Македонија
Ѓуровски: Универзитетите тешко доаѓаат до средства за научни истражувања

Денеска, на Техничкиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, по повод Светскиот ден на науката, свечено беше отворена втората факултетска студентска конференција и прва универзитетска студентска конференција „Техниката и урбаниот развој“, на тема „ Технологијата и општествениот развој низ аголот на студентите“.
На конференцијата студентите од факултетските единици при Универзитетот „ Св. Климент Охридски“ – Битола, нивните професори и стручни соработници од производствените капацитети, ќе ги разменат своите знаења, научни истражувања и долгогодишни искуства во решавање на глобалните проблеми во урбаното општество.
„Истражувањето и науката не се високорангирани во приоритетите на државата. Буџетот што се издвојува за истражување и развој, изразен како процент од домашниот бруто-производ (БДП) изнесува под 0,4 %, што е минимален процент во споредба со буџетот што се издвојува во земји со слични карактеристики како нашата, како што е, на пример, Словенија, каде што издвојувањата за таа намена се околу 2,4 %. Да не ги земаме предвид високоразвиените земји кои силно се потпираат на науката и истражувањето во нивниот севкупен развој, кај кои издвојувањата се над 3 % (Израел, Шведска, Финска)“, нагласи во своето обраќање проректорот на УКЛО, Марјан Ѓуровски.
Тој оцени дека универзитетите и факултетите тешко доаѓаат до средства за свои истражувања.
„Универзитетите во нашата држава се главно државни и во согласност со тоа јасно е дека средствата добиени од државата се недоволни за некаква сериозна истражувачка работа. Улогата на државата во истражувањето и науката е јасна и таа е слаба“, кажа Ѓуровски.
Темите високо образование, научноистражувачка работа, техничко-технолошки развој, конечно, треба да станат доминантни и клучни теми во јавната дебата бидејќи тоа е единствената сфера што влијае на сите други сегменти во општеството, смета Ѓуровски. Според него, високото образование во изминатиот период ги преживува сите негативни тенденции во македонското општество зашто постои демотивација кај студентите и професорскиот кадар, сите треба да работиме на надминување на оваа состојба, оцени проректорот Ѓуровски во своето обраќање пред студентите.
На студенстската конференција другите соговорници нагласија дека денес е потребно да се промени перцепцијата за важноста на науката во општеството, што се прави и преку одржувањето вакви конференции, нејзината применливост, да се доближи универзитетот до младите, а младите да се мотивираат да имаат свои проекти, трудови, настапи како оратори, кои преку споделувањето научно-популарни говори ќе ја имплементираат науката во секојдневниот живот, во кој особено место зазема технолошкиот развој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Судски совет му врати на Пендаровски по критиките: Тоа се нивни видувања

Критиките од претседателот Стево Пендаровски, за новоизбраниот претседател на Судски совет, Сашко Георгиев се само негови видувања. Според Георгиев, укажувањата од шефот на државата дека Судски совет се избрука – се само нивна констатација. Тој само се согласува дека има простор и за критики.
„Ќе потенцирам дека во однос на некои изјави на еве релевантни фактори ќе истакнам дека тоа се нивни видувања, односно во делот на политички видувања не навлегуваме, тоа е нивно право со нивна констатација. Ние како Судски совет вчера имавме соопштение, тоа произлезе од колегиум каде дискутиравме по однос на ваквите состојби и го кажавме тоа што го имавме како заклучок на работен колегиум. Морам да потенцирам дека ги слушавме сите овие дискусии, и ќе потенцирам дека ние сме тука да работиме согласно закон“, рече Георгиев.
Според него, како Судски совет, ќе бараат одговорност од судиите.
„Од страна на изнесените критики во делот на состојбите, во добар дел се согласуваме како состојби каде имаме простор за критика, ќе ги спомнам само добар дел од познатите сензитивни предмети од СЈО каде што факт е дека завршница во добар дел се уште нема. И тука сме да работиме на тој дел, тоа е стар проблем кој што веќе неколку време се провлекува каде што општа состојба е перцепцијата дека имаме проблем во тој дел, каде имаме застој, односно немаме конкретна завршница. Тука сме ако Судски совет да дискутираме за тоа, да работиме, да бараме одговорности од судиите од тој дел, согласно законот, а од друга страна критиките изнесени и од амбасадорите со некој дел како нивно видување се согласуваме, дека владеењето на правото пред се мора да функционира, да работи на тој дел советот“, вети Георгиев.
Македонија
Јаневски до Арсовска: Добивте покачување над 70 илјади денари, земате плата над 2.500 евра, не работите ништо и донесовте банкрот

„Дали Вие знаете да одговорите директно на прашање? Некогаш? Кратко и јасно со ‘да’ или ‘не’. Дали Градот е блокиран? Да или не, толку. Дали ќе ни ги дадете картичките, дали ќе ни ја дадете информацијата, да или не? Само што добивте понуда и решение за меморандум за соработка, првиот Ваш одговор е нека ни прати директорот. Значи, тој пак да биде крив. Пак некој друг е одговорен, само не Вие. Пак некој друг да ја заврши Вашата работа, само не Вие“, нагласи Филип Јаневски, советник во Советот на Град Скопје од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Јаневски ѝ порача на градоначалничката на град Скопје да пребара во македонскиот речник што значат зборовите транспарентност и отчетност.
„Вие сте транспарентни? Па понетранспарентен градоначалник јас немам видено откако сум роден. Јас мислев нема полош градоначалник од Вашиот претходник, ама сум се излажал“, рече советникот.
Јаневски укажа дека Арсовска ја избрале речиси 120.000 граѓани за да ги реши проблемите на градот, кои ги создале нејзините претходници, но, за жал, таа само повеќе ја влошила состојбата.
„Вие велевте јас не сум политичар, јас сум менаџер, ова ли е тоа менаџерство? Вака ли Вие менаџирате“, ја запраша тој Арсовска.
„Сметате дека ние 45 советници не заслужуваме не знам колкави паушали? Вие знаете колкава плата земате? Тукушто добивте покачување на платата пред еден месец од 78 %. Сигурно земате над 2.500 евра. А ниту одговарате на прашања ниту ништо. Знаете кој Ве вработува Вас? Граѓаните! Тоа е исто како јас на работа да земам плата од сопственикот на фирмата и кога ќе ми се јават и ме прашаат нешто поврзано со работата, јас да не им одговорам ниту на менаџерот, ниту на директорот, ниту на сопственикот“, нагласи советникот.
„Вас граѓаните Ве прашуваат или лично или преку нас советниците, кои сме нивни легитимни претставници, Вас Ве прашуваат до каде е ова, до каде е она, а Вие молк. Вие напаѓате дека други се криви“, рече Јаневски.
Тој ѝ порача на Арсовска, ако има доблест, нека си поднесе оставка.
Македонија
Намалена затворската казна на Марјан од „Доказ М”, за делот за уцените ќе се постапува одново

Апелациониот суд Скопје во интерес на јавноста и медиумите информира дека донесе пресуда со која жалбата на Основното јавно обвинителство ја одби како неоснована, а жалбите на обвинетиот М. С. делумно ги уважи. Обвинетиот М. С. го осуди на единствена казна затвор во траење од (2) две години и (6) шест месеци и на глоба во износ од 5.000 евра во денарска противвредност – 308.450,00 денари.
На обвинетиот М. С. од С. му се изрекува и забрана за вршење професија, дејност или должност поврзани со кривичните дела, односно забрана да врши регистрација на домени и да се јави како регистратор или сопственик на портал за време од (6) шест години и престанок на регистрацијата на сите регистрирани домени во кои обвинетиот се јавува како сопственик на портал.
Пресудата на Основниот кривичен суд Скопје во делот за кривичното дело уцена е укината и предметот во тој дел е вратен на првостепениот суд на повторно судење од причина што првостепениот суд не ги утврдил со сигурност решителните факти кои се од влијание за правилна примена на материјалното право по однос на елементот од битието на кривичното дело уцена.