Македонија
Љутков – Обуљен Коржинек: Ги интензивираме одличните македонско-хрватски односи во културата
Одличните релации меѓу РС Македонија и Р Хрватска на надворешно-политички план, во рамките на регионалната соработка, ЕУ и НАТО, се отсликуваат и во традиционално добрата соработка во културата, се согласија министерот Зоран Љутков и министерката за култура и медиуми на Хрватска, Нина Обуљен Коржинек, на денешната билатерална средба во Загреб.
На средбата беше искажана благодарност за поддршката и подготвеноста на Република Хрватска за споделување на искуствата и позитивните практики од процесот на пристапување кон ЕУ. Министерката Обуљен Коржинек истакна дека Хрватска останува гласна во поддршката на евроинтеграцискиот пат на нашата земја, а министерот Љутков во тој контекст истакна дека и неодамнешната посета на премиерот Христијан Мицковски на оваа пријателска држава е дополнителен импулс за продлабочување на односите.
Љутков, на хрватската колешка ѝ го образложи значењето на македонскиот Културно-информативен центар во Загреб и ја претстави новата директорка, Мими Ѓоргоска-Илиевска, која има долгогодишно искуство во областа на културата. Тој подвлече дека Центарот има големи потенцијали за проширување на соработката во културата, но и за промоција на природните ресурси на нашата држава, како и можност за проширување на надлежностите во образованието и науката.
На средбата беа истакнити многубројни примери на соработка на институционално ниво во културата во сите области на уметноста, а министерката Обуљен Коржинек особено ги издвои успешните копродукциски филмски проекти меѓу двете држави, како и преводите на дела од реномирани македонски и хрватски автори на двата јазика. Таа изрази особено задоволство од присуството на македонски театарски творци во Хрватска кои бележат завиден успех.
Министрите ги споделија искуствата во однос на развојот на креативните индустрии, при што Љутков искажа подготвеност за примена на добрите хрватски практики, посочувајќи дека овој сектор е во приоритетите на Министерството за култура и туризам и за него ќе бидат одделени зголемени буџетски средства.
Во конструктивна атмосфера, Љутков и Обуљен Коржинек разговараа за идните чекори во однос на мултилатералните иницијативи, при што го поздравија повторното активирање на иницијативата КОМОКОСЕЕ – Совет на министри за култура, во чии рамки ќе се одржат состаноци на експертско и на министерско ниво. Беше разговарано за активностите, поточно за уредувањето и за наративот на музејската поставка при продолжувањето на проектот за отворање на поранешниот југословенски павилјон во „Аушвиц-Биркенау“, координиран од Регионалното биро на УНЕСКО за наука и култура во Европа со седиште во Венеција, Италија,
Љутков упати покана до министерката Нина Обуљен Коржинек за возвратна посета на Македонија, за време на одржувањето на фестивалот на Регионалната унија на театри „Рута“ во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Радев: Преговорите помеѓу Бугарија и Северна Македонија завршија пред две години
Преговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија завршија во јули 2022 година, кога двете земји го потпишаа билатералниот протокол по Договорот за добрососедство и соработка, изјави бугарскиот претседател, Румен Радев, кој смета дека нема потреба од посредништво во дијалогот помеѓу Македонија и Бугарија.
Со овие зборови тој одговори на прашање за изјавата на премиерот на Христијан Мицковски, дека е подготвен за преговори со бугарскиот претседател.
Радев посочи дека секогаш бил отворен за дијалог, но мора да се прави разлика меѓу дијалог и преговори.
„Преговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија завршија во јули 2022 година, кога двете земји го потпишаа билатералниот протокол по договорот за добрососедство и соработка“, рече Радев, пренесува „Новини.бг“.
Според него, доколку се зборува за дијалог, тој треба да се води меѓу Северна Македонија и Европската комисија и врз основа на преговарачката рамка за Северна Македонија усвоена во исто време.
„Дијалогот е таму, а се работи за условите што мора да ги исполни Северна Македонија, за да можат да почнат преговорите за членство на земјата во ЕУ“, додаде.
Радев истакна дека Бугарија може и треба да помогне во овој процес, за Северна Македонија побрзо и поефективно да ги исполни условите и самоуверено да го тргне својот европски пат.
Македонија
Уште еден земјотрес почувствуван во Македонија
Земјотрес со јачина од 3,6 степени според Рихтеровата скала вечерва е регистриран во близина на граничните премини помеѓу Македонија, Косово и Србија.
Според информациите на ЕМСЦ земјотресот се случил на длабочина од 10 километри, на 9 километри од Врање.
Граѓаните веднаш се огласија на социјалните мрежи и, како што велат, ова е четврти земјотрес од синоќа.
„Добро удри! Немаше нишање, повторно вертикално“, сведочи граѓан на Врање кој го почувствувал потресот, пренесува „Б92“.
„Силно, но кратко“, се дел од коментарите на корисниците на EМСЦ.
Земјотресот бил почувствуван во делови од Македонија, Србија, Косово и Бугарија.
Претходно утрово, земјотрес со јачина од 4 степени според Рихтеровата скала ја погоди јужна Србија, а беше почувствуван и во Македонија и во Бугарија.
Македонија
Огромни гужви на грчко-македонската граница: „Се чека и до три часа“, се жалат граѓани
Колони возила има попладнево на граничниот премин Еврзони од грчка страна, додека голем број македонски граѓани се враќаат од продолжениот празничен викенд кој го поминаа на туристичките места во Грција.
Според информациите од АМСМ, за влез во земјава се чека повеќе од еден час.
Граѓани пак, сведочат дека чекаат и до три часа.
„Колони има до патарина“, се жалат македонските туристи.
Гужви има и на велешката патарина, а колона возила стои во место и на влезот на Гостивар од „Стража“.
Според последните информации, на Табановце времето за чекање веќе е намалено откако претходно денес и таму беше забележано зголемено движење.
(Фото: архива)