од битието на кривичното дело уцена.
Македонија
Ќе одговара ли и битолчанец за претепувањето на Пендиков, новопечениот Бугарин му открил детали на обвинителот

Новопечениот бугарин Христијан Пендиков само што дошол во Охрид отишол во обвинителство за да направи препознавање на второто лице кое наводно го натепало поради етнички причини. Тој пред обвинителот објаснувал со какви повреди се здобил, по кои делови од телото го удирале, како и кои биле последиците од постапувањето на вториот осомничен.
Станува збор за засебна постапка која се води против битолчанец на возраст од 23 години.
Од обвинителството за Макфакс велат дека и во овој случај Пендиков има својство на оштетен. Повеќе детали не се споделуваат а приказната која Пендиков ја раскажа во обвинителството утре ќе треба да ја соопшти и пред судија.
Според првичните информации битолчанецот се сомничи дека сторил кривично дело тешка телесна повреда, а за него се бараше да се определи мерка за обезбедување присутност. Доколку исказот на Пендиков се соодејствува со доказите кои се обезбедени од обвинителството меѓу кои и снимката од тепањето тогаш младиот осомничен битолчанец ќе седне на обвинителна клупа.