Македонија
Јанакиески бара супервештачење за да докаже невиност во случајот „Топлик“

Да се направи супервештачење на предметот „Топлик“, бара одбраната на ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.
Ова е доставено до судот бидејќи, според обвинетиот, има противречности помеѓу вештиот наод на Обвинителството и стручното мислење предложено од одбраната.
За дополнување на доказната постапка, Јанакиески предложи и други докази, како и четворица нови сведоци.
Судечкиот судија Осман Шабани за предлозите ќе одлучи во наредните денови, а одлуката ќе ја соопшти на наредното рочиште закажано за единаесет дена.
Со овие докази Јанакиески и другите обвинети ја докажуваат својата невиност во случајот за продажба на државно земјиште за изградба на комплексот „Сончев град“ во Сопиште.
„Сметаме дека неопходно е да се изведе стручно мислење од технички советник, што е одговор на изведени материјални докази од Обвинителството. Но, исто така е и одговор на поднесоците од јавниот обвинител во однос на барањето за произнесување штета до Владата и Министерство за финансии и нивните одговори. Во ова мислење, споредено со претходните, земени се предвид и сите забелешки на јавниот обвинител, но има и нови аспекти. Првпат се пресметува колку е заштедено во однос на плаќањето камати, кои биле барани, во однос на шетата, кои не се исплатени“, образложи Јанакиески.
Предложено е и правно мислење од професорот Никола Тупанчевски од Правниот факултет „Јустнинијан Први“, кое е изработено за овој настан. Јанакиески побара и сослушување на поранешниот член на Државната изборна комисија, Сашо Срцев, како и на поранешниот вицепремиер за економски прашања, Владимир Пешевски.
„На пример, потребата за сослушување на сведокот Сашо Срцев произлегува од исказот на сведокот Емилија Путилин. Сите обвинети во своите искази го посочија Срцев како учесник во дејствата на овој кривично-правен настан. Владимир Пешевски го предлагаме поради новите околности што се јавија во текот на постапката и тоа од исказ на сведок кој елаборира за активностите на Пешевски. Исто така, Пешевски беше дел од материјалниот доказ стенограмски белешки од седница на Владата. Шпреса Битаху сметаме дека е еден од клучните сведоци што треба да се сослушаат. Последниот сведок е Ацо Костадиновски, кој во критичниот период бил раководител на Секторот за финансии, а поврзано со материјалниот доказ доставен во листата на докази“, додаде Јанакиески.
Следното рочиште е закажано за 20 декември.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Пендаровски-Баербок: Германија е еден од најблиски сојузници и најсилни поддржувачи на Македонија

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими Аналена Баербок, сојузна министерка за надворешни работи на Сојузна Република Германија, која престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.
На средбата се разговараше за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, партнерството во НАТО, ОН и ОБСЕ, македонските аспирации за членство во Европската Унија, како и за состојбите во поширокиот регион и за уставните промени.
Претседателот Пендаровски оцени дека Германија е еден од најблиски сојузници и најсилни поддржувачи на Северна Македонија на интегративниот пат кон ЕУ, а германските власти веќе три децении, во континуитет, ја демонстрираат посветеноста кон нашата држава и регионот.
Во тој контекст претседателот Пендаровски изрази очекување за натамошна силна поддршка за процесот на пристапување кон Европската Унија.
Македонија
МОН најавува рекорден буџет за финансиски стимулации на учениците и студентите

Министерството за образование и наука (МОН) обезбедува континуитет во унапредувањето на ученичкиот и студентскиот стандард, преку постојано зголемување на износите на постојните финансиски надоместоци и стимулации, но и воведување на нови кои во минатото не постоеја.
-Младите заслужуваат поддршка од државата која значи олеснување на семејниот и личниот финансиски товар и фокусирање кон вистинските цели на образованието – стекнување на што повеќе и поквалитетни знаења и вештини потребни за успешен настап и напредување на пазарот на трудот, информира МОН.
МОН и Владата, како што се наведува во соопштението, покренаа иницијатива за усогласување на износите на одредени категории на ученички и студентски стипендии, со што старите корисници со активни договори за стипендии ќе добиваат идентичен, зголемен месечен надоместок како и новите корисници.
-Исплатата ќе се реализира и ретроактивно, односно ќе следи надомест на разликата од изминатата учебна/академска година, како и за месеците од оваа учебна/академска година за корисниците со активни договори. За таа цел ќе се подготват спогодби, каде ќе биде регулиран начинот на ретроактивна исплата на стипендиите. За учениците и студентите чии договори се завршени, односно веќе го завршиле средното образование или дипломирале и правото на ученичка/студентска стипендија е искористено, дополнително ќе се утврдува правен основ за ретроактивно исплаќање на разликата, посочуваат од МОН.
Во меѓувреме, како што велат од МОН, се реорганизира и начинот на исплата, со цел учениците и студентите редовно да ги добиваат месечните надоместоци по основ на стипендија.
-Новини ќе има и во исплатата на субвенционираниот студентски оброк. Измените на постојното законско решение кои истото ќе го унапредат, се во собраниска процедура и по нивно усвојување, всушност ќе се обезбеди ново системско решение кое предвидува зголемување на износот на оброкот од 120 на 140 денари на ден, редовна исплата и регулирање на основот за кој средствата можат да се искористат, се истакнува во соопштението.
Од Министерство за образование и наука во соопштението посочуваат дека учениците и студентите се активни учесници во креирањето на политиките кои ги засегаат. – Така и ќе остане, бидејќи отвореноста, транспарентноста на институциите и интегрираниот пристап во дефинирањето на мерките и политиките, гарантираат носење на ефективни решенија, велат од МОН.
Македонија
Утре без струја и вода делови од неколку скопски населби

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, ги известува граѓаните дека, поради технички зафати во електро дистрибутивната мрежа, на ден 24.03.2023 година (петок), без електрична енергија ќе останат:
од 08:30 до 11:00 часот, корисниците од дел од ул. 1558 во нас. Радишани. (Општина Бутел)
од 09:00 до 13:00 часот, корисниците од кула бр. 1 на ул. Никола Парапунов, (кај стара телевизија). (Општина Карпош)
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација – Скопје, ги известува граѓаните дека, на ден 24.03.2023 година (петок), :
• Поради отстранување дефект на водоводна мрежа, на ул. Цицо Поповиќ, од 09:00 часот до завршување со работните активности, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населбата Пролет. (Општина Центар)
• Поради изведување на водоводен приклучок на водоводна мрежа со пречник од Ф – 150 мм, на улица Исаја Мажовски бр. 19, од 09:00 часот до завршување со работните активности, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица. (Општина Ѓорче Петров)