Македонија
Ѓорѓиевски по справувањето со надојдените води: Наместо да излезат на терен, некои чекаат да се случи нешто лошо за да ја напишат својата следна критика

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски со објава на социјалните мрежи по синоќешните случувања, во кои му се приклучи на градоначалникот на општина Студеничани, Азем Садику, во справувањето со надојдените води на Маркова Река за ситуацијата што побргу да се стави под контрола, упати порака: во моменти на криза не постојат институционални граници, постојат само човечки животи. Потенцира дека во критични моменти не треба да се чека, туку да се дејствува – со срце, со раце, со присуство на терен. Тој упати благодарност до сите што помогнаа, но и остра критика кон оние што кризата ја користат само за политички поени.
„Во ноќите кога државата најмногу треба да биде држава, нема надлежности – има само човечки животи. Кога има несреќа, никој не треба да гледа дали надлежноста е на една или на друга институција, град или општина. Во тие моменти, единствено, важно е да се покажат емпатија и солидарност со луѓето.
Така постапивме и оваа ноќ. Заедно со моите колеги, Азем и Дејан, градоначалниците на Студеничани и Аеродром, останавме до раните утрински часови.
Иако надлежноста е на Град Скопје, од каде што веќе подолго време бараме санација на коритото на Маркова Река (за што уредно имаме доставено документација и известување дека нема предвидени средства), решивме да не чекаме уште една трагедија. Презедовме активности веднаш. Како луѓе, како јавни личности, како совесни политичари.
Во текот на ноќта со лична ангажираност учествувавме во евакуацијата на нашите сограѓани: Енис, Фуркан, Хамза и Али, кои беа заглавени во надојдените води – сега се безбедни.
Мустафовски, кој беспомошно се бореше да не стане жртва на разбеснетата река, денес е дома.
И уште многу други – денес се живи и со своите семејства благодарение на брзата реакција.
Изразувам искрена благодарност до премиерот Христијан Мицкоски, кој веднаш се стави на располагање и со кого бевме во постојана комуникација до доцна во ноќта. Благодарност и до сите колеги, волонтери и граѓани, кои не прашаа во чија надлежност е, туку помогнаа – со срце и со раце.
Но, секогаш кога има неволја, додека едни помагаат, други прават статуси од топлината на својата дневна соба.
Наместо да излезат на терен, некои чекаат да се случи нешто лошо за да ја напишат својата следна критика.
Тоа не е политика. Тоа е бедна навика што ќе остане зад нас. Засекогаш“, вели Ѓорѓиевски.
Како што вели, политичар се покажува кога е најтешко. „Кога не се штедиш, кога не се криеш, кога не глумиш статуси, туку си таму, со луѓето. Во првите редови“, порача Ѓорѓиевски.
Претходно, со своја објава на социјалните мрежи реагира и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која напиша дека градоначалникот Орце Ѓорѓиевски бадијала се фотографира со лажен хедонизам. Му порача дека со превенција се спречуваат поплави, а не со глумење спасител.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Уште еден случај на семејно насилно – скопјанец со возило се обидел да ја прегази сопругата, па ја истепал

Уште еден случај на семејно насилство во Скопје, сопруг се обидел да ја прегази сопругата со автомобил, кога не успеал, ја истепал.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кривично дело – Телесна повреда.
„При вршење семејно насилство осомничениот 41-годишник телесно ја повредил неговата сопруга. Најпрво, во алкохолизирана состојба, ја натерал веднаш да одат и од банкомат да извадат пари од нејзината плата за да купи дрога. Оштетената го послушала, но враќајќи се назад кон нивниот дом, тој започнал вербална расправија, го запрел возилото и и кажал да излезе. Откако излегла, започнал да го врти возилото со намера да ја удри.
Бидејќи не успеал, го запрел возилото, тргнал кон оштетената по што и го одзел мобилниот телефон за да провери со кого разговарала. Во еден момент и физички ја нападнал, удирајќи и шлаканица и нанесувајќи и удари во пределот на лицето и вратот, од кои удари оштетената се здобила со телесни повреди изразени во вид на нагмечувања на лицето, на вратот и на раката“, соопшти Обвинителството.
Ценејќи ги сите околности, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка предложи да определи мерка на претпазливост – забрана за осомничениот да се приближува или воспоставува, односно одржува контакти или врски со жртвата.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ со една реченица одговара на честитката од Заев до Ципрас: Она со кое паметниот се срами, недоветниот се гордее

ВМРО-ДПМНЕ му одговара на честитката на Заев до Ципрас по повод Преспанскиот договор во една реченица.
„Зоран Заев упати честитка до Алексис Ципрас по повод седумгодишнината од Преспанскиот договор. Одговорот е само еден: она од кое паметниот се срами, недоветниот се гордее“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Заев му честиташе на Ципрас за седумгодишнината од договорот потпишан на 17 јуни 2018 година во Преспа, кој овозможи членство на Северна Македонија во НАТО.
Договорот го потпишаа тогашните министри за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот во преговорите, Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување, Јоханес Хан, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, и други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.
Македонија
Владата ја усвои новата стратегија за конфискација на незаконски стекнат имот

Со задоволство информирам дека на денешната седница на Владата беше усвоена Стратегијата за зајакнување на капацитетите за финансиски истраги и конфискација на имот за периодот 2025–2028, заедно со Акцискиот План, изјави вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи.
„Овој документ ја одразува непоколебливата посветеност на Владата на Република Северна Македонија за борба против организираниот криминал и корупцијата, преку зајакнување на надлежните институции со структуриран и систематски пристап, кој има за цел зголемување на ефикасноста при конфискацијата на незаконски стекнат имот“, рече тој.
Една стратегија, додаде Фетаи, колку и да е добра, останува само документ доколку не се спроведува ефикасно.
„Поради тоа, ги зајакнуваме механизмите за следење и надзор, преку основање на Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот, кој ќе обезбеди успешно спроведување на утврдените цели“, рече тој.
Кабинетот на заменик-претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење ќе има централна улога во координирањето и поддршката на овие напори, обезбедувајќи постојана посветеност за реализација на оваа стратегија.