Македонија
Јовановски: Ова не е бавча на Арсовска, граѓаните треба да ѝ се лутат на неа

Ленин Јовановски од „Слобода превоз“ најавува дека блокадите не само што остануваат, туку и ќе ги прошират се’ додека не почнат преговори за да им се исплатат околу два милиони евра на приватните превозници.
Градоначалничката Данела Арсовска и ЈСП, Јовановски вели дека не ги исконтактирале за време на викендот и затоа продолжуваат со протестите, овој пат порадикално.
„Ова не е бавча на градоначалничката Арсовска па си ја работи како сака. Таа треба да постапува законски и според одлуките на Совет на Град Скопје“, рече Јовановски и нагласи дека уличарското однесување на градоначалничката довело до блокади.
Според него, мора да се лоцира вината за блокадите и граѓаните, место на превозниците да и се лутат на градоначалничката оти ги довела во таква состојба.
„Не можат граѓаните да ги критикуваат приватните превозници. Треба да го критикуваат изворот на овој проблем, а тој е кај градоначалничката која дозволи нешто вакво да се случи. Не смеат граѓаните да дозволат да имаат градоначалник кој треба да се грижи за нивните интереси и за јавниот интерес, кој на ваков начин ќе го нарушува. Треба да се посочат виновниците онаму каде што се, а не кај она што е последица од такво однесување“, рече Јовановски.
Тој ја повика и Владата да се вклучи во изнаоѓање на решение за приватните превозници иако директно нема ингеренции за јавниот превоз, но може да побара објаснување од институциите.
Со блокадата „Слобода превоз“ го држи во заложништво цел град, а граѓаните со часови патуваат дури и на најкусо растојание оти се блокирани клучните крстосници во Скопје.
Јовановски и „Слобода превоз“ им се извинија на граѓаните за протестот со блокада на градот.
„Изразувам жалење што денеска приватните превозници, по неколку обиди да седнат и да се договорат, односно да бидат примени од градоначалничката Данела Арсовска мораа на еден ваков начин да го изразат својот револт и да го свртат вниманието кон себе и уште еднаш да ги кажат своите позиции и она што навистина се случува“, рече Јовановски.
Се одлучиле за блокада на цел град оти сметаат дека се исцрпени сите други методи, вклучително и протестот со блокирање само на градската администрација и очекуваат граѓаните да изреагираат и да извршат притисок за решавање на проблемот.
„Ние сакаме токму граѓаните да изреагираат и да го посочат вистинскиот човек кој што е проблем во целата оваа ситуација“, вели Јовановски.
Подготвени се, какао што самиот вели да ги „ослободат“ граѓаните и да ги кренат блокадите истиот момент кога градоначалничката или некој овластен од неа ги повика на разговор за да најдат заедничко решение.
„Првиот момент ако градоначалничката, еве не мора ни таа ако не ја познава работата и не знае да ја менаџира, нека ги пушти претставниците од Јавното сообраќајно претпријатие, од секторот за сообраќај, нека седнат со нас, ние ќе најдеме решение некако во оваа ситуација и да ги ослободиме граѓаните. Не зависи ништо од нас. Приватните превозници не се тие кои го продуцираат овој проблем“, повика Јовановски.
Градоначалничката Арсовска по прес – конференцијата на Јовановски не излезе да даде објаснување дали ќе дозволи граѓаните да останат заложници на проблемот што го има со приватните превозници. Од нејзиниот кабинет рекоа дека можеби во текот на денот ќе направат прес – конференција.
Таа ги раскина договорите со приватните превозници и најави дека ќе има нов оглас на кој ќе може да се пријават, а приватните превозници пак сметаат дека такво нешто е невозможно оти не е согласно одлуката на Советот на Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Изјавите на Мицкоски дека бил доброволец во 2001 покажуваат дека е заложник на Апасиев

Милитаристичките изјави на претседателот Мицкоски на ВМРО-ДПМНЕ, во делот каде што тој кажува како бил доброволец и победувал во војна, покажуваат дека тој е заложник на Апасиев, велат од СДСМ.
Владејачката партија коментира дека Христијан Мицкоски е политичар без став и визија за стратешките прашања и делува против интересите на државата и на граѓаните.
„Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ стануваат заложник на популистичките политики и потпалувачките реторики на Левица, кои се испречуваат на европскиот пат на државата и се натпреваруваат со нив во штетното политичко делување“, велат од СДСМ преку соопштение.
Мицкоски пред два дена му се спротивстави на претседателот на ДУИ Али Ахмети кој за време на средбите со граѓаните од Тетово во својот говор рече дека на украинската делегација ѝ кажал дека треба да бидат искрени и ќе победат исто како што тие ги победиле Македонците.
Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ рече дека како доброволец во 2001 година го нема тоа чувство дека Али Ахмети е победник во таа војна и oти Ахмети на украинската делегација требало да ѝ каже и за колку стотици милиони евра е зголемено богатството на неговата фамилијаи на луѓето што го опкружуваат на сметка на инвалидите, кои го загубија животот.
Македонија
Бугарската комисија за надворешна политика усвои декларација: „Осуда за насилството врз Бугарите во Северна Македонија“

Бугарската собраниската Комисија за надворешна политика усвои декларација за Македонија која ќе се достави на гласање во пленарната сала.
Документот, како што е наведено, „категорично ги осудува актите на насилство врз Бугарите во РСМ, нивните организации и клубови, а особено тешкото злосторство врз Бугаринот Христијан Пендиков и цврсто инсистира на преземање систематски мерки од сите институции за откривање на сторителите и нивно изнесување пред лицето на правдата“. Се додава дека Бугарија ги осудува „лажните и манипулативни изјави за бугарското минато во јавниот и политичкиот простор на РСМ и ги прифаќа како намерно всадување омраза против Бугарија и Бугарите. Заштита на правата на бугарските граѓани со бугарска самосвет во РСМ мора да се гарантира и преку целосна употреба на инструментите содржани во преговарачката рамка, се наведува во декларацијата што во целост ја пренесе БГНЕС.
– Со почитување на принципите на Повелбата на Обединетите нации и документите на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, како и на демократските принципи вградени во актите на Советот на Европа;
– Врз основа на Договорот за Европската унија и Договорот за функционирање на Европската унија и вредностите вградени во нив, особено „вредностите на почитување на човековото достоинство, слобода, демократија, еднаквост, владеење на правото, како и почитување на човековите права“ и „плурализам, недискриминација, толеранција, правда и солидарност“;
– Со потврдување на фундаменталното значење на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Македонија од 2017 година и важноста на билатералните протоколи од состаноците на Мешовитата меѓувладина комисија од чл. 12 од 2019 и 2022 година, како и Одлуката на Четириесет и седмото Народно собрание на Република Бугарија во врска со проширувањето на Европската унија и преговарачкиот процес со Република Северна Македонија од 24 јуни 2022 година;
– Со повикување на институциите во Република Северна Македонија, во духот на европските вредности и слободи, да се воздржат од одлуки и дејствија кои сериозно ќе ги нарушат односите меѓу двете земји и нивните граѓани,
ИЗЈАВА:
1. Категорична осуда за актите на насилство и повиците на насилство врз Бугарите во Северна Македонија, нивните организации и клубови, а особено тешкото злосторство против Бугаринот Христијан Пендиков, и цврсто инсистирање на преземање систематски мерки од сите институции за откривање и доведување на сторителите пред правдата;
2. Осуда на говорот на омраза во Северна Македонија против локалните Бугари и Република Бугарија, како и неговите манифестации во политичката, јавната и медиумската средина. Повик до властите и институциите во Северна Македонија да преземат сеопфатни, итни и ефективни мерки за борба против говорот на омраза и злосторствата од омраза во сите форми и манифестации против бугарските граѓани и граѓани со бугарски идентитет. Се изразува целосна подготвеност за обезбедување на каква било помош за постигнување на оваа цел, вклучително и заеднички со меѓународните партнери и институции;
3. Се отфрла континуираното негирање, омаловажување и отклонување на одговорноста за постоењето на проблем со правата и безбедноста на Бугарите во Северна Македонија;
4. Приговор на трајно неспроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија од 2017 година и билатералните протоколи од состаноците на Мешовитата меѓувладина комисија од чл. 12 од 2019 и 2022 година;
5. Загриженост дека ескалацијата на антибугарската кампања во Северна Македонија може да го загрози процесот на вклучување на Бугарите во Уставот на земјата, развојот на демократските процеси и институции во Северна Македонија и нејзиниот пат кон членство во Европската Унија, што служи на интересите на земјите од трети страни;
6. Противење на измените во Законот за здруженија и фондации од 2022 година, кои го дискриминираат и намерно го ограничуваат правото на здружување на Бугарите во Северна Македонија. Овие промени може да ги попречат и предодредат активностите на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања формирана со договорот од 2017 година за одредени периоди и лица;
7. Отфрлање на лажните и манипулативни изјави за бугарското минато во јавниот и политичкиот простор на Република Северна Македонија и сфаќање како намерно влевање омраза против Бугарија и Бугарите;
8. Заштитата на правата на бугарските граѓани и граѓаните со бугарска самосвест во Северна Македонија, исто така, мора да се гарантира преку целосна употреба на инструментите утврдени во преговарачката рамка одобрена од Европската унија и со одлука на Четириесет и седмото Национално собрание од 25 јуни 2022 година;
9. Повик до граѓаните, организациите и институциите во Северна Македонија, кои се вистински посветени на демократските вредности и европскиот пат на земјата, да заземат јасен став и да инсистираат на потребната промена.
Македонија
Односите меѓу Македонија и Бугарија никогаш не биле полоши, оцени опозицијата

Односите меѓу Македонија и Бугарија никогаш не биле полоши, оценува ВМРО-ДПМНЕ коментирајќи дека дојде ред на толку потпишани договори, анекси, протоколи и слично, односите меѓу двете земји да бидат тема на Советот за безбедност и да дојде спуштање на нивото на дипломатските односи.
Од тука сметаат дека тоа е резултат на попустливоста на власта на СДС и ДУИ, што пак е последица на криминогеноста на нејзините функционери.
„Ковачевски и Пендаровски и должат одговори на македонската јавност како дојде до оваа студена дипломатска војна? Како дојде до тоа “маргиналните“ ликови од Бугарија да станат тема на Совет за безбедност во Македонија? Што работат нашите служби во насока на спречување на тие, како што вели Пендаровски структури од Бугарија под инструкции на странска служба?
Пендаровски и Ковачевски не треба да глумат изненадени. Овие структури, политичари и навреди кои тие ги упатуваат кон Македонија и македонскиот народ не се од вчера, само што нашите власти не превземаа ништо тоа да го спречат и да ги заштитат националните и државните интереси.
Со кусогледоста, аматерскиот пристап во дипломатијата и со дебелиот криминален багаж кој што оваа власт на СДС и ДУИ го има очигледно се загрозува Македонија. Нивната килавост раѓа нови и нови понижувања за Македонија.
Ова мора да се смени. Понижувањата на Македонија мора да престанат. Оваа власт мора да замине“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.