Македонија
Јакимовски до Јаневска: Се јавувам доброволно да одам на часови кај министерката да ми одговори како да ги изменаџирам парите
Градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски уште еднаш побара од министерката за образование Весна Јаневска да ги подмири трошоците за греење на училиштата во Карпош во висина од 8.3 милиони денари, за да можат децата да имаат нормално затоплување.
„Не знам дали министерката доволно добро го чита законот, не знам дали и е доволно познато, дека сите обврски за функционирање на училиштата, а тоа значи за електрична енергија, за водоснабдување, за ѓубретарина, за тековно-инвестиционо одржување надлежно си е министерството за образование. Тоа што министерството за образование не си предвидело доволно пари во буџетот за училиштата во општина Карпош е исклучиво вина наминистерот за образование. И не знам зошто се обидува да ја префрли топката на локалната самоуправа, прозивајќи ме мене дека сум можел да се снајдам. Овде не е потребно снаоѓање. Овде е потребно министерот за образование да си ги обезбеди парите за да можат децата од училиштата на територија на општина Карпош да имаат нормално затоплување, како што имаат сите деца во светот.
Се прашува министерката како е можно само во општина Карпош да нема доволно средства за затоплување, а сите останати општини да имаат
доволно. Многу едноставно министерке. Од времето на Груевски постојано кратевте кај општина Карпош, а постојано додававте кај вашите
градоначалници. И ова ви се провлекува постојано. Минатата година плативме 6 милиони денари, оваа година 8,3 милиони денари нема да ви ги
платиме. Ќе си ги обезбедите вие од министерство за образование. Ако имавте за Мајка Тереза 35 милиони евра, ќе штрбнете малку од таму и ќе обезбедите средства за да ги платите сметките, рече Јакимовски.
Градоначалникот ја праша министерката, ако навистина е негова обврска да го плаќа греењето во училиштата, зошто тогаш министерството дава пари за истото?
„Сакам да прашам, ако е моја обврска да го плаќаме греењето, зошто тогаш министерството дава пари? А, ако е нејзина обврска да се подмират трошоците за затоплувањето, зошто тогаш бара и општината да контрибуира во плаќањето на сметките? Зошто останатите општини не го трошат буџетот за да плаќаат затоплување, туку тоа мора да го прави само општина Карпош? Овој дискриминтароски однос кон општината трае веќе подолго време, но наместо да се смирува, таа ескалира. Општината презела се за да ги намали трошоците во училиштата.
Сите училишта да се реконструираат, на сите училишта се ставени фасади, секаде се сменети прозорите. Во најголем дел од училиштата
ставивме фотоволтаици. И тоа било обврска на министерството за образование. Еве прашање до министерката. Нека провери во последните
15 години, колку денари имаат дадено за тековно или инвестиционо одржување? Немаме никогаш денар добиено. Се тоа прави локалната
самоуправа. И на крајот прашањето, зошто постои министерството за образование? Тие трошат 5,5 милијарди евра, а ние со 8 милиони евра треба да ги покриеме сите трошоци, вклучувајќи ги и дупките кои ни остава министерството, смета Јакимовски.
На барање на новинарите да ја искоментира изјавата на министерката каде вели дека „блок дотациите се исплатени, понатаму обврска на
општините е како ќе ги менаџираат тие средства“, градоначалникот одговори: „Замислете сега, северџанката министерка мене ќе ме учи како да ги менаџирам парите. Парите што ми ги дала сме ги префрлиле на училиштата. Како да ги изменаџираме? Еве се јавувам доброволно да одам на часови кај министерката да ми одговори како да ги изменаџирам парите. Потрошиле училиштата 100 банки, а таа дала 2 банки. Попросто има ли од тоа? Тие средства не се доволни ни од далеку“, објави Јакимовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
АХВ откри нерегистрирана кујна и оштетени површини каде што се готви за деца
Агенцијата за храна и ветеринарство при спроведени контроли во 36 училишни кујни утврдила дека една кујна не била регистрирана, а во кујните во четири училишта биле оштетени работните површини. Земените примероци од храна биле во ред, а од земените брисеви само во едно училиште лабораториските тестирања детекирале незадоволителни резултати.
За нерегистрираната кујна изречена е прекршочна санкција и наредено е итно регистрирање.
Издадени се и решенија со мерки за отстранување на недостатоците утврдени во четирите училишни кујни каде биле оштетени работните површини.
– Агенцијата за храна и ветеринарство продолжува со спроведување на вонредни инспекциски контроли кај операторите со храна на територијата на цела држава, со акцент контролите во кујните во училиштата и установите каде се згрижуваат граѓани од ранливите категории, каде контролите ќе се спроведуваат континуирано, се наведува во соопштението.
Македонија
Заглавени возила во Маврово и на Попова Шапка, се вози и со летни гуми
Од Центарот за управување со кризи информираат дека на Единствениот број за итни случаи 112 добиле пријави од заглавени возила во Маврово и на Попова Шапка.
ЦУК посочуваат дека денеска во 13:05 часот добиле известување од службени лица на Територијалната противпожарна едница од Гостивар за заглавено службено возило меѓу хотелот „Радика“ и Бунец и дека со нив се и околу 20 други возила заглавени од рано утрото. Во моментов се чека поголема машина-фреза од „Македонија пат“ за расчистување на снегот.
– Службените лица бараат интервенција од „Македонија пат“ со механизација за чистење на патот, како и од полицијата да ги застанат возилата за да се избегне дополнителна гужва, пренесуваат од ЦУК.
Од ЦУК соопштуваат дека на Единствениот број за итни случаи 112 во 13:30 часот добиле пријава и за блокирани возила пред влезот на Попова Шапка на раскрсницата до викендиците.
– РЦУК Тетово известува дека контактирале со ПС Попова Шапка, пријавителот и „Македонија пат“. Истите известиле дека блокираните возила на Попова Шапка не се како резултат на неисчистени коловози туку се работи за несовесни граѓани кои со летни гуми се упатиле на Попова Шапка. Патот е прооден, моментално две возила го чистат истиот. Проблемите се настанати од луѓето. Возилата со зимски гуми без никакви проблеми се движат по патот. Патрола од ПС Попова Шапка е на местото на настанот. Според дежурниот во ПС Попова Шапка во наредниот период може да се јават и други пријавувачи за истиот проблем бидејќи како ќе одминува времето поголем број на луѓе ќе почнат да се симнуваат од Шапка кон Тетово и да се создаваат поголеми колони од возила, велат од ЦУК.
Македонија
Бразилки од 26 до 38 години давале сексуални услуги во изнајмени станови во „Џевахир“ во Скопје
Единицата за трговија со луѓе и криумчарење мигранти на МВР вчера уапсила четири лица за посредување при вршење проституција и перење пари. Според досегашните сознанија на МВР, во периодот од декември лани бразилска државјанка, со дозвола за привремен престој во земјава, заедно со двајца македонски државјани и со две неидентификувани лица од Португалија организирале врбување, прифаќање, превезување и сместување на женски лица од Бразил.
Поради постоење на основано сомнение дека сториле кривични дела – „Посредување при вршење на проституција“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“ приведени се Д.Ј.Н.М. (34), М.М. (57) и С.Д. (47), додека четвртоосомничениот Н.М. (23) се товари за за кривично дело – „Перење пари и други приноси од казниво дело“.
– Тие, во посочениот период, заради вршење на проституција, во РСМ, прифатиле пет бразилки од 26 до 38 години кои ги сместувале во претходно изнајмени станови во Скопје, во комплексот „Џевахир“. Девојките во двата стана каде што биле сместувани давале сексуални услуги на клиенти кои со нив стапувале во контакт преку меѓународна веб-страна наменета за понуда на ескорт девојки во цела Европа. На страницата девојките имале креирани еден или повеќе профили на кои биле постирани телефонски броеви, ценовник на сексуални и дополнителни услуги и фотографии со експлицитна содржина. Првоосомничената ги контролирала профилите на девојките, контактирала со потенцијалните клиенти: го организирала дневниот распоред на клиентите за секоја девојка, го определувала времетраењето на давање на услугите кои се движеле од 150 евра за половина час. 200 евра еден час, 300 евра два часа, 450 евра за три часа и 800 евра за цела ноќ за сексуални услуги; одобрувала дополнителни услуги за клиентите кои чинеле од 70 евра и повеќе; и гарантирала за безбедноста на девојките. За нејзиниот ангажман добивала 30% од заработувачката на девојките што ја делела со второ и третоосомничениот кои пак организирале прифаќање, превоз, сместување, безбедност и грижа за секојдневните потреби на девојките, велат од Министерството за внатрешни работи.
Од МВР посочуваат дека со намера да го прикрие вистинскиот извор, локацијата, понатамошниот тек и вистинските сопственици на паричните средства стекнати со вршење на кривично дело „Посредување при вршење на проституција“, првоосомничената дел од паричните средства преку систем за електронски трансфер на пари за територијата на државава ги уплаќала, во износ од 26.151 евра, кон четири лица во Португалија и три лица во Бразил.
– Второосомничениот пак, во два наврати дел од паричните средства стекнати од претходно сторено кривично дело во износ од 3.000 УСД ги уплатил кон едно лице во Норвешка, а во повеќе наврати извршувал готовински исплати на парични средства во износи од 440 евра по основ на закупнина за становите, а направил и повеќе готовински исплати на парични средства за различни сопствени потреби и потреби на девојките. Третоосомничениот преку субагент за трансфер на пари износ од 1.965 евра испратил на првоосомничената на нејзина сметка во Португалија, а 150 евра испратил кон физичко лице во Колумбија. Четвртоосомничениот пак, кој во повеќе наврати бил корисник на сексуални услуги од една од девојките, дури и со одобрување на првоосомничената и со паричен надоместок од најмалку 5000 евра по патување, што и било исплаќано на првоосомничената, бил придружуван од девојката при неговите патувања во Рим и Лондон. Откако ја стекнал довербата на девојката, со цел да ги пушти во оптек и да го прикрие потеклото на паричните средства што девојката ги прибавила со извршување на казнивото дело „Оддавање на проституција“ по чл.19 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, ѝ креирал кориснички профил на веб платформа за тргување со електронски пари (крипто валути) иако знаел дека парите девојката ги прибавила со казниво дело. Преку профилот и со поседување на електронски паричник (wallet), девојката непречено можела да врши трансакции и да го прикрие изворот на паричните средства, велат од МВР.
Врз основа на издадени наредби од Судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје, полициски службеници на подрачјето на Скопје и Куманово извршиле пет претреси во дом и други простории кај пријавените лица.
-Од извршените претреси пронајдени и привремено одземени се 10 мобилни телефонски апарати, седум СИМ картички, лаптоп, огнено оружје (два пиштоли), одредена сума на девизни и денарски парични средства (2480 евра, 20 фунти, 27.100 денари), разна документација (шест потврди за брз трансфер на пари, договор за закуп на стан, четири банкарски картички) и друго, информираат од МВР.