Македонија
Јавното обвинителство ниту еднаш не дало позитивно мислење и не се согласило со условен отпуст на Сашо Мијалков
Поради интересот на јавноста во врска со условниот отпуст на осуденото лице Сашо Мијалков и неговото право да ја напушти државата, Јавното обвинителство појаснува дека ниту еднаш не дало позитивно мислење и не се согласило со условен отпуст на осудениот, информираат од ЈОРМ.
„Надлежниот јавен обвинител при првостепеното одлучување за условен отпуст на осуденото лице Сашо Мијалков даде негативно мислење. По донесената одлука со која му беше одобрен отпустот, обвинителот вложи и жалба, меѓутоа таа беше отфрлена како недозволена, бидејќи во меѓувреме, со измени на Законот за извршување на санкциите објавени во Службен весник на 2 април 2024 година, од членот 254 е избришана одредбата која предвидуваше обврска решението за условен отпуст да се доставува до јавниот обвинител, а со членот 256 практично целосно беше одземена можноста на јавниот обвинител да се жали на одлуката за условен отпуст. Тоа значи дека од тие измени, јавниот обвинител ниту е известен ниту има можност да се жали на условниот отпуст. Со оглед на тоа, во мај 2024 година, кога Сашо Мијалков добил конечна одлука за условен отпуст, јавниот обвинител воопшто не можел да има никакво влијание врз таквата одлука ниту врз заштитениот надзор врз условно отпуштениот. Тој надзор го одредува исклучиво Судот и согласно закон (член 255) може да се состои во посебни мерки на помош, грижа, надзор или заштита кои ги спроведува надлежен орган согласно со закон.
Кога станува збор за предметот “Трезор”, надлежниот јавен обвинител и таму ниту еднаш нема дадено позитивно мислење за враќање на патната исправа. Напротив, на 31.05.2024 година обвинителот даде негативно мислење за враќање на пасошот на обвинетиот, а потоа на 19.06.2024 година вложи и жалба на решението на Кривичниот совет со кое беше укината таа мерка на претпазливост. Позитивно мислење во во тој предмет е дадено само во однос на укинување на гаранцијата и тоа по донесена правосилна ослободителна пресуда од Апелацискиот суд.
Позитивно мислење на јавниот обвинител за определените гаранции во сосема друга кривична постапка која завршила правосилно со ослободителна пресуда на Апелацискиот суд не може да однесува на мерките потребни за надзор над условниот отпуст за правосилно осудено лице“, стои во соопштението на Јавното обвинителство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски со претседателот на републиканците ја следеше инаугирацијата во Вашингтон
Премиерот Христијан Мицкоски ја следеше инаугирацијата на Трамп заедно со претседателот на Републиканската партија на САД, Мајкл Ватли.
„Заедно со претседателот на Републиканската партија на САД, Мајкл Ватли во ВИП ложата во Вашингтон ги следиме инаугуративните активности на новиот американски претседател, Доналд Трамп“, објави Мицкоски на Фејсбук.
Премиерот денеска присуствуваше на балот во Вашингтон, кој се одржа пред назначувањето на новиот претседател на САД, Доналд Трамп, и на кој присуствуваа видни политички личности од повеќе земји од светот, како и познати бизнисмени.
Скопје
Нормализиран сообраќајот од средно Водно до св. Пантелејмон
Сообраќајот на патниот правец Р 2138 од средно Водно до св. Пантелејмон од 11.00ч. е нормализиран.
Регионалниот ЦУК (РЦУК) Скопје извести претходно дека од Општина Карпош вчера добиле информација дека патот меѓу Пантелејмон (Горно Нерези) и Средно Водно не беше безбеден за движење со моторни возило и апелираа истиот да не се користи поради голомразица.
Од 15.11.2024 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2025 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата, соопштија од АМСМ.
Македонија
Мицкоски со Гренел: Се бориме за секој интерес на Македонија
За време на посетата на САД, во Вашингтон, Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски оствари повеќе активности и средби со истакнати личности од американскиот политички, општествен и економски живот.
Тој се сретна и со Ричард Гренел, нов претседателски пратеник за специјални мисии и политика.
За средбата Мицкоски истакна:
„Разговаравме за актуелните случувања, за предизвиците со кои се соочуваме како држава и нашето остварување на стратешките интереси врзани со членството во Европската Унија. Воедно побарав поголемо ангажирање од нашите стратешки партнери на тој план, како и искористување на потенцијалите на економски план. Се бориме за секој интерес на државата.“, посочи Мицкоски.