Македонија
ЈСП избрало неприфатлива понуда во набавката на „евродизелот“, утврдени неправилности во постапката, соопшти Бирото за јавни набавки
Постапката за јавна набавка на „евродизелот“ објавена од страна на договорниот орган ЈСП беше предмет на управна контрола во Бирото за јавни набавки по сила на законот, информираат од Бирото за јавни набавки.
„Имено, сите постапки за јавни набавки на стоки и услуги со вредност над 500.000 евра се предмет на управна контрола во согласност со член 172 став 3 од Законот за јавните набавки, без оглед на тоа кој договорен орган ги спроведува.
Во однос на конкретната постапка, управната контрола најде дека договорниот орган ЈСП избрал неприфатлива понуда за најповолна. Оваа понуда, која била и единствена поднесена во постапката, не исполнува услов што самото ЈСП го навело во точка 1.4.8 од тендерската документација. Тоа, всушност, е наведено и во самиот извештај од спроведена постапка на комисијата за јавна набавка во ЈСП“, се наведува во соопштението.
Управната контрола, имајќи го тоа предвид, дала јасни инструкции што треба да преземе ЈСП во записникот од спроведената управна контрола. Имено, со оглед на тоа што ЈСП направил избор на неприфатлива понуда, а други понуди немало во постапката, дала инструкции комисијата за јавна набавка да ја стави надвор од сила донесената одлука за избор и да донесе одлука за поништување на постапката.
„Таквите инструкции се во согласност со член 177 став 3 од законот. Напоменуваме дека ЈСП не ја искористило ниту можноста да ги оспори инструкциите на Бирото преку механизмите што му стојат на располагање во законот од едноставна причина што станува збор за правилно утврдена фактичка состојба од страна на Бирото и исход на постапката кој не може да биде поинаков, а да биде во согласност со законот.
Ставовите искажани во денешното соопштение од Град Скопје, со кои се прави обид фокусот од лошо спроведената постапка да се прекрие со клевети од типот „кадарот на шефот на ВМРО во Бирото за јавни набавки“ во целост ги отфрламе како непримерни и непрофесионални. Бирото за јавни набавки постапува професионално, без оглед на дневните политички престрелки, а наместо да шири политикантство, Град Скопје навремено треба да реагира и да ги искористи законските можности што му стојат на располагање да се задоволат итните потреби за гориво до завршување на редовната постапка. За секој проблем има решение, само што Градот треба да има волја и знаење да го најде наместо да бара дежурни виновници кај другите за проблемите што самиот ги создава“, се потенцира во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски во Капиштец: Секој граѓанин ќе може онлајн да ја следи бучавата на клучните точки во општината
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, заедно со својот тим и дел од советниците, вечерва ги ислуша барањата на жителите кои излегоа на собир во Капиштец за да го изразат своето незадоволство од прегласната музика од угостителските објекти и нарушениот јавен ред и мир во населбата.
„Континуирано се справуваме со проблемот со прегласната музика во Капиштец. Покренавме и иницијатива со жителите кои се потпишаа на истата и побаравме сите надлежни институции и ресорни министерства активно да се вклучат во решавањето на проблемот, бидејќи станува збор за прашање кое е во надлежност на повеќе институции, а не само на локалната самоуправа. За жал, иако имавме многубројни координативни средби, на терен не добивме соодветна поддршка“, истакна Герасимовски.
Тој нагласи дека Општина Центар во рамки на своите надлежности редовно спроведува контроли и изрекува санкции, а на повеќе локации низ општината се поставени дигитални мерачи за бучава.
„Апликацијата наскоро ќе биде достапна онлајн и секој граѓанин ќе може да ја следи бучавата на клучните точки во општината, вклучително и во Капиштец. Еден од мерачите е поставен во близина на угостителски објект на улицата „Народен фронт“. Податоците ќе бидат јавно достапни преку ГИС-платформата и веб-страницата на Општина Центар“, рече Герасимовски.
Жителите побараа засилено присуство на полицијата во населбата, посочувајќи дека во ноќните часови се нарушуваат редот и мирот во околината на угостителските објекти. Тие укажаа и на узурпација на јавните површини, како и на несоодветно однесување на дел од посетителите во алкохолизирана состојба.
„Општина Центар останува отворена за соработка со граѓаните и ќе продолжи активно да ги презема сите мерки што се во нејзина надлежност за подобрување на квалитетот на живот во Капиштец и останатите населби“.
Македонија
Жителите на Капиштец на протест: Секој викенд сме изложени на прегласна музика, сериозен проблем е и паркингот
На денешниот мирен протест, жителите на Капиштец со порака до надлежните институции,
бараме почитување на законите, еднаков третман за сите и итни мерки против, како што велат, долгогодишното дивеење на дел од угостителските објекти во населбата, како и решавање на сè поголемиот колапс со паркирањето на резиденцијалните паркинзи.
„Со децении жителите на Капиштец се соочуваат со сериозен проблем на прекумерна бучава од
угостителски објекти во непосредна близина. Наместо мирна и безбедна животна средина, наместо
викенди поминати во спокој и одмор, речиси секој викенд жителите на оваа населба се изложени на
прегласна музика, нарушен сон, стрес, нарушување на јавниот ред и мир и континуирано деградирање
на квалитетот на животот.
Факт е дека најголемиот број граѓански поплаки и пријави со години се однесуваат на работењето на угостителскиот објект „Интермецо“, кој иако е регистриран како објект за подготовка и послужување пијалаци, во пракса функционира како дискотека, а неретко и како концертен простор на отворено. Но проблемот одамна не е само еден објект. Поради долгогодишното неефикасно и недоволно санкционирање, сè повеќе угостителски објекти ги поместуваат границите на дозволеното, создавајќи атмосфера на неказнивост. Проблемот не само што не се решава, туку од година во година расте, и по бројот на прекршувања и по интензитетот на бучавата“, велат претставници на иницијативата „За пристоен Капиштец“.
Дополнително, жителите, како што велат, се соочуваат и со сериозен проблем со паркирањето.
Реагираат дека резиденцијалните паркинзи сè почесто се узурпирани од посетители на угостителските објекти, поради што жителите што плаќаат и имаат право на паркинг места остануваат без можност да ги користат.
„Нашите барања не се насочени против угостителството, туризмот, забавата или развојот на градот. И ние сме посетители на ресторани, кафулиња и културни настани. Бараме единствено законите да важат еднакво за сите и да се применуваат без исклучок“, додаваат иницијаторите на настанот.
Граѓаните на оваа населба ги повикуваат општинските и градските власти:
„Да ги засилат инспекциските контроли и да обезбедат доследна примена на законите и
подзаконските акти за заштита од бучава;
Да ги применуваат сите расположливи законски мерки против повторувачите на прекршоците,
вклучително и привремена забрана за вршење дејност сè до отстранување на неправилностите;
Да преземат конкретни мерки за заштита на резиденцијалните паркинзи и обезбедување
непречен пристап за жителите.
Од Министерството за внатрешни работи бараат да ги усогласи интерните процедури за мерење на бучава со важечките законски и подзаконски прописи;
Да обезбеди мерење на бучавата на локациите каде што таа реално ги погодува граѓаните, пред
нивните домови, прозорци и фасади;
Да инсистира на поефикасно санкционирање на повеќекратните прекршители, бидејќи
долгогодишната практика покажува дека прекршочните пријави сами по себе не даваат резултат.
„Денешниот протест беше достоинствен, мирен и граѓански. Тој не е насочен против никого, туку
претставува повик за почитување на правото на здрав и достоинствен живот во сопствениот дом“.
Македонија
Муцунски ќе учествува на бизнис форум во Турција
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски, утре во Истанбул ќе учествува и ќе се обрати на Бизнис форумот Северна Македонија – Турција.
Форумот, организиран од владите на двете земји, ќе ги обедини претставниците на институциите на највисоко ниво и бизнис-заедниците од двете држави, со цел унапредување на економската и трговската соработка, привлекување инвестиции и отворање нови можности за партнерства. На настанот се очекува учество на голем број компании од двете земји, кои ќе реализираат B2B и B2G средби.
Бизнис форумот ќе го отворат министерот Муцунски и неговиот хомолог, министерот за трговија на Република Турција, Омер Болат.
На маргините на форумот, Муцунски ќе оствари билатерална средба со министерот Болат, на која се очекува да стане збор за економските односи меѓу двете земји, можностите за натамошно зголемување на трговската размена, привлекувањето инвестиции, како и за унапредувањето на севкупната економска соработка.
Настанот претставува значајна можност за продлабочување на економските врски меѓу Северна Македонија и Турција, како и за воспоставување нови деловни контакти и партнерства меѓу компаниите од двете држави, соопштија од МНР.
