Македонија
Шилегов: Гасоводниот прстен околу Скопје е завршен
Градоначалникот Шилегов денеска учествуваше на панел-дискусијата „Обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност за подобра животна средина“ што се одржуваше во хотелот „Холидеј ин“, во организација на Институтот за комуникациски студии, а во рамките на кампањата од јавен интерес за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“.
„Во текот на минатата година ја завршивме секундарната мрежа, односно гасоводниот прстен околу Скопје. Со цевката го преминавме дури и Вардар, од Карпош 4 кон Влае. Ова за мене е еден од поголемите потфати, зашто зборуваме за енергетска стратегија за нашиот град, нешто што со години наназад го немавме и сега живееме со последиците. Кога зборуваме за енергенсите, особено кога зборуваме за природниот гас, најчесто зборуваме само за затоплување на домовите, иако тој енергенс може да се користи за сите енергетски потреби. Основните карактеристики на овој енергенс е дека во најмалку 20% е помала емисијата на штетните гасови во однос на другите горива, речиси воопшто го нема сулфурот како нус продукт и е енергетски ефикасен. За нас како град сега е многу битно да влеземе во процесот на терцијална гасификација, односно, достапност на гасот до домаќинствата“ рече Шилегов.
Тој додаде дека треба да имаме предвид дека дел од производствените и индустриските капацитети се префрлени на природен гас, а префрлени се и сите топлани во нашиот град.
„Секогаш кога зборуваме за топловодната мрежа и затоплувањето на домовите преку централниот систем зборуваме за евтино и еколошки најприфатливо затоплување на домовите кое во овој момент може да им биде понудено на граѓаните. Да не заборавиме дека употребата на огревно дрво што е најраспространето во нашата држава, ако биде заменето со други енергенси, ќе ја спречи сечата на дрвјата во шумите и ќе се спречат елементарните непогоди како во Стајковци од пред три години. Што значи примената на гасот? За домаќинствата ќе значи поекономично греење, зашто се намалуваат трошоците за затоплување на домовите, а тоа на краток рок значи подобрување на економската состојба на граѓаните. За индустриските капацитети тоа значи намалување на трошоците и можност за инвестирање во нови технологии токму заради заштедите кои се прават поради воведувањето на гасот. Во таа насока, во текот на утрешниот ден ги очекуваме претставниците на МАН и го потпишуваме договорот за набавка на нови 33 градски автобуси кои што ќе бидат на гас. Заштедата што ќе ја направиме со овие 33 автобуси е 700.000 евра годишно“, нагласи Шилегов.
Градот Скопје е сериозно посветен на енергетската политика. Токму затоа го основа и „Градски енергетски системи“, правен субјект кој претендира да биде носител на енергетската политика на градот, и тоа во двата сегмента – во развојот на топловодната мрежа и нејзиното проширување и во развојот на гасификациската мрежа.
„Во градот има три топловодни мрежи кои опфаќаат делови од Центар, Аеродром, Карпош, Кисела Вода, Чаир, Гази Баба и Бутел, но се неспоени. Тоа е предизвик кој допрва ни претстои. Има и делови од општините Карпош, Чаир, Бутел, Гази Баба и Кисела Вода, како и општините Ѓорче Петров, Шуто Оризари и Сарај каде што е економски неисплатливо да ја прошируваме топловодната мрежа и токму во тие делови треба да навлеземе со терцијалната гасификација. Станува збор за густо населени подрачја каде што има индивидуално домување. Со централната власт не секогаш имаме синхронизирани ставови. Градот Скопје е на став дека терцијалната гасификација мора да ја води градот и за нас јавно-приватно партнерство не е прифатливо. Искуствата кои ги имаме на Балканот зборуваат дека при јавно-приватно партнерство се бара поврат на инвестицијата во првите десет години, а првите десет години не се инвестициски циклус. Ако Градот Скопје или единиците на локална самоуправа не се креатори на енергетските политики може да ни се случи развојот на гасификацијата да се одвива во делови каде што веќе имаме топловодна мрежа. Тоа би бил поевтиниот начин за развој на гасификацијата, но погрешен начин, ако се има предвид дека како држава би требало да ни биде приоритет намалувањето на аерозагадувањето и доведувањето на евтин енергенс до што е можно поголем број корисници“, нагласи градоначалникот Шилегов на денешната трибина.
Со почит,
Град Скопје
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски од Анталија: Регионалната поврзаност е предуслов за развој и стабилност
Во рамки на учеството на Antalya Diplomacy Forum 2026, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се обрати на панел посветен на новите можности во регионалната и интерконтиненталната поврзаност, на тема „New Opportunities in Connectivity“ (Нови можности за поврзување).
Во своето обраќање, министерот истакна дека поврзаноста денес претставува клучен елемент за економската отпорност, регионалната стабилност и одржливиот развој, особено во услови на зголемена геополитичка неизвесност и трансформација на глобалните синџири на снабдување. Тој нагласи дека Република Северна Македонија, како држава со стратешка позиција на крстопатот меѓу Европа и поширокиот евроазиски простор, има активна улога во унапредувањето на регионалната инфраструктурна и транспортна поврзаност.
Посебен акцент беше ставен на значењето на Коридорот VIII, како еден од клучните источно-западни правци што ја поврзуваат Јадранската и Црноморската област. Министерот нагласи дека неговата целосна доизградба и функционално поврзување со соседните земји претставува стратешки приоритет, при што беше истакната и важноста на железничкото поврзување со Република Бугарија како дел од европските транспортни мрежи.
Во контекст на новите глобални иницијативи за диверзификација на транспортните и трговските рути, министерот се осврна и на Коридорот 10, нагласувајќи ја улогата на Северна Македонија во европските иницијативи за поврзаност, вклучително и напорите на Европската Унија за развој на одржлива инфраструктура што ги поврзува Западен Балкан, Источна Европа и поширокиот евроазиски простор.
Дополнително, беше истакната подготвеноста на земјата активно да учествува во мултилатерални формати на соработка за надминување на техничките, регулаторните и финансиските бариери. Во таа насока, беше потенцирана важноста од засилена координација меѓу владите, меѓународните финансиски институции и приватниот сектор.
Учеството на министерот Муцунски на овој панел ја потврди определбата на Република Северна Македонија за активна регионална соработка, промоција на инфраструктурни проекти со додадена вредност и придонес кон стабилна, безбедна и економски поврзана Европа.
Македонија
Мамографот во Штип во дефект: Пациентките ќе се снимаат во Кочани, резултатите ќе ги чита штипскиот тим
Министерството за здравство ја информира јавноста дека, поради дефект на мамографскиот апарат во Клиничка болница Штип е воспоставена координирана организација со цел непречено обезбедување на мамографски прегледи за жените од источниот регион.
Во таа насока, директорите на Клиничка болница Штип и Општа болница Кочани договорија взаемно решение со кое се овозможува континуитет на услугата.
Мамографиите ќе се изведуваат во Општата болница во Кочани, додека пак снимките ќе се читаат и интерпретираат од стручниот тим во Клиничка болница Штип.
– Согласно медицинските индикации, пациентките кај кои е потребен дополнителен ехо преглед на дојка ќе се упатуваат и прегледуваат во Штип. Правиме напори за обезбедување нов мамограф за Штип, по соодветните проценки во изминатиот период за неможност за поправка на истиот, вели д-р Владко Захариев, директор на КБ Штип.
За пациентките од другите градови од источниот регион е предвиден посебен ден за прегледи, со цел подобра организација и поголема достапност.
Директорот на Клиничка болница Штип информира дека со оваа организација овозможуваме преглед на околу 100 пациентки месечно да добијат мамографски преглед.
Директорката на Општа болница Кочани вели дека ќе се воведе втора смена со цел да се излезе во пресрет на жените од источниот регион.
– Отворивме зголемен број термини, со цел да одговориме на потребите и да обезбедиме што поголем опфат на жените од целиот источен регион со оваа важна здравствена услуга, вели д-р Катерина Мирчовска.
Министерството за здравство останува посветено на обезбедување навремена и достапна здравствена заштита за сите граѓани.
– Институционално се мобилизиравме и во координација со двете здравствени установи овозможивме оваа услуга како времено решение да биде достапна за пациентките од овој регион. Ова е начин како системот треба да функционира кога ќе се соочи со предизвик, вели министерот за здравство, Азир Алиу.
Македонија
СДСМ: Странска разузнавачка компанија ангажирана за следење на опозицијата
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) обвини дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ангажирал странска приватна разузнавачка компанија за следење на опозицијата и, како што велат, фабрикување афери.
Во соопштението се наведува дека станува збор за Black Cube, израелска приватна разузнавачка компанија, која СДСМ ја опишува како „приватен Мосад“, позната по „следење, собирање информации, провокации и фабрикување афери против политички цели“.
„Мицкоски и неговата група ја ангажирале оваа компанија за да ги следи функционерите на СДСМ, особено претседателот Венко Филипче“, се наведува во соопштението.
Од СДСМ тврдат дека тим на „Black Cube“ неодамна престојувал во Скопје и одржал состаноци во хотел, на кои, како што посочуваат, присуствувал и бизнисмен близок до ВМРО-ДПМНЕ, кој требало да го финансира ангажманот.
Партијата оценува дека целта е „да се следи опозицијата, да се собираат информации и да се фабрикуваат афери за да се дискредитира СДСМ“.
Во соопштението се прави и споредба со Унгарија, при што се наведува дека вакви методи претходно биле користени од Виктор Орбан, а се споменуваат и наводни активности поврзани со избори во други земји.
„Ова не е случајност. Ова е класичен автократски модел: кога легалните инструменти не функционираат, се ангажираат приватни разузнавачки агенции за да се прават лажни афери и да се заплашува опозицијата“, наведуваат од СДСМ.
Во реакцијата се додава дека, и покрај овие наводи, партијата ќе продолжи да инсистира „на вистината, на независното правосудство и на европскиот пат на Македонија“.
