Македонија
Ѓорѓиевски дискотеките ќе ги извади на периферијата, младите брачни двојки ќе бидат 100 % ослободени од комуналии ако градат куќа
Иднината на Скопје, кандидатот за градоначалник од ВМРО – ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски ја гледа како град кој функционира паметно, брзо и чесно преку вистинска дигитализација. Тој денес кажа дека откога ја направил Кисела Вода прва дигитална Општина не само во Македонија туку на целиот Балкан, таквиот модел ќе го пренесе и на градско ниво.
„Со 17 проекти од оваа област Скопје ќе стане првиот целосно ‘пејпер фри’ град во државата, дигитален, модерен и пред се транспарентен. Дигиталната трансформација ќе се изврши во три клучни сегменти. Комплетна внатрешна дигитализација на сите процеси и процедури, креирање на дигитални услуги и сервиси за граѓаните и бизнис заедницата и комплетна дигитализација на Советот и на јавните претпријатија со што Градот ќе ја започне најголемата административна реформа досега“, вели Ѓорѓиевски.
Посебна организациона единица со назив „смарт центар“ Ѓорѓиевски вели дека ќе биде срцето на дигиталната трансформација. Преку овој центар ќе се координираат сите проекти за дигитализација на Градот, односно воведување на паметен град овозможувајќи дигитално управување со транспорт, отпад, јавни ресурси и услуги преку податоци и анализи во реално време.
„Ќе воведеме документ-менаџмент систем за сите административни процеси да се дигитализираат од прием на предмети до нивно решавање, со јасен дигитален траг на секој документ. Ова ќе гарантира отчетност, брзина, минимално влијание на човечкиот фактор, и пред се подобра услуга за нашите граѓани“, рече Ѓорѓиевски.
Практичната имплементација на визија за урбан развој за Скопје 2025 – 2045 година ќе се реализира преку проектот Дигитален близнак на Скопје со што ќе се создаде дигитална реплика на градот со интеграција на просторни податоци, сензори и документи. Овој систем Ѓорѓиевски смета дека ќе овозможи интелигентно урбано планирање, поефикасно управување со инфраструктурата, климатска отпорност и брз одговор при непогоди.

Секој извод од Генералниот урбанистички план ќе биде достапен дигитално со електронски потпис, рече Ѓорѓиевски
Ѓорѓиевски најави дигитализација на сите регистри во Град Скопје, проект за е-даноци со кој решенијата за данок на промет ќе се издаваат за пет работни дена, а даноците ќе се плаќаат електронски. Со проектот е-адреса во соработка со Катастарот ќе се изврши комплетно мапирање на улиците и објектите и секој објект ќе добие видлив број, секоја улица матичен број, правилен назив и кјуар код со можност за граѓаните да добијат електронска потврда за точната адреса.
Дигиталната платформа за културно наследство ќе интегрира 3Д – реконструкции, виртуелни тури и дигитални архиви на културното богатство на Скопје достапни за граѓаните и туристите.
Градскиот портал Ѓорѓиевски вети дека ќе биде централно место преку кое граѓаните, бизнисите и институциите ќе имаат централен пристап до сите услуги на градот, јавните претпријатија и јавните установи, брзо транспарентно и достапно.
Со е – извод од ГУП секој извод од Генералниот урбанистички план ќе биде достапен дигитално со електронски потпис, скопјани ќе добијат една картичка со која ќе можат да ги плаќаат сите градски услуги јавен превоз, паркинг, билети за култура и спорт со попусти и бесплатни услуги за учениците, пензионерите, невработените и лицата со попреченост.
Ѓорѓиевски планира комплетна дигитализација на Советот на Град Скопје и јавните претпријатија кои ќе работат транспарентно и дигитално преку електронски седници на Советот и состаноците на Управните одбори, со електронски пристап до материјалите, гласање и дискусија со јавна достапност и на сите записници.

Сите средни и големи компании во Скопје ќе бидат обврзани да ангажираат најмалку еден млад вработен до 25 години за секои дваесет постојани вработувања, рече Ѓорѓиевски
Со посебни мерки, Ѓорѓиевски ќе ги задржува младите дома.
„Сакаме да изградиме град кој ќе им понуди шанса, простор и поддршка да растат и да создаваат овде во Скопје. Затоа ја воведуваме мерка која веќе даде одлични резултати во Кисела Вода, а тоа е ослободување од комуналии за млади брачни двојки. Младите брачни парови до 40 години, без друг имот, ќе добијат 100% ослободување од комуналии при изградба на куќа за домување. За општините што веќе донеле ваква одлука, како Општина Кисела Вода, ослободувањето ќе изнесува 100%, а за останатите општини 60 %, односно делот кој му припаѓа на Град Скопје“, рече Ѓорѓиевски.
Во програмата задолжително младинско вработување Ѓорѓевски предвидува обврска за сите средни и големи компании во Скопје да ангажираат најмалку еден млад вработен до 25 години за секои дваесет постојани вработувања.
„Оваа мерка се темели на успешни модели од земји како Германија и Холандија каде младинските квоти и стимулации за работодавачите резултирале со значително зголемување на вработеноста кај младите“, рече Ѓорѓиевски.
Тој денес промовираше младински центар за кариера кој ќе обезбедува менторство, обука и поврзување со работодавачи, најави проект за поддршка на млади занаетчии, субвенции за современа опрема на занаетчиите, дигитални уреди и технички алати, но и кампања „Учи занает, гради иднина“ за директна вклученост на локалните мајстори.
Ѓорѓиевски ќе го враќа и ноќниот живот во Скопје.
„Со цел враќање на ноќниот живот во Скопје ќе изградиме диско-зона со која ќе се создадат специјализирани зони за летни дискотеки и ноќни клубови, надвор од центарот на градот со цел намалување на метежот, бучавата и притисокот врз градското јадро овозможувајќи контролиран ноќен развој и ревитализација на периферијата“, вели Ѓорѓиевски.
Најави и дигитални станбени хабови, проектот „Паметно семејство“ кој ќе создаде станбени зони за млади брачни парови и повратници од странство со засилена социјална и дигитална инфраструктура и целосна дигитализација на пазарот на недвижности со што сите сите достапни станови и деловен простор ќе бидат јавно објавени на градскиот портал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
За девет месеци од наплата на патарините државата заработила над 58 милиони евра
Вкупните приходи од наплата на патарина за првите девет месеци од годинава изнесуваат 3.611.645.604, денари (58,725 милиони евра).
Во септември годинава прометот на наплатните станици изнесува 401.971.971 денар, а во летните месеци кога е највисока фрекфенцијата на возила, биле инкасирани 494.308.025 во август, 469.811.647 во јули и 399.325.680 денари во јуни годинава.
Најпрофитабилна е наплатната станица Романовце, а најниски се приходите на Кадрифаково.
Македонија
Најмногу дожд во изминатото деноноќие падна во Пожаране и Попова Шапка
Најмногу дожд во изминатото деноноќие наврал во Пожаране и Попова Шапка, а најмалку во Штип и Кавадарци.
Управата за хидрометеоролошки работи информира дека во Пожаране и Попова Шапка наврнале 32 литри на метар квадратен, во Маврови Анови и Крушево 23, во Тетово 21, во Претор 20, во Лазарополе 14, во Гевгелија 11, во Битола, Тополчани и Скопје-Зајчев Рид 6, во Ѓуриште, Пожар-Радовиш 5, во Прилеп, Велес, Скопје-Петровец 4 и во Штип и Кавадарци еден литар на метар квадратен.
До вторник синоптичарите најавуваат променливо облачно време со локални врнежи од дожд. Денеска наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 30 l/m² за 24 часа), проследени со засилен ветер и појава на ретки грмежи.
Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од јужен, а долж Повардарието од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 12 до 17 степени.
Македонија
Таен ринг за борби со кучиња разоткриен во битолско, заработувале од мачење животни
Грчки државјанин сопственик на куче, пит бул, косовски државјанин сопственик на куче од расата американски стафорд, како и двајца македонски државјани како соизвршители ќе одговараат на кривично дело – Убивање и мачење животни од член 233 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Основното јавно обвинителство Битола ги прибра сите потребни докази и поднесе обвинение, бидејќи на 1 ноември во селото Црнеец во близина на Стрежево, тие заради користољубие грубо ги злоупотребувале и ги изложиле на непотребни маки кучињата.
Првообвинетиот организирал борба меѓу двете кучиња во дворот од семејната куќа на второобвинетиот, кој претходно имал подготвено ринг каде се одвивала борбата. Настанот го следеле и други лица од Косово, Грција и Македонија, кои полициските службеници ги затекнале на лице место и кај кои биле пронајдени парични средства во различни апоени на евра и денари наменети за обложување.
Како резултат на борбата, со особено тешки повреди се здобило кучето од расата пит бул, кое имало угризни рани со различна големина, тешки повреди на главата и видливи знаци на трауматски шок.
Доказите обезбедени до овој момент упатуваат на сомненија дека се работи за организирана операција за која бил подготвен ринг за борби за кучиња во кој се пронајдени траги кои укажуваат дека вакви борби се случувале и друг пат, како и лекови за пружање прва помош на повредени кучиња.
Јавниот обвинител до Основниот суд во Битола достави предлог за продолжување на претходно определената мерка куќен притвор за двајцата македонски државјани.
Доколку двајцата странски државјани кои се во бегство од моментот на сторување на делото, не бидат обезбедени до почетокот на судската постапка, јавниот обвинител ќе предложи нив да им се суди во отсуство.

