Македонија
ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ потпиша договор за сертификација на два меѓународни ИСО-стандарда: за поголем квалитет на услугите и грижа за околината
Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на Општина Центар“- Скопје, денес официјално потпиша договор за сертификација на два светски признаени ISO стандарди, со што, како што е соопштено, започнува ново поглавје во унапредување на квалитетот на услугите и грижата за животната средина.
„Стандардите кои ќе бидат имплементирани се:
• ISO 9001 – меѓународен стандард за управување со квалитет, насочен кон подобрување на процесите и зголемување на задоволството на корисниците.
• ISO 14001 – меѓународен стандард за системи за управување со животната средина и одржливо работење“.
Според информацијата, ова е првпат претпријатието да добие ISO сертификација, со што дополнително се унапредуваат процесите според меѓународните стандарди.
„Со воведување на ISO стандардите поставуваме нови критериуми за транспарентно и одговорно работење, а со цел граѓаните да добијат побрза, поефикасна и поквалитетна услуга,“ истакна директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар, Душко Коцевски.
Тој додаде: „ Истовремено, ISO 14001 е потврда дека нашата мисија не е само паркирањето, туку и грижата за почиста и поздрава животна средина во општината Центар и во градот. Со оваа имплементација правиме чекор поблиску кон европските стандарди и покажуваме дека и јавно претпријатие може да биде пример за модерно и одржливо управување.“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на магистралниот пат Струмица – Дабиле
Од 04:20 часот сообраќајот на магистралниот пат Струмица – село Дабиле е нормализиран, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Министерката Јаневска ќе учествува на „Глобалниот конгрес за популација, здравје и човечки развој“ во Каиро
Министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска од 12 до 15 ноември ќе учествува на „Глобален конгрес за популација, здравје и човечки развој“ што по трет пат се одржува во Каиро, под покровителство на Претседателот на Египет, Абдел Фатах Ел – Сиси.
Предвидено е учество на министерката Јаневска на повеќе панел дискусии посветени на човечкиот развој, развој и примена на иновации со фокус на вештачката интелигенција, а ќе биде и воведен говорник на сесија посветена на неформалното образование како концепт на доживотно учење.
За време на конгресот, Јаневска ќе оствари билатерална средба со египетскиот министер за високо образование и научни истражувања, Мохамед Ајман Ашур.
Македонија
Неколку улици во Скопје денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради промена на затворач ф-125мм на крстосницата Индира Ганди/Гвадалахара, прекинато водоснабдување ќе имаат следниве улици; Гвадалахара, Индира Ганди, Метохиска, Јован Хаџи Шишко и Гарсија Лорка, општина Шуто Оризари.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така информираат дека денеска поради уличен дефект од ф 1” на улицата Прашка бр.50, со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците од улицата Прашка од 09:00 часот до завршување на санацијата на дефектот.

