Македонија
Ѓорѓиевски :“Моја земја, мој дом” ќе им овозможи на граѓаните целосна сопственост на имотот

Кампања насловена “Моја земја, мој дом” започна денес во Општина Кисела Вода. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски одржа прес конференција на која ги изнесе деталите за оваа акција која има за цел да ги стимулира граѓаните кои ги легализирале своите објекти да го откупат и земјиштето, како и дворното место.
„ Денес започнуваме со една поголема кампања која на дел од жителите на општина Кисела Вода ќе им овозможи целосна сопственост на имотот. Имено, ако тие претходно имаа нелегални градби и го искористија правото на легализација, сега објектот е и правно нивен и со него можат да располагаат како што сакаат. Овие граѓани ги информираме и мотивираме да го откупат земјиштето под легализираниот објект по цена од едно евро за квадратен метар. Притоа, не е важно дали објектот се наоѓа во дел на општината каде има или нема донесен Детален Урбанистички План. Важно е само земјиштето под него да е во државна сопственост. Дополнително, ако се работи за семејно домување, сопствениците на, сега веќе, легалниот објект, можат да го откупат и дворот. За откуп на дворот, потребно е за него да има урбанистичко-планска документација. А цената е повторно-едно евро за еден квадрат, доколку се работи за површина до 500 квадратни метри-нагласи градоначалникот Ѓорѓиевски.
Тој упати повик до сите граѓани кои го завршиле процесот на легализација да ја започнат процедурата за докомплетирање на имотот, наведувајќи дека за тоа ќе имаат целосна логистичка поддршка од службите на Општина Кисела Вода.
„ Оформени се тимови кои ќе работат на оваа проблематика, а секако, првиот чекор е да се посети општинската веб страница. Таму е наведена целосната потребна документација, критериумите и контакт на кој може да се добијат дополнителни информации. Исто така, потребните информации за отпочнување на процесот можат да се добијат и на шалтер, во архивата на Општина Кисела Вода, која од неодамна работи и во втора смена, до 20 часот. “Моја земја, мој дом” е акција која ја почнуваме денес, а ќе трае се додека не му излеземе во пресрет и на последниот граѓанин кој има желба да си го откупи земјиштето и да биде свој на своето- подвлече градоначалникот Ѓорѓиевски, додавајќи дека забрзано се работи и на финализирање на процесот на легализација на дивоградбите и дека само во првиот месец од неговото доаѓање на функцијата градоначалник се изготвени околу 300 решенија за легализација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Револт за разрешувањето на Јовев, пациенти пред Кардиологија: Срамота е ова што се прави

Пациенти дојдоа пред Кардиохирургија каде изразуваат поддршка на професорот доктор Сашко Јовев, разрешен од министерот за здравство Фатмир Меџити. Тие посочија дека срамота е да биде разрешан Јовев оти е професионалец. Тие посочија дека од него зависат животите на граѓаните.
„Дојдовме да дадеме поддршка на Јовев, кој се бореа да ни дадат нови животи. Револтирани сме од непрофесионалноста на министерот, каде сака да стави политички, а не стручни кадри. Од нив зависат нашите животи“, рече Јанкуловски Сашко, пациент.
На протестот излегоа и вработени од Клиниката.
„Дојдовме од проста причина, бидејќи не сакаме да го изгубиме стручњакот кој перфектно си ја врши својата работа. Срамота е ова што се прави. Јас сум оперирана пред седум месеци, сега се чувствувам преубаво. Не смееме да дозволиме ова да се случи, да биде шиканиран професорот“, рече Спасовска Љупка, пациентка.
Пациентите посочија дека благодарение на интервенциите од Јовев, тие сега се живи и здрави.
„Пред една година имав тешка операција на Кардиохирургија. Дојдов во последен момент како тежок случај. Благодарение на професорот и тимот, со силна и тешка операција, преживеав. Еве живеам и се надевам дека и натаму ќе живеам. Кога лежев на Интензивна нега, ќе се сеќавам на моментите кога секој ден по неколку пати професорот доаѓаше на интензивна нега, а нешто не беше во ред. Професорот прашуваше како сум, се бореше за пациентите, даваше насоки. Му давам голема поддршка не е во ред ова што се прави“, Љупчо Ангеловски, пациент.
Дел од нив, сметаат дека ваквото постапување е бркање од дома на прфесорот.
„Потресена сум и ме погоди ова. Оперирана сум од срце. Ме прими од ходник. Не може некој да го избрка од дома, он е овде дома. Нема правда овдека, срамота е ова. По толку трансплатации, дежурства… Кога и да отворам очи луѓето работеа овдека. Срамота е ова, срамота е човек да го избркате од дома“, рече Тина Алексовска, пациентка.
Јовев вчера беше разрешен од директорската позиција.
Македонија
„До кога ќе молчиме и ќе ги бркаме стручните лица од земјава“, се огласи ќерката на чиј татко доктор Јовев му трансплатираше ново срце

По смената на директорот на Кардиохирургија Сашко Јовев, социјалните мрежи се преполни со реакции од пациенти и медицински лица, кои го осудуваат потегот на министерот Фатмир Меџити.
Меѓу реакциите е и таа на Елеонора Димовска, ќерката на чиј татко докторот Јовев му трансплатираше ново срце пред 9 месеци. Таа вели дека Јовев како доктор бил многу професионален и посветен.
„Ако се прашувате зошто и од каде ми е правото јас да зборувам на темава еве и тоа ќе Ви го кажам, пред 9 месеци беше направена последната трансплантација на срце, а личноста која го прими срцето беше мојот татко. Па оттука можам да зборувам за она што го направил професорот.
Од една страна за жал, а од друга за голема среќа долг период секое утро, повторувам СЕКОЕ УТРО по неколку часа поминувавме во просториите на државната кардиохирургија, и сведочевме на ангажираноста на професорот, сведочев дека ниту еднаш не пропушти визита, немаше момент некој од пациентите да го побара а он да не е присутен, но по зборовите на НАДЛЕЖНИТЕ можеби и операцијата на татко ми од дома ја правел, не работел ништо 10 години.
И не, не го кажувам ова за да го бранам Професорот, го кажувам ова затоа што не можам да си поверувам каде живеам, во држава каде што се разрешуваат луѓето кои спасуваат животи.
И знаете ли што ми е најголем проблем, тоа што познавајќи го професорот и целиот тим кој што е покрај него после ова ќе ја продолжат нивната кариера негде каде што ќе ги ценат, негде каде што ќе ги почитуваат, негде многу далеку од нашава Македонија, и тука нема да остане стручно лице кое ќе знае да го одржува во живот срцето на татко ми, срцата на сите трансплантираните, срцата на оние кои чекаат трансплантација, ако воопшто ја има во иднина.
Затоа што нивната работа не завршува кога ќе излезеш од болница, на располагање за 24 часа 365 дена во годината, секојдневно ја контролираат терапијата и ја дозираат. И сега навистина сум загрижена кој ќе ја преземе нивната работа, кој ќе го одржува во живот татко ми? или твојот татко, мајка, сестра, брат, сопруг, сопруга…? До кога ќе молчиме и ќе си прават кој што сака? До кога стручните лица ќе ги бркаме и ќе ставаме на позиција луѓе кои немаат допирна точка со позицијата, прочитавте? новиот раководител на кардиохирургија е кардиолог, повторувам кардиолог е раководител на кардиохирургија а не кардиохирург.
Искрено се надевам дека сите оние кои учествувале во одлукава се молат еден ден нивниот или животот на нивните блиски да не зависи од РАЗРЕШЕНИОТ, затоа што благодарение на нив, нема да биде тука!“ напиша Димовска на Фејсбук.
Македонија
Левицата: ДПМНЕ во Битола со 15 милиони денари долг ги загуши јавните претпријатија во една година

Погубниот тренд на генерирање долгови на јавните претпријатија и нивно катастрофално менаџирање продолжува и со локалната власт на ДПМНЕ. Наместо кривични пријави за корумпираното работење на претходните локални власти од СДС поради неодговорно раководење со јавните претпријатија, градоначалниците на ДПМНЕ продолжуваат да ги задолжуваат општините и општинските претпријатија, реагираат од Левицата.
„Катастрофална е ситуацијата во општина Битола, со која раководи градоначалникот од редовите на ДПМНЕ, Тони Коњановски. Финансиските извештаи покажуваат дека, само во една година, долгот во три јавни претпријатија во оваа општина се зголемил за неверојатни 15 милиони денари! Најкритична е состојбата во битолското ЈП Водовод, каде долгот се зголемил за 10 милиони денари и на крајот од 2022 година изнесувал речиси 18.500.000 денари“, се истакнува во нивното соопштение.
Со оглед на фактот дека голем дел од општините прв пат се задолжија со кредити, како што беше случајот со општина Аеродром, јавно прашуваме, додаваат од оваа партија, дали на овој начин партијата на Мицкоски ги финансисира своите скапи предизборни активности?! Веќе воспоставена пракса е овие две криминогени партии да ги цедат буџетите на централно и локално ниво за свои лукративни цели, а особено кога е во прашање предизборен период.
Според нив, јасно е дека овие две партии немаат капацитет да излезат од своите тесно партиски интереси и три децении меѓусебно ги амнестираат своите криминали, додека јавните институции се загушени во партизација, нефункционалност и долгови. Оценуваат дека нивниот модус операнди, како што велат, единствено почива на владеење преку партиски вработувања и тендер-зделки, без кои овие две партии веднаш би биле избришани од политичката сцена.