Македонија
Јаќимовски: Јавната администрација е моторот што го поттикнува демократското владеење
Во организација на Институтот за европска политика (ЕПИ) – Скопје се одржа регионален состанок на регионалната платформа за реформа на јавна администрација WeBER, на кој учествуваше заменик-инистерот за јавна администрација, Лазе Јаќимоски.
Експерти, владини претставници и претставници од граѓанските организации од Западен Балкан дискутираа за последните трендови во реформата на јавната администрација во ЕУ и на Западен Балкан.
Во своето обраќање на овој значаен настан за нашата држава и за целиот регион на Западен Балкан, Јаќимоски ја истакна улогата на реформата на јавната администрација како камен-темелник за нашите аспирации за членство во Европската Унија.
„Реформата на јавната администрација (РЈА) е основата на која можеме да изградиме поотпорна и поодговорна рамка на управување. Таа се однесува на најфундаменталните аспекти на тоа како владееме, од транспарентноста на нашите институции до одговорноста на нашите лидери, од пристапноста на нашите услуги до довербата на нашите граѓани. Накратко, ефективната јавна администрација е моторот што го поттикнува демократското владеење. Нашите јавни институции како мост меѓу владата и граѓаните мора да се олицетворение на највисоките стандарди на интегритет и одговорност“, истакна заменик-министерот Лазе Јаќимовски.
Заменик-министерот Лазе Јаќимовски во своето обраќањe нагласи и дека реформата на јавната администрација е долгорочна инвестиција во иднината на нашата држава, која бара постојан напор, политичка волја и поддршка од нашите партнери, особено од Европската Унија.
„Ние како Министерство за јавна администрација направивме чекори кон вградување на принципите на ЕУ во јавната администрација. Нашите реформи се насочени кон создавање администрација, која е транспарентна, ефективна и насочена кон граѓаните. Работиме на намалување на бирократијата, насочување на процедурите и дигитализирање на услугите за да ги направиме достапни за сите осигурувајќи дека нашата администрација правично и ефективно му служи на секој граѓанин. Процесот не е без предизвици, не се случува преку ноќ, ни претстои тежок и макотрпен период, но ние сме посветени во целост да ги исполниме зададените цели. Нашето партнерство со ЕУ е од непроценливо значење обезбедувајќи ни насоки и ресурси додека ги унапредуваме овие реформи, а соработката со регионалните иницијативи како WeBER ја зајакнува нашата решителност преку поврзување со други земји кои се соочуваат со слични предизвици“, посочи во својот говор заменик-министерот Лазе Јаќимовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
