Македонија
Јаневски: Да сме набавеле нови автобуси, па вие и овие што ги имате не можете да ги сервисирате

Дали вие знаете дека минатата година Град Скопје за субвенции за Јавното сообраќајно претпријатие одвои 685 милиони денари, 11 милиони евра, и со цел памет директорот на ЈСП и вие што го браните со тоа дека не бил почитуван возниот ред, 11 милиони евра и возниот ред не е почитуван, вели советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Филип Јаневски, на денешната седница на Град Скопје говорејќи за предлог-одлуката за именување на линискиот превоз на патници во градот.
Тој појаснува дека оваа година во овој буџет на ЈСП му е доделена можност за 800 милиони денари или 13 милиони евра, што претставува рекордна сума. Притоа истакнува дека и покрај овие енормни суми, ЈСП е доведено до дереџе да не може да се почитува ниту возниот ред.
„Да сме набавеле нови автобуси, па вие за овие што ги имате не можете резервни делови да набавите. Тие нови автобуси кој ќе ги сервисира, кој ќе плаќа за резервни делови? Овие што ги имате вие не можете да ги сервисирате, за овие нема шофери, ама нови автобуси да сме набавеле. Се истуривме пари давајќи во тоа претпријатие за да дојдеме до дереџе овде денес да ми велите вие дека ние ги лажеме граѓаните“, концизен е Јаневски.
Јаневски исто така посочи дека со приватните превозници на секои шест месеци се јавуваа проблеми, со вработените исто така, а паралелно секои два месеца беше блокирана и сметката на ЈСП, што поради долговите кон приватните превозници, што поради доставувачите на нафта.
„И вие мене ми велите да го смениме возниот ред, да не сме ги лажеле граѓаните, а до го смениме, на пример, директорот или градоначалникот тоа не ви текнува како можно решение. Затоа што може градоначалничката не ја бидува. Тука нам ни глумите дека се грижите за граѓаните дека немале автобус, можеби и се грижите да не грешам, па дајте да видиме зошто се потрошени 24 милиони евра во последните две години само за субвенции“, прецизен е Јаневски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Се откриваат скандали во градежништвото, од издадени 2.810 лиценци, нерегуларни се дури 427

Вкупниот број на издадени лиценци во делот на градба, проектирање, надзор, изработка на детални урбанистички планови е некаде над три илјади и до денес прегледавме 2.810 лиценци и бројката на одземени лиценци е веќе 427, објави вечерва вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Тој најави дека во вторник ќе бидат објавени финалните бројки и по име ќе бидат извадени сите носители на лиценци на кои ќе им бидат одземени, а за истото ќе бидат информирани надлежното обвинителство и МВР, за да можат тие, како што рече, да проверат од свој аспект.
Министерот Николоски информира дека во делот на градежништвото ќе бидат околу 430 лиценци, а ќе бидат испратени дописи и до сите засегнати страни кои работат со овие субјекти за да знаат дека тие веќе немаат лиценци.
Меѓу другото информира дека се прават контроли и во делот на патниот сектор – превоз на патници, автобуси, комбиња и итн, исто така превоз на стоки и внатрешно и меѓународно во делот на камиони.
Таму, рече Николоски, во моментот се прават испитувањата, но до вторник ќе има финални бројки.
– Најголема е бројката за изведувачи на градба од Б категорија, а тоа е се што не е врвен државен објект и станбени зградени, каде ќе се одземат 198 лиценци, рече вицепремиерот и министер за транспорт.
Николоски информира дека по итна постапка уште во вторник ќе бидат доставени законски измени, со кои овие контроли ќе станат облигаторни на секои шест месеци да мора да се прават, а исто така второстепеноста и третостепеноста, во рамки на одлучувањето нема да влијае на постапките за одземање на лиценца.
– Мојот предлог на измени на закон ќе биде жалбата да не го одлага извршувањето односно лиценцата веднаш се одземе, а после тоа да имаат право да се жалат. Оние кои ќе ја изгубат лиценцата најмалку една година нема да можат да аплицираат повторно. Доколку за било кој од нив, МВР или Јавното обвинителство утврди дека имале и кривични дела во рамки на своето работење, тогаш веќе настапуваат други органи и тогаш веќе има и кривична одговорност во нивното работење, изјави Николоски.
Македонија
За трагедијата во „Пулс“ тројца поранешни градоначалници на Кочани и уште 21 лице завршија во 30-дневен притвор

Определена е мерка 30 дневен притвор за сите 24 лица за кои основното Јавно обвинителството во рамки на истрагата бараше изрекување на мерката, а во однос на истрагата за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која животите ги загубија 59 лица, а речиси 200 се повредени.
Меѓу 24 лица за кои е одреден притвор се и тројцата градоначалници на Кочани и тоа градоначалникот во заминување Љупчо Папазов, како и поранешните Ратко Димитровски и Николчо Илијев.
Со досегашната истрага за пожарот во дискотеката „ Пулс“ во Кочани се опфатени 27 физички и три правни лица.
Вкупниот број осомничени за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани засега е 34 физички лица, откако државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски соопшти дека е отворена истражна постапка против 27 физички и три правни лица, по првите истражни постапки против седум полициски службеници од СВР Штип и ПСОН Кочани.
Во првата фаза во постапувањето на МВР и Обвнителството, поднесени се две кривични пријави против 34 физички и три правни лица, за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ по член 292 во врска со „предизвикување општа опасност“ по член 288 од Кривичниот законик. Едно лице е пријавено и за „примање поткуп“ по член 357 од КЗ.
Лицата се сомничат за кривично дело за кое е предвидена казна од најмалку три години, што значи дека максимумот на казната е 20 години, а се сомничат дека како соизвршители, изготвувајќи, потпишувајќи и одобрувајќи позитивна согласност, му овозможиле на правно лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност – кабаре иако објектот не ги исполнувал законските услови за работа.
Македонија
Жителите на Кочани преку мирен протест бараат правда за жртвите во пожарот

Шест дена по трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, граѓаните на Кочани денеска во 15 часот во Паркот на Револуцијата организираа едночасовен мирен собир во знак на почит кон загинатите и со поддршка за закрепнување на повредените.
Со пораки испишани на транспаренти, присутните порачаа дека бараат правда, a правосудните институции да го расчистат случајот до крај.
Граѓаните повторно им дадоа поддршка и на лицата од обезбедувањето во дискотеката, кои ги извлекувале и спасувале младите, а наместо да се лекуваат од повредите, тие се осомничени и се наоѓаат во притвор.
Собирот заврши со мирен марш по улиците во централното градско подрачје на Кочани, а граѓаните порачаа дека ќе продолжат да се собираат и во наредните денови.