Македонија
ЈП „Комунална хигиена“ со демант: Отпадот во Чаир се собира секојдневно, нема санкции од инспекциските служби за загадувачите

ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје ја демантира изјавата на градоначалникот на општина Чаир, кој наведува низа невистинити информации поврзани со активностите на претпријатието во оваа скопска општина. ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје ја информира јавноста дека на територијата на општината Чаир комуналниот отпад секојдневно се собира и транспортира без никаков застој, според динамиката утврдена со оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад од подрачјето на град Скопје. Само во текот на јуни 2024 година oд подрачјето на општината Чаир, како што велат, се подигнати и транспортирани вкупно 1500 тони комунален отпад.
„Воедно, во оваа скопска општина секојдневно се реализира и рачно и машинско метење, како и машинско миење на булеварите и улиците со употреба на автоцистерни, во согласност со оперативниот план за одржување на јавната чистота на подрачјето на град Скопје. Како што досега во повеќе наврати ги информиравме медиумите, ЈП ‘Комунална хигиена’ – Скопје во изминатиот период се соочува и со појава на тенденциозно непрописно одлагање отпад на јавни површини, што резултира со енормно зголемена појава на диви депонии, што е особено изразено во општина Чаир.
Би сакале да напоменеме дека отстранувањето на дивите депонии претставува вонредна активност на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, при што претпријатието секојдневно е изложено на дополнителни финансиски трошоци надвор од оперативниот план и програмата за работа. Во таа насока, во текот на јуни во општина Чаир се отстранети приближно 500 кубни метри отпад од огромен број диви депонии, лоцирани на улиците Џон Кенеди, Цветан Димов, Вуковарска, Ферид Мурат, Ресенска, булеварите Крсте Мисирков, Македонско-косовска бригада и Никола Карев (пластичарската улица) итн.
И покрај секојдневното прекршување на Законот за јавната чистота, не сме запознати дека инспекциските служби при Општина Чаир досега излегле на терен да ја констатираат оваа алармантна состојба и да ги санкционираат загадувачите на животната средина. Го повикуваме и градоначалникот на општина Чаир да ги посети овие локации на кои секојдневно непрописно и несовесно се одлага отпад на јавни и сообраќајни површини и да ги информира жителите на општината дека ваквото однесување директно резултира со загадување на животната средина и загрозување на јавното здравје“, се наведува во демантот.
Од ова претпријатие додаваат дека ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје и понатаму продолжува на граѓаните да им ја нуди можноста својот стар мебел и неупотребливите електронски и електрични уреди да ги одложат без плаќање надоместок во центарот за селекција на отпадот во Карпош, секој ден во неделата, од 9 до 19 часот. Воедно, на бесплатниот телефонски број 0800 222 33 корисниците може да ја нарачаат и услугата за преземање и транспорт на кабастиот отпад директно од нивните домови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Хаос на улиците и нарушена безбедност, уште колку луѓе треба да загинат за Тошковски да понесе одговорност“, прашува СДСМ

„Последната криминална престрелка на Бит Пазар со смртни последици е уште еден доказ за сериозното нарушување на јавната безбедност и нефункционирањето на институциите под раководство на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски“, велат од СДСМ.
„Граѓаните на Скопје и цела Македонија се чувствуваат небезбедно на улиците, додека криминалот и насилството се шират на секој чекор.
Наместо ефикасна превенција и реакција, сведоци сме на институционален хаос и нефункционалност на Министерството за внатрешни работи.
Оваа неспособност загрозува човечки животи.
Уште колку луѓе треба да загинат по улиците за Тошковски да понесе одговорност?
Министерот Тошковски мора веднаш да преземе одговорност за загрозената безбедност.
СДСМ бара итна и транспарентна истрага за престрелката, целосно расветлување на настанот и изведување на виновниците пред лицето на правдата.
Дополнително, потребна е промена на безбедносниот систем и засилени мерки за зајакнување на јавната безбедност, особено во чувствителни области.
Граѓаните не заслужуваат да живеат во страв, граѓаните заслужуваат мирен и безбеден живот, а институциите мора да обезбедат сигурност“, соопшти СДСМ.
Македонија
Единствената работа што беше организирана во владеењето на СДС и ДУИ беше криминалот, реагира ВМРО-ДПМНЕ

„А ако станува збор за организираност и наведувањата дека оваа Влада е неорганизирана, би констатирале само дека единствената работа во која што владата на СДС и ДУИ беше организирана беше криминалот, организираниот криминал, затоа и впрочем нема да се чепне или да се направи ревизија на работењето, а да не излезе од тоа некаква форма на организиран криминал правен од претходната влада во таа институција“, реагира ВМРО-ДПМНЕ на изјавата на Венко Филипче.
„Оттука, и логично е што на СДС ние им делуваме неорганизирано затоа што нивниот впечаток и критериум за организираност е исклучиво за организираност во некој криминал, тие не се навикнати на организирана работа на проекти, затворање дупки и реформи, затоа и ваква забуна се создава кај нив.
За нив најорганизиран и за пример е веројатно нивниот партнер ДУИ со кои градат специфичен однос на ниво на политички и коруптивен садомазохизам, што може да е нов правец во политичката култура во државата“, се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Градоначалникот Ѓорѓиевски со жителите на Црниче го одбележа празникот Балаклија

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес беше присутен на местото Балаклија во Црниче, каде заедно со жителите го прослави Источен Петок, значаен православен празник кој секоја година се одбележува на првата недела по Велигден. Тој истакна дека посебно му е драго што ова свето место, на кое се наоѓа изворот, беше ослободено од узурпација, вратено на жителите оплеменето со нови содржини кои овозможуваат вистинско уживање на сите кои го посетуваат, информира општина Кисела Вода.
Го истакна своето задоволство што следната година ќе ја има честа токму тој да биде кум на овој значаен настан.
– Нека е за многу години Источен Петок – Балаклија! Другата година кумството е мое, дар од Бога за што ми е огромна чест! Денес, заедно со мојот народ од Црниче го славиме овој голем празник кој спаѓа во Светлата Недела. Празник посветен на Пресвета Богородица на кој ѝ се оддава признание и се верува дека на овој ден му ги миела раните на Исус Христос, па затоа водите од изворите денеска се лековити и верниците масовно ги посетуваат за да ги измијат очите и лицето. Ова култно место во Црниче на кое има извор и кое до лани беше узурпирано, го ослободивме и го вративме на жителите, оплеменето со содржини за вистинско уживање и рекреација на сите кои го посетуваат. Горд сум на сплотеноста на мојот народ на ваквите денови, затоа Македонија е богата земја која меѓусебната љубов и почит ја одржувала низ вековите.
За многу години да ни е, здравје и бериќет кај сите-изјави градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.