Македонија
Јанкуловски: Гласањето на законот за јазиците без амандманите на опозицијата значи погазување на демократијата
Партијата на обединети демократи на Македонија – ПОДЕМ ги повикува пратениците во Собранието на Република Македонија да внимаваат кога се во прашање законите што се од национален интерес и кои предизвикуваат вознемиреност кај сите граѓани во Македонија поради заобиколување на уставните и регуларните процедури. Таков, според нив, е актуелниот случај во однос на законот за употреба на јазиците.
„Да се гласа и да се донесе законот за јазиците без амандманите на опозицијата значи погазување на демократијата во РМ. Нејасно е зошто законот се турка на мала врата, зошто се прескокнуваат процедурите во Собранието, зошто не се почитуваат Уставот и Деловникот. Нејасно е зошто на легално избран пратеник ад хок да му се одбиваат амандманите. Што во тој случај пратениците од опозицијата ќе прават во Собранието“, вели Живко Јанкуловски од ПОДЕМ.
Тој потсети и дека законот за јазиците сè уште не обезбеди мислење од Венециската комисија и додаде дека и Хан и Тимоние нагласиле дека овој закон не е дел од европската агенда и не е услов земјата да добие препорака од ЕУ.
„Го повикуваме премиерот Зоран Заев отворено да каже зошто сака, па нејќе, зошто знае дека не е во ред ова што го прави, а го прави. Кој е притисокот врз него, од каде доаѓа што сега не се согласува и не дозволува законот да помине низ уставна и регуларна процедура. Потсетуваме дека овој закон се носи во услови кога не може да биде поткрепен со конкретни бројки кои треба да ги обезбеди долгобараниот попис на населението“, додава Јанкуловски.
Притоа тој истакна дека ПОДЕМ не е против отворање на етничките заедници во Македонија да ги уживаат сите права како и Македонците, но смета дека во прашање е сосема нешто друго што не им е од интерес ниту на Албанците.
„Затоа ги повикуваме партиите од владејачката коалиција да не го подметнуваат законот за јазиците на мала врата. Трпението на граѓаните е при крај. Не спротивставувајте ги едни против други Македонците и Албанците, па и другите етнички заедници. Не е време за дополнително разгорување на страстите“, вели Јанкуловски.
Од ПОДЕМ уште еднаш повикаа на лидерска средба во проширен состав, со учество на сите релеванти партии, со цел да се изнајде заеднички јазик во однос на клучните прашања што ја засегаат европската, но и економската перспектива на Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Наместо Копенхашки реформи, трошиме енергија на политичка ревизија на историјата
Претседателката, Гордана Сиљановска-Давкова, во рамките на посетата на Република Словенија, одржа предавање на Правниот факултет при Универзитетот во Љубљана, на којшто докторирала, на тема: „Уставните трансформации на патот кон ЕУ: реформи или уставен инженеринг?“, пред бројни професори, студенти и претставници на дипломатскиот кор.
Предавањето се однесуваше на природата на уставот, како највисок правен акт и најширок и најважен договор меѓу граѓаните, со акцент на уставните измени како механизам за реформа на политичкиот систем или моделот на организација на власта, заради решавање на општествени проблеми од различен карактер.
Во фокусот беше македонскиот устав и неговите 36 амандмани од 1992 до денес.
Гордана Сиљановска – Давкова оцени дека, нашиот устав, иако формално-правно се вбројува во цврстите устави, често се менуваше, а промените најчесто беа диктирани однадвор, а не се креирани одвнатре, добивајќи карактер на уставен инжењеринг, а не на реформски процес во интерес на граѓаните.
Исто така, претседателката укажа на непочитувањето на процедурата за уставни измени, со што се нарушува легитимноста на новите решенија.
Најпроблематично за Сиљановска – Давкова е што “sui generis” уставните решенија ги слабеат институциите, граѓанинот и граѓанското општество, а ги јакнеат етничките водачи како арбитри во општеството.
Според претседателката, ние имаме насушна потреба од пристојна, модерна држава и демократски, функционален политички систем, сличен и компатибилен со европските.
На предолгиот пат кон Брисел, обременет со препреки врзани за идентитетски прашања, коишто, според европскиот конституционализам не може да бидат услов за евроинтеграција, ние најчесто бевме туркани во уставни измени коишто не водат напред, туку не враќаат назад, закотвувајќи не во ирационални историски ровови.
Гордана Сиљановска – Давкова, преку цитирање мислења на Венецијанската комисија, членови од основачките акти на ЕУ, пресуди на Судот за човекови права од Стразбург, одредби од уставите на други држави, ставови на професори по Уставно и Меѓународно право укажа на правната и политичка проблематичност на Преговарачката рамка и Заклучоците на Европскиот совет за нас, посочувајќи дека преку политичка и/или правна интерпретација, во духот на европското право треба да се надмине status quo состојбата во која се наоѓаме, без да бидеме втурнати во нов чин на уставен инжењеринг, губејќи ја енергијата на политичка ревизија на историјата, наместо на Копенхашки реформи!
Претседателката одговори на бројни прашања, поставени од студенти, колеги и амабасадори, по што следеше дебата со македонските студенти и професори во Словенија.
Македонија
Метеоролозите најавуваат нестабилно време со врнежи и ветер во текот на продолжениот празничен викенд
Времето утре променливо облачно со сончеви периоди. Во крајните западни и источни региони ќе има услови за слаб локален дожд. Ќе дува умерен, а долж Повардарието засилен ветер од северен правец со брзина од 50 km/h.
Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 13, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 24 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови ќе се задржи променливо облачно време. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (над 50 km/h). Во четврток ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во петок и во деновите од продолжениот викенд на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 20 l/m²), грмежи и силен ветер (над 60 km/h).
Македонија
Савески на Регионалниот форум за јавни обвинители во Сараево организиран од Европравда
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Ненад Савески денеска во Сараево учествуваше на Третиот консултативен форум на државни и специјални обвинители од Западен Балкан што се одржува во организација на Европравда. На состанокот учествуваше и основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Ислам Абази.
Само со координирани дејствија, со брза размена на информации, со размена на искуства и знаења јавните обвинителства во регионот можат да одговорат на предизвикот што го носи борбата против организираниот криминал и корупција, оцени државниот обвинител Савески во своето обраќање на Форумот.
“Западниот Балкан одамна бил единствен регион. Близината на културите, јазиците, начинот на живеење не поврзуваат, но во исто време им овозможуваат и на сторителите на кривични дела лесно да ги префрлаат своите активности преку границите и да се обидуваат да избегнат кривичен прогон. Ги префрлаат и финансиските средства до кои дошле со коруптивни дејствија во обид да ги прикријат”, рече тој, ставајќи акцент на важноста на инструментите на меѓународната правна помош и меѓусебната правосудна соработка како одговор на овие појави.
Според Савески, размената на информации, брзата обработка на замолниците, координираните истражни активности и заедничките истражни тимови се механизми без кои денес нема ефикасна борба против криминалот и владеење на правото.
Тој ја нагласи важноста на Проектот за кривична правда на Западен Балкан, финансиран од Европравда, кој за македонското обвинителство во моментов е еден од најсилните инструменти за поддршка на овие активности и се заблагодари за поддршката од Европравда, која обезбедува оперативна, финансиска и друга помош која му е неопходна на обвинителството за ефикасно справување со прекуграничниот криминал.
Кривичните дела од областа на организираниот криминал и корупцијата се во пораст, а паралелно на тоа, статистиката укажува на раст и на бројот на предмети во кои била побарана или обезбедена меѓународна соработка со цел нивно ефикасно решавање.
На ваквите трендови укажа и Абази.
“Од перспектива на обвинител, можам да кажам дека во пракса сè почесто се соочуваме со предмети во кои криминалните структури дејствуваат истовремено во повеќе држави — преку финансиски трансакции, дигитални комуникации, транспортни рути и комплексни логистички мрежи, што бара координиран, брз и ефикасен институционален одговор. Во такви случаи, заедничките истражни тимови кои ги формираат нашите држави не се само корисен механизам, туку реална оперативна неопходност. ОЈО ГОКК во изминатиот период воспостави заеднички истражен тим со Косово во предмет од областа на недозволена трговија со наркотични дроги, како и заеднички истражен тим со Италија, Албанија и Косово во предмет од областа на тероризмот. Овие искуства покажаа дека заедничките истражни механизми овозможуваат значително поефикасна координација, побрза размена на информации и синхронизирано преземање истражни дејствија”, рече обвинителот Абази.
На маргините на Форумот во Сараево, Савески се сретна со претседателот на Европравда Мајкл Шмид, а оствари билатерални средби и со државните јавни обвинители на Црна Гора, на Босна и Херцеговина и на Косово.
