Македонија
ЈСП Скопје: Ниските температури и снегот може да предизвикаат изменето сообраќање на автобусите
Јавното сообраќајно претпријатие Скопје ги информира корисниците на јавниот превоз во Градот Скопје дека, поради ниските минусни температури и најавените временски услови со можни врнежи од снег во главниот град и околината, во наредниот период можно е привремено прилагодување на сообраќањето на одредени автобуски линии.
„Имајќи предвид дека ефектот на средствата за одржување на патиштата е ограничен при екстремно ниски температури, на одделни делници може да се појават отежнати услови за сообраќај. Од тие причини, дел од линиите ќе сообраќаат до локации кои во моментот се проценети како безбедни и проодни за возилата на ЈСП Скопје, согласно проценките на надлежните служби. Напоменуваме дека безбедноста на патниците и вработените е приоритет, па доколку условите не дозволуваат сигурно одвивање на сообраќајот, ќе се преземаат соодветни мерки и јавноста ќе биде навремено информирана за сите промени. Во услови на стабилно време, јавниот превоз ќе се одвива согласно редуцираниот делничен зимен возен ред, кој важи до крајот на зимскиот училиштен распуст“, информираат од ЈСП Скопје.
Од претпријатието додаваат дека „екипите на ЈСП Скопје, заедно со надлежните служби на Градот Скопје и локалните самоуправи, континуирано се ангажирани на терен со соодветна механизација, со цел навремено реагирање и создавање услови за безбедно и непречено функционирање на јавниот превоз“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Лекарската комора дава поддршка за новиот Закон за заштита од пушење
Лекарска комора на Република Северна Македонија изрази поддршка за новиот Предлог-закон за заштита од пушење и за мерките што со него се воведуваат, оценувајќи дека тие се во насока на унапредување на јавното здравје и заштита на населението, особено на децата, младите и ранливите групи.
Од Комората посочуваат дека лекарите секојдневно се соочуваат со последиците од употребата на тутунски и никотински производи и изложеноста на чад, кои, како што наведуваат, се директно или индиректно поврзани со кардиоваскуларни заболувања, малигни болести, хронични белодробни состојби и други сериозни здравствени проблеми.
Следејќи ги добрите европски практики, Лекарската комора смета дека новите мерки за контрола на тутунските и никотинските производи, како и заштитата од пасивно пушење, ќе придонесат за намалување на бројот на нови корисници, особено кај младите, поефикасна заштита на непушачите во затворени простории и создавање поздрава животна и работна средина.
Во соопштението се нагласува дека здравјето на граѓаните мора да биде над сите други интереси и дека доследното почитување на законските ограничувања може да резултира со помал број хоспитализации и долгорочни придобивки за целото општество.
Од Лекарската комора информираат дека остануваат подготвени активно да учествуваат во подигање на јавната свест за опасностите од употребата на тутунски и никотински производи и да дадат поддршка на мерките кои водат кон поздрава и побезбедна заедница.
Македонија
Хоџа и Филипиду разговараа за прекуграничната соработка во заштитата на животната средина
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денес оствари работна средба со амбасадорката на Република Грција во Република Северна Македонија, Софија Филипиду, на која беа разгледани приоритетите на билатералната соработка во областа на животната средина.
Во фокусот на разговорите беа активностите поврзани со управувањето со Националниот парк Преспа (Prespa National Park), управувањето со водните ресурси, хидролошката состојба на Преспанското и Дојранското Езеро, како и тековните прекугранични проекти што се реализираат.
Двете страни ја потврдија заедничката заложба за натамошно унапредување на соработката меѓу Република Северна Македонија и Република Грција, со посебен акцент на заштитата на животната средина и одржливиот развој на прекуграничните региони.
Македонија
Општина Аеродром спроведува акција за чистење диви депонии на повеќе локации
Јавното комунално претпријатие на Општина Аеродром денеска реализира акција за чистење на поголемите диви депонии на повеќе локации на територијата на општината.
Со соодветна механизација се врши темелно отстранување на секаков вид отпад депониран на несоодветни и недозволени места, со цел подобрување на хигиената и заштита на животната средина.
Општина Аеродром упатува апел до граѓаните да не се фрла отпад на недозволени локации и да се постапува совесно и одговорно, во интерес на заедницата и јавниот простор.
Во наредниот период ќе се спроведуваат зајакнати инспекциски контроли, при што против сите прекршители ќе бидат преземени соодветни мерки, согласно со важечките законски прописи.
Општина Аеродром останува посветена на континуирани активности за унапредување на јавната хигиена и создавање чисто, уредно и здраво опкружување за сите жители.

