Македонија
Ѓорѓиевски подготвуваше оброци за народните кујни на Скопската епархија, ги повика сите кои можат да се приклучат
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, се приклучи во подготовката на оброци за народните кујни на Скопската Епархија, во рамки на хуманитарната организација „Св. Спас“ од Драчево.
„Заедно со отец Оливер од хуманитарната организација „Св. Спас“ од Драчево, подготвивме повеќе од 200 оброци кои ќе бидат распределени во пунктовите на народните кујни на Скопската Епархија. Мал гест, но со силна порака дека човечноста живее и дека добрината не згаснува. Свесни сме дека не можеме да помогнеме насекаде и на сите. Но можеме да дадеме сè од себе за оние на кои им е најпотребно, за нашите сограѓани да знаат дека не се сами. И токму тоа го правиме со срце, со искреност и со вера. Со отец Оливер, човек кого е благослов да го имаш покрај себе и кој секојдневно сведочи дела достојни за длабока почит, сме заедно уште од самото формирање на организацијата. Зад нас стојат бројни хумани дела, а пред нас уште многу можности да правиме добро. Така ќе продолжиме и понатаму. Затоа што само преку добри дела, без разлика на политичка, верска, етничка или каква било припадност, можеме да создадеме насмевки и да внесеме светлина таму каде што таа недостига. Ги повикувам сите кои можат, кои имаат и кои во срцето носат желба да помогнат, да се приклучат на оваа благородна мисија“, напиша Ѓорѓиевски на социјалните мрежи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

