Македонија
Љубомир Фрчкоски осомничен за злоупотреба на буџетски пари во САД

Љубомир Фрчкоски, поранешниот шеф на Постојаната мисија на Македонија при ООН во Њујорк, заедно со уште три лица, е осомничен за злоупотреби во службата.
Според поднесената кривична пријава, Фрчковски како службено лице – шеф на Постојаната мисија при Обединетите нации во Њујорк од 20 април 2022 година до 6 октомври 2024 година, ја злоупотребил службата бидејќи постапил спротивно на инструкцијата од Министерството за надворешни работи од 25 април 2023 година и спротивно на мислењето од Министерството за финансии од 23 јули 2023 година.
На сметката на Постојаната мисија на Македонија во ООН биле уплатени 3.998.721,72 американски долари од заедничка продажба на сукцесиски објект на СФРЈ во Њујорк. Од тие пари на сметката на буџетот на Македонија потоа уплатил 3,94 милиони американски долари. Преостанатиот износ во висина од 58.721,72 американски долари, пак, останале на сметката на Постојаната мисија на Македонија во ООН.
„Тој, иако бил должен, паричните средства не ги уплатил на сметка на буџетот на РМ и незаконски и ненаменски ги потрошил на начин што постапил спротивно на правилникот за финансиско и материјално работење на дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство, упатството за водење на финансиското и материјалното работење на дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство, правилникот за плата, додатоци на плата и надоместоци на определени трошоци на вработените во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија и интерната процедура за начинот и постапката на планирање, спроведување и реализација на јавните набавки до ДКП на Република Македонија во странство“, се вели во кривичната пријава.
Се додава дека на овој начин Љубомир Данаилов-Фрчкоски остварил незаконско и ненаменско користење на буџетските средства по основ на земени аванси за службен пат, по основ на помалку вратен депозит за резиденцијата на амбасадорот, по основ на пречекорувања на дозволениот износ за мобилен телефон, како и неоправдани и двојни пли плаќања на одредени сметки за телефон, по основ на нерасчистено салдо во касата на Постојаната мисија на РМ при ООН во Њујорк, по основ на направени издатоци за репрезентација повеќе од дозначените средства од страна на МНР на сметката на Постојаната мисија во Њујорк, по основ на подигнати парични средства од касата на Постојаната мисија за поправка на службено возило, без претходна согласност од МНР.
Според пријавата, причиниле штета на државниот буџет во вкупен износ од 116.576,9 американски долари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Богородица се чека околу 30 минути на македонска страна

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничниот премин Богородица задржувањето од македонска страна е околу 30 минути. На останатите гранични премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Аеродром и Карпош денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците во околината на објектот ЕКВИЛИБРИУМ на улица Руди Чајевац, општина Аеродром;
· од 09:00 до 16:00 часот, корисниците од дел од улица Ванчо Мицков, општина Карпош;
· од 10:30 до 14:00 часот, корисниците од дел од улица Кнез Трпимир и населбата Трнодол, општина Карпош.
Македонија
Сончево и топло, попладне пороен дожд, грмежи и засилен ветер

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално во форма на невреме со услови за појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 21, а максималната ќе достигне од 27 до 35 степени.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне во делови од котлината ќе има услови за развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 35 степени.
Времето во наредните денови
Во деновите од викендот времето ќе биде стабилно и малку посвежо и ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Од понеделник ќе продолжи период на стабилно, претежно сончево и топло време со пораст на температурите.