Македонија
Шилегов: Скопската чаршија е шаренилото на градот, воведуваме програми за поддршка на сите занаетчии

Денес, кандидатот и актуелен градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов, ќе ја посети Старата скопска чаршија, каде ќе одржи неколку средби со занаетчиите кои работат во овој дел на градот.
„ Скопје е создаден и одржуван во живот со векови благодарение на својот еснаф, на луѓето кои отсекогаш твореле и тргувале во старата чаршија – на фурнаџиите, берберите, часовничарите, сервисите, златарите и останатите занаетчии. За сите нив, Град Скопје воведе програми за поддршка со кои на старите занаети им се овозможи одржливо постоење и создавање, заштита на нивните дуќани и работилници и едукација.
Се воспостави партнерство со новите занаети, малите бизниси, новите сервиси и продавниците кои секојдневно се отвораат низ нашиот град, а сопствениците добија и награди за нивниот успех и иницијативност. Во изминатите 4 години скопските занаетчии добиваат субвенции од градот за набавка на алати и репроматеријали до 80% од нивната вредност, или до максимум 50.000 денари по занаетчија.
Важно е да се знае дека оваа чаршија опстанала со години, шарена и разнолика поради тоа што луѓето си помагале еден на друг кога било најтешко. Така, во време на пандемијата на коронавирусот донесовме неколку превентивни мерки за полесно справување на еснафот со рестрикциите:
· Град Скопје ги укина трошоците за фирмарина на сите економски субјекти на територијата на Град Скопје, како единствена давачка на бизнисите кон градот;
· Пренасочени се буџетските средства во градежна офанзива, со која се реконструираа преку 20 улици во една сезона, со цел стимулирање на работните места во градежништвото и придружните индустрии.
· На угостителите и другите еснафи кои користат јавен простор пред своите дуќани им беа простени комуналните такси, за да им се олесни намалената посетеност и промет во услови на пандемија на коронавирусот.
„Овие мерки се покажаа како успешни. Успеавме да ги задржиме работниците на работа, а дуќаните да ги задржиме отворени. Успеавме сите заедно да поминеме низ најтешките периоди, солидарно и братски, онака како што успевала чаршијата и во минатото. Затоа што сме тука да си подаваме рака и да си помагаме“, вели Шилегов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Унгарската претседателка без коментар за азилот на Груевски: Се радувам што се развиваат односите меѓу нашите држави

Унгарската претседателка Каталин Новак се огради од дадениот азил на експремиерот на Македонија, Никола Груевски. Прашана од „Макфакс“ како може Унгарија, земја членка на ЕУ да даде азил на лице кое е на црната листа на САД и ексфункционер кој се гони за криминал и корупција – таа немаше конкретен одговор.
Посочи само дека се радува што Груевски не ги нарушил односите меѓу Македонија и Унгарија.
„ Првиот дел во однос на Груевски би сакала да кажам дека тоа е во надлежност на нашето правосудство и јас за тоа многу се радувам дека во рамките на мојата посета, се уверив во тоа дека нашата меѓусебна соработка на ниво на држава се развива успешно и дека имаме добра основа и понатаму да се гради и развива и дека односите меѓу унгарските и македонските граѓаните се на високо ниво и тоа не влијае на никакви криминални прашања и на никакви криминални односи“, одговори Новак на прашањето од „Макфакс“.
Експремиерот Никола Груевски во 2018 година избега од Македонија во Унгарија каде експресно доби политички азил. Македонија бараше екстрадиција поради судските постапки кои се водат против него, но барањето беше одбиено. Пет години, никој не сноси одговорност за неговото бегство кое се случи непосредно пред да влезе во затвор за случајот „Тенк“ односно набавката на луксузниот „мерцедес“.
Македонија
Македонската Армија е подготвена да даде секаква поддршка за помош на Турција, порача Петровска

Министерката за одбрана Славјанка Петровска со изрази за сочувство до Турција и турскиот народ по силниот земјотрес.
„Изразувам длабоко сочувство до турскиот народ и нашите сојузници од Турција, но и подготвеност за помош во овие тешки моменти за нашите пријатели“, пишува Петровска на нејзиниот фејсбук профил.
„Македонската Армија е подготвена да даде секаква поддршка за да помогнеме во напорите со справување со последиците од оваа страшна катастрофа и спасување на колку може повеќе човечки животи“, додава Петровска.
Нашиот народ, вели таа, знае што значи солидарност и подадена рака во тешки моменти кога ни е најпотребна.
Македонија
Двајца македонски ученици меѓу повредените во земјотресот во Турција

Двајца македонски државјани се повредени во земјотресот во Турција. Според информациите од МНР, се работи за ученици кои преку програмата „Еразмус плус“ престојуваат во Турција.
„ Министерството за надворешни работи преку своите Амбасадата во Анкара и генералниот конзулат во Истанбул обезбедија информации и стапија во контакт со деветте наши државјани кои се наоѓаат во загрозениот регион. Се работи за осум ученици и нивен ментор/наставник, кои преку програмата „Еразмус плус“ престојуваат во Република Турција. Како последица од земјотресот, двајца од учениците се здобиле со телесни повреди: едниот ученик е со потешки повреди – скршеница на која во моментов работат медицински лица и е во фаза на санирање – додека вториот ученик е со полесни повреди. Ниту еден од учениците и Менторот не е во животна опасност.
Досега нема информација за други наши државјани кои се наоѓаат во загрозена состојба, или на кои им е потребна асистенција, но нашите претставништва остануваат континуирана комуникација како со надлежните институции на Турција, така и со наши граѓани кои се информираат и кои информираат за состојбите на терен. По инструкција на МНР, дипломат од Амбасадата во Анкара е веќе упатен во регионот за да помогне во евакуацијата на учениците од градот Кахраман Мараш, како и да обезбеди информација и присуство директно на терен во најзагрозените делови за евентуални дополнителни интервенции.
Ја користиме приликата уште еднаш да посочиме дека нашите дипломатски претставништва во Турција се на 24-часовно располагање за сите евентуални прашања, на телефонските броеви: +905394569710 во Анкара, +905456149777 во Истанбул, и + СОС телефонот на МНР во Скопје 38975273732. “ велат од МНР.