Македонија
Шилегов во Аеродром: Општината се развива со забрзано темпо

Маалските средби на СДСМ вечерва продолжија во Аеродром каде што градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин, и новиот кандидат за градоначалник на општината, Александар Филиповски, се сретнаа со жителите на оваа скопска општина.
„СДСМ е убедлив фаворит на претстојните локални избори. Во изминатите четири години направивме многу, поставивме високи стандарди на одговорно, чесно и транспарентно водење на институциите. Затоа говориме за „Најдоброто за нашата општина“, посочи Шилегов.
Осврнувајќи се на досегашниот период, Шилегов додаде дека Аеродром е една од општините со најмногу важни капитални проекти.
„Со изградбата на булеварот АСНОМ и новиот мост на Вардар за граѓаните од Лисиче обезбедивме побрз излез према Центар и Гази Баба. Ги реконструиравме бул. Видое Смилевски Бато, улиците Февруарски Поход и Владимир Комаров, почнавме со реконструкција и пробивање на дел од Васко Карангелески при што оваа улица ја спојуваме со ул. Трета Македонска бригада каде што го решивме проблемот со стеснувањето кај пералната кој мојот претходник ни го остави во наследство. Булевар Србија и бул. Февруарски поход добија нови велосипедски патеки, а при крај е вело патеката на бул. Видое Смилевски Бато“, посочи Шилегов.
Во овој дел од градот, додаде, ги реконструиравме средните училишта Марија Кири Склодовска, Владо Тасевски и Димитар Влахов, а обезбедивме и прочистувачи за воздух за секоја училница.
Во делот на градското зеленило, Шилегов потенцираше дека во Аеродром подигнати се над 47.000 метри квадратни нови и реконструирани паркови површини, со засадени над 3,800 садници.
„На местото на дивата депонија во Мичурин кај Железничка подигнавме нов парк, а крстосницата на бул. Јане Сандански со ул. Владимир Комаров доби два нови урбани скверови со повеќе зеленило и содржини за одмор и релаксација“, рече Шилегов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
(Видео) Муцунски: „Вардар“ и „Комити“ добиваат нов спортски терен во Аеродром, поддршката за клубот продолжува и во иднина

„Вардар“ е емоција, македонски спортски бренд со кој сите се гордееме, а ние со задоволство го поддржуваме. Ова на својата фејсбук-страница го напиша градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски, кој објави видео од новиот спортски терен наменет за фудбалскиот клуб „Вардар“.
Станува збор спортско игралиште лоцирано во непосредна близина на СЦ „Јане Сандански“, кое Општина Аеродром го обнови со поддршка на општествено одговорни компании. Обновата опфаќа целосна реконструкција на соблекувалните, нова трева и нов систем за наводнување на тревата.
Поддршката на фудбалскиот клуб „Вардар“ и навивачката група „Комити“ доаѓа на иницијатива на претседателот на Советот на Општина Аеродром, Дејан Митески, и градоначалникот Тимчо Муцунски, кој во својата објава истакна дека таа поддршка продолжува и во иднина.
„Поддршката за ‘Комити’ и за ‘Вардар’ доаѓа на наша иницијатива и таа соработка ќе продолжи и понатаму затоа што силен ‘Вардар’ значи многу за македонскиот спорт и за младите фудбалски таленти, кои ќе се градат и ќе создаваат во иднина“, истакна Муцунски во својата фејсбук-објава.
Македонија
Левицата: СДС и ДПМНЕ распродаваат плодна почва за фотоволтаични централи

„Деновиве октроираниот премиер Димитар Ковачевски, заедно со градоначалникот од ДПМНЕ, Стевче Стевановски, ја отвори фотоволтаична централа лоцирана во село Новаци, Битола“, велат од Левицата.
„Како инвеститор во оваа централа фигурира контроверзната компанија „АТС Груп“, чиј сопственик Шефкет Демировски во минатото беше осомничен за кражба на индустриска сопственост. За да може да се градат вакви централи на плодно земјиште, процедурата мора да помине и преку општинските комисии, кои во случајот се раководени од ДПМНЕ.
Оваа појава на уништување на плодното земјоделското земјиште почна во локалните самоуправи, контролирани од ДПМНЕ, со пренамена и дозвола за градба на почва која е со намена производство на земјоделски производи. Притоа, при ваквите постапки воопшто не се води внимание за бонитетот на почвата!
Очигледна е тенденцијата на СДС и ДПМНЕ за девастирање на плодната почва, во интерес на крупниот капитал, а за сметка на постепеното згаснување на домашното земјоделско производство.
Додека Мицкоски не пропушта да се пожали дека проектите на неговите градоначалници се саботирани од централната власт, токму во општина Новаци неговиот градоначалник заедно со СДС ја отуѓува плодната земја за профитот на компанија со контроверзно минато“, соопштуваат од Левицата.
Македонија
Бежоска: Новата алатка за споредба на надоместоците на банките ќе придонесе за зголемена конкурентност и поповолни цени за платежните услуги

Новата алатка на Народната банка за споредба на надоместоците помеѓу давателите на платежните услуги придонесува кон поголема транспарентност на банките и значително ја подобрува информираноста на јавноста за надоместоците што ги наплатуваат банките за најрепрезентативните услуги поврзани со платежната сметка.
„Преку поголемата транспарентност и олеснетата споредливост на надоместоците ќе се зголеми конкурентноста помеѓу банките што може да придонесе за поповолни цени на платежните услуги за граѓаните“, посочи гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.
„Заради заштитата на потрошувачите, како една од најзначајните цели на новиот закон, првпат се воведе обврската за банките да ги уредат правата и обврските на корисниците со рамковен договор во стандардизирана форма, проследен со информативен документ за надоместоците пред неговото прифаќање, што обезбедува нивна поголема информираност и сигурност при носењето на одлуките. За најчесто користените услуги, Народната банка врз основа на податоците од банките подготви листа од 11 т.н. најрепрезентативни услуги за чии надоместоци почна да прибира податоци и почнувајќи од крајот на минатиот месец овозможи нивна достапност и споредливост по банки, со користење на алатката. На овој начин граѓаните ќе може на едно место, преку веб-страницата на Народната банка, да добијат брза и лесно достапна информација за надоместоците кај секоја од банките и да направат споредба кога одлучуваат кај која банка да користат платежни услуги“, посочи гувернерката.
Таа истакна дека новиот Закон за платежните услуги и платни системи, како и дваесет и шесте подзаконски акти донесени од Народната банка, претставуваат значајно усогласување со европските стандарди и регулативи.