Македонија
ЈСП: Бруцошите имаат право на бесплатен превоз

Во пресрет на почетокот на академската 2023/2024 година ЈСП потсетува дека право на студентски годишен билет за бесплатно користење јавен превоз имаат сите редовни студенти на некој од државните факултети во Скопје на додипломски студии (прв циклус), без ограничување на возраста.
Процедурата за обезбедување на посочениот тип на билет се врши во некој од седумте центри за персонализација на ЈСП „Скопје“, со лично присуство на студентот.
Потребни документи: потврда за редовен студент (не постара од еден месец); оригинал индекс и лична карта на увид; 200 денари (еднократен надомест) за изработка на електронска персонализирана картичка „Скопска“.
Како што информира ЈСП, на бруцошите билетот автоматски им важи до истекот на наредната календарска година (2024 година).
Студентскиот годишен билет за бесплатен превоз важи за неограничен број возења за сите линии (градски и приградски), но не и за превоз во ноќна тарифа. За дополнителни информации, студентите може да се обратат на 02/3171-881, во одделението за продажба при ЈСП „Скопје“, како и на фејсбук-страната на претпријатието facebook.com/jspskopjee.
„Потсетуваме дека единствено ‘Скопска’ со соодветниот билет е единствен валиден документ за бесплатно користење јавен превоз од страна на студентите што ги исполнуваат условите за студентски годишен билет. Не се признаваат индекс, потврда за редовен студент и слично“, додаваат од ЈСП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сообраќајна несреќа на патниот правец Кавадарци – Прилеп, сообраќајот во прекин

АМСМ информира дека сообраќајот на патниот правец Кавадарци – Прилеп е во прекин.
Од таму велат дека прекинот е поради сообраќајна незгода.
Прекинот ќе трае до завршување на увидот.
Македонија
СВР Битола апелира до граѓаните да не палат стрништа и земјоделски површини

Битолската полиција апелира до граѓаните на подрачјето Битола да не се пали оган на отворен простор откако деновиве настанаа неколку пожари како последица од намерно запалени стрништа.
-Апелираме да не се пали оган на отворен простор, да не се палат стрништа, земјоделски површини, отпад и друг горлив материјал и да не се фрлаат отпушоци од цигари и догорчиња. Доколку граѓаните забележат пожар на отворен простор најбрзо што може да го пријават во надлежните институции, апелираат од СВР Битола.
Македонија
Претседателот Пендаровски во Њујорк оствари средба со Јури Ким и Џим O’Брајан од американскиот Стејт Департмент

Претседателот Стево Пендаровски во Њујорк, на маргините на 78. Генерално собрание на Обединетите нации, оствари средба со Јури Ким, заменик помошник државен секретар за Европа и Евроазија и Џим O’Брајан, раководител на канцеларијата за координација на санкции при американскиот Стејт Департмент.
На средбата се разговараше за текот и за актуелните состојби поврзани со европските интеграции на нашата држава, за реформскиот напредок, како и за политичките состојби во земјава и во регионот. Соговорниците се согласија дека е потребно да се одржи фокусот на реформите, како и подготвеноста за водење на преговорите со Европската Унија.
На средбата беа потврдени одличните билатерални односи меѓу Соединетите Американски Држави и Република Северна Македонија, при што претседателот Пендаровски се заблагодари на американската поддршка за членството на Северна Македонија во ЕУ како стратешка определба на македонското општество.