Македонија
Ѓорѓиевски ги седна Трипуновски и Костадинов на заедничка маса: Не постои нерешлив проблем
Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, денес во просториите на ЗЕЛС одржа средба со министерот Цветан Трипуновски и градоначалникот на општина Струмица Костадин Костадинов, за проблемите на струмичани и изнаоѓање на заеднички решенија. На состанокот се усвоија неколку заклучоци, а Ѓорѓиевски истакна дека ЗЕЛС е обединет и додека е тој претседател, сите проблеми ќе се решаваат на заедничка маса.
-Со добра волја и на заедничка маса, да дојдеме до заедничко и прифатливо решение за сите – беше нотирано денес на средбата во просториите на ЗЕЛС, која ја одржавме заедно со министерот Цветан Трипуновски и колегата Костадинов од Струмица.
Со разговор секогаш се доаѓа до целта, па така оваа плодна средба ќе вроди со плод, бидејќи веќе ги зацртавме правците на траекторијата за трајно решавање на проблемите на граѓаните од Струмица. Како што истакнав на моите претходни излагања, кај мене не постои поделба по ниту една основа и ќе бидам медијатор во решавање на сите процеси.Политика мора да стои настрана, граѓаните се приоритет.
На состанокот ги договоривме следните точки:
Формирање на комисија од повеќе научни институции за следење на фактичка состојба на браната Турија и причините за неодамнешното појавување на манган во водата.
Долгот кој што го има општина Струмица спрема АД ,,Водостопанство” ќе биде сервисиран согласно утврдена динамика, а АД ,,Водостопанство”ќе ги извршува сервисирањата и услугите од својата надлежност.
Дискутиравме за квалитетот на водата која што во моментов според надлежните институции е исправна и чиста за пиење.
Драго ми е и што колегата Костадинов го промени својот став и ЗЕЛС останува обединет.
Од сега па натаму, додека јас сум претседател, проблемите ќе се решаваат на маса, а комуникацијата помеѓу институциите ќе биде на највисоко ниво.“, изјави Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Лекарската комора дава поддршка за новиот Закон за заштита од пушење
Лекарска комора на Република Северна Македонија изрази поддршка за новиот Предлог-закон за заштита од пушење и за мерките што со него се воведуваат, оценувајќи дека тие се во насока на унапредување на јавното здравје и заштита на населението, особено на децата, младите и ранливите групи.
Од Комората посочуваат дека лекарите секојдневно се соочуваат со последиците од употребата на тутунски и никотински производи и изложеноста на чад, кои, како што наведуваат, се директно или индиректно поврзани со кардиоваскуларни заболувања, малигни болести, хронични белодробни состојби и други сериозни здравствени проблеми.
Следејќи ги добрите европски практики, Лекарската комора смета дека новите мерки за контрола на тутунските и никотинските производи, како и заштитата од пасивно пушење, ќе придонесат за намалување на бројот на нови корисници, особено кај младите, поефикасна заштита на непушачите во затворени простории и создавање поздрава животна и работна средина.
Во соопштението се нагласува дека здравјето на граѓаните мора да биде над сите други интереси и дека доследното почитување на законските ограничувања може да резултира со помал број хоспитализации и долгорочни придобивки за целото општество.
Од Лекарската комора информираат дека остануваат подготвени активно да учествуваат во подигање на јавната свест за опасностите од употребата на тутунски и никотински производи и да дадат поддршка на мерките кои водат кон поздрава и побезбедна заедница.
Македонија
Хоџа и Филипиду разговараа за прекуграничната соработка во заштитата на животната средина
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денес оствари работна средба со амбасадорката на Република Грција во Република Северна Македонија, Софија Филипиду, на која беа разгледани приоритетите на билатералната соработка во областа на животната средина.
Во фокусот на разговорите беа активностите поврзани со управувањето со Националниот парк Преспа (Prespa National Park), управувањето со водните ресурси, хидролошката состојба на Преспанското и Дојранското Езеро, како и тековните прекугранични проекти што се реализираат.
Двете страни ја потврдија заедничката заложба за натамошно унапредување на соработката меѓу Република Северна Македонија и Република Грција, со посебен акцент на заштитата на животната средина и одржливиот развој на прекуграничните региони.
Македонија
Општина Аеродром спроведува акција за чистење диви депонии на повеќе локации
Јавното комунално претпријатие на Општина Аеродром денеска реализира акција за чистење на поголемите диви депонии на повеќе локации на територијата на општината.
Со соодветна механизација се врши темелно отстранување на секаков вид отпад депониран на несоодветни и недозволени места, со цел подобрување на хигиената и заштита на животната средина.
Општина Аеродром упатува апел до граѓаните да не се фрла отпад на недозволени локации и да се постапува совесно и одговорно, во интерес на заедницата и јавниот простор.
Во наредниот период ќе се спроведуваат зајакнати инспекциски контроли, при што против сите прекршители ќе бидат преземени соодветни мерки, согласно со важечките законски прописи.
Општина Аеродром останува посветена на континуирани активности за унапредување на јавната хигиена и создавање чисто, уредно и здраво опкружување за сите жители.

