Македонија
Јаневска: Вештачката интелигенција повеќе не е футуристички концепт, етапно ќе се воведува во наставните програми
Вештачката интелигенција повеќе не се третира како футуристички концепт, туку е реалност и има голема примена во секојдневието. Планираме нејзино етапно воведување во наставните програми во училиштата, тоа е наша должност со цел младите преку формалниот процес на образование да се запознаваат со придобивките, но и со предизвиците од нејзината употреба.
Ова го истакна министерката за образование и наука на дебатата со наслов „Дали имаме национален капацитет за брза адаптација на работната сила со предизвиците што ги носи вештачката интелигенција?“, организирана во рамките на 19-годишната конференција на МАСИТ – Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии, што денес и утре се одржува во Скопје.
„Вештачката интелигенција има голем потенцијал во областа на образованието. Таа може да го револуционизира начинот на кој се учи и се предава. Може да го персонализира образованието приспособувајќи ја содржината на индивидуалните потреби и стилови на учење на секој ученик. Ова може да доведе до подобри резултати од учењето“, рече Јаневска посочувајќи дека зборува за вештачката интелигенција, која е во согласност со етичките и моралните начела и норми.
Говорејќи за дигитализацијата на образованието, министерката рече дека тоа е почнат процес во кој државата е поназад од земјите од ЕУ, а понапред во споредба со земјите во регионот. Посочи дека министерството е фокусирано на два аспекта – дигитализација на наставата и дигитализација на образовните услуги.
„Дигитализација на наставата подразбира опремување на училиштата со квалитетна ИТ-инфраструктурна мрежа и ИТ-уреди, обезбедување дигитални алатки и платформи, дигитализирани учебници и слично. Од друга страна, пак, веќе нудиме дигитални услуги за остварување повеќе права – упис во прво одделение и прва година во средно образование, аплицирање за стипендии, за сместување во ученички и студентски домови, за субвенциониран оброк и така натаму. Во напредна фаза е и дигитализацијата на услугите на повеќе факултети“, рече Јаневска.
Нагласи дека државата се води по национални, но и меѓународни документи, како, на пример, акцискиот план за дигитално образование.
„Периодов фокусот е ставен и на реформската мерка за инклузивна дигитална трансформација на образованието преку која е предвидено над 95 % од наставниците до крајот на 2027 година да бидат високо обучени во полето на дигиталните вештини“, додаде министерката.
Буџетот што ќе го добие Министерството за образование и наука в година ќе изнесува 40 милијарди денари, што е најмногу досега. Според Јаневска, тоа ќе значи и повеќе пари за дигитализација, како и за поддршка на работата на научноистражувачките работници, кои очекува во иднина повеќе да се занимаваат со иновации во областа на вештачката интелигенција.
На дебатата, покрај министерката Јаневска, учествуваа и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, претседателот и заменик-претседателката на МАСИТ, Илија Господинов и Весна Иваноска, како и директорот на активноста на УСАИД за млади што активно создаваат можности – Youth Actively Create Opportunities (YACO), Небојша Мојсоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива тековно во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Намалена видливост поради магла има до 30 метри на патниот правец село Гајре – Попова Шапка и планинските превои Ѓавато и Плетвар до 50 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без вода дел од општините Центар и Гази Баба
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација – Скопје, информира дека денеска без вода ќе бидат дел од општините Центар и Гази Баба.
· поради изведување водоводен приклучок на водоводна мрежа со пречник од ф- 80 мм на улицата Коле Неделковски бр. 32, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица како и улицата Стефан Јакимов- Дедов во општина Центар;
· поради промена на затворач од водоводна мрежа со пречник од ф-100 мм на улицата Јани Лукровски бр. 2, од 08:30 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следните улици: Јани Лукровски, 16-та Македонска Бригада и Трифун Хаџијанев во општина Гази Баба.
Скопје
Дел од општините Центар и Карпош денеска без струја
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека поради планирани зафати во електро дистрибутивната мрежа денеска без напојување со електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 11:00 часот, корисниците од дел од улицата Тетовска во општина Центар;
· од 09:00 до 13:00 часот, корисниците во околината на последната автобуска станица на ЈСП – линија 57, во населба Нерези во општина Карпош;
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од улиците: Орце Николов, Крагуевачка, Драган Ѓаконовски – Шпато, Беджих Сметана и Миладин Поповиќ во општина Карпош.