Македонија
ШК Алкалоид со победа над директниот конкурент за титулата ја започна борбата за одбрана на тронот
Сениорскиот тим на ШК Алкалоид со убедлива победа од 4 : 2 го отвори својот настап на 32. издание на Екипното првенство на Македонија во шах, кое се игра од 23 јули до 1 август во Струмица.
Триумфот во првото коло е уште позначаен имајќи предвид дека е забележан над еден од директните ривали за титулата, Гамбит Асеко СЕЕ. Изјава на капитенот на екипата, Велемајсторот Влатко Богдановски:„Мечот беше вистинско дерби, со неизвесна и возбудлива борба. Имаше четири одлучени партии, а и во двете што завршија со реми имаше динамична игра. Во втората половина од мечот дојде до израз севкупниот повисок квалитет на составот на ШК Алкалоид. “

Дури тројца играчи извојуваа победи почнувајќи од ВМ Александар Инѓиќ (2610) на првата табла, кој го совлада искусниот ВМ Иван Иванишевиќ (2536), а потоа и на последните две табли: ВМ Звонко Станојоски (2392) против ФМ Андреј Велјаноски (2291), како и актуелниот шампион во поединечна конкуренција ИМ Тони Лазов (2369), кој го надигра ФМ Љубиша Андоновски (2258). Со реми завршија партиите меѓу ВМ Велимир Ивиќ (2592) и ВМ Виктор Метвеишен (2555) (интересна борба со позициона жртва на кралица за топ и ловец) и ИМ Дејан Стојановски и ИМ Емил Ристески (борба меѓу двајца активни професионални шаховски играчи, при што Ристески се обиде да изненади со изборот на шаховското отворање –Англиска партија, но Дејан Стојановски одлично парираше со црните фигури).

Поради повлекувањето на ШК Стево Патако, во Првата лига играат девет клуба. На другите мечеви од првото коло беа постигнати следниве резултати: ШК Штајниц – ШК Прилеп 2 : 4, ШК Пелагон – ШК Куманово 1 2 : 4 и ШК Шкупи – ШК Гостивар 2,5 : 3,5. Слободен беше тимот на Анпасан СЕС.
Машкиот тим на фармацевтите е во победничка серија и веќе 11 години во низа се наоѓа на највисокото место во македонскиот шах, со вкупно 25 титули освоени досега, што го прави најуспешен спортски колектив.

И женскиот тим на ШК Алкалоид ја брани титулата освоена минатата година, при што во првото коло извојува победа од 3 : 1 над ШК Неготино. На првите две табли партиите завршија со поделба на поенот по исклучително долга борба, додека, пак, ЖФМ Моника Стојковска (2.034) победи на третата табла против Гордана Чокрева (1.852), а на четвртата табла актуелната шампионка во поединечна конкуренција ЖИМ Габриела Коскоска (2.007) славеше против Теодора Велева (1.539).

На другите мечеви: ГШК Куманово 1 – ШК Шах Шех 3 : 1, МШК Центар – Пелагон 4 : 0 и ШК Капабланка – ШК Гамбит 1,5 : 2,5.
На машкиот турнир, поради непарниот број екипи учеснички во второто коло, ШК Алкалоид ќе биде слободен, додека, пак, на првенството во женска конкуренција фармацевтките ќе играат со ШК Капабланка.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Внесете ги малцинствата во Уставот, знаеме дека не мислите на другите, барем мислете на себе
„Христијан Мицкоски денеска изјави дека ВМРО е „промакедонска партија“. Промакедонска?
Значи, не се македонска? Не може да бидат македонска партија кога половина од нив имаат бугарски пасоши“, велат од СДСМ.
Според оваа партија, пола Влада, министри, пратеници, директори, градоначалници, семејството на Мицкоски, семејството на Латас – уредникот на Орбановите медиуми, како што велат, сите се со црвени пасоши на ЕУ.
„Затоа и имате проблем со малцинствата во Уставот. Затоа и ја блокирате Европа.
Затоа и не сакате да продолжат преговорите. Внесете ги малцинствата во Уставот – знаеме дека не мислите на другите, барем мислете на себе. Вие не го браните македонскиот идентитет. Вие го користите како штит за да ја заштитите криминалната империја и да продолжите со пљачката“.
Според СДСМ, македонска е само онаа партија која се бори Македонија да биде полноправна членка на Европската Унија, а не изолирана провинција на Орбан и Путин.
„Реформи сега. Малцинства во Уставот сега. Европа сега. Нема враќање назад.
Македонија
Волк е животното кое вчера беше заловено во скопска населба: потврдија надлежните
По детални проверки, проценки и консултации со домашни и странски експерти, потврдено е дека животното кое вчера беше заловено во населбата Козле е волк, а не куче или мешанец, потврдија од ЗОО Скопје.
„Во текот на денот, во ЗОО Скопје дојдоа и сопствениците на кучето Сириус од расата чехословачки волчјак, по кое трагале веќе два месеци, кои на лице место се уверија дека не станува збор за нивното куче, туку за вистински волк, што и самите го потврдија“.
Животното, велат од таму, не е чипирано, измерено е дека тежи околу 25 килограми, а од страна на стручните служби била земена и крв за биохемиска анализа и дополнителни испитувања.
„Волкот е млад, но неухранет и недоволно развиен за својата возраст.
Во ЗОО Скопје денес излегоа и инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство, кои исто така се уверени дека станува збор за волк ( Canis lupus)
Дополнително, контактирани се и експерти и институции од повеќе европски центри и резервати за волци, со цел да се добие и меѓународна потврда и стручно мислење“.
Надлежните со апел до јавноста да не се шират шпекулации и дезинформаци, туку сите заедно повеќе да работиме на едукација дека диви животни не се чуваат како домашни миленичиња на ланец.
„Скопје ЗОО ќе продолжи внимателно да ги следи здравствената состојба и однесувањето на животното и ќе ја информира јавноста за сите понатамошни информации“.
И од Агенцијата за храна и ветеринарство попладнево известија дека официјален ветеринар на агенцијата доцна попладнево спровел вонреден надзор во скопската зоолошка градина каде вчера вечер беше згрижено диво животно заловено во скопската населба Козле.
„Врз основа на искуство во работата со диви животни и спроведениот стручен преглед на физичката градба на заловеното животно и неговото однесување, како и на проверка на други важни факти за утврдување на неговиот вид, од страна на официјалниот ветеринар потврдено е дека станува збор за диво животно од видот волк“.
Од агенцијата додаваат дека дополнително, ќе се утврдува и тековниот здравствен статус на заловеното диво животно и ќе се решава за натамошните постапки во врска со него.
Македонија
Зачестена појава на измамнички пораки за наплата на сообраќајни прекршоци, предупредува МВР
Секторот за компјутерски криминал при Бирото за јавна безбедност и Одделението за сајбер безбедност при Одделот за информатика и телекомуникации во рамки на Министерството за внатрешни работи информира дека е забележана зачестена појава изминативе денови, каде непознати лица преку странски телефонски број +639606963624 испраќаат на македонски корисници пораки за наводно регистриран сообраќаен прекршок и бараат наплата со платежна картичка за истиот на лажна веб страна http://mvr.govmk.cam/mk.
Измамата, како што појаснуваат од МВР, се врши на тој начин што, откако лицата ќе кликнат на линкот оставен во пораката, истиот води на лажна веб страна на МВР каде што бараат да ја внесете вашата регистарска табличка од вашето возило и потоа ве носи на нов прозорец каде ви е регистриран прекршок и ви бараат наплата од 1500 денари за истиот.
„Апелираме до граѓаните да бидат претпазливи и да не веруваат на пораки кои доаѓаат од нелегитимен веб сајт на Министерството, ниту да оставаат свои лични податоци и податоци од својата платежна картичка, кои потоа претставуваат цел на злоупотреба.
Исто така Секторот за компјутерски криминал при МВР апелира до граѓаните и правните субјекти да не отвораат сомнителни линкови и прикачени документи во прилог на пораки што не доаѓаат од верификувани и за нив познати испраќачи со цел да не наседнуваат на измами од ваков тип.
За полесно препознавање на вистинската порака, граѓаните во делот на испраќач на пораката треба да биде MVR-SC (во превод MVR Safe Country)“.
