Македонија
Џафери тврди дека ги консултирал институциите – заразените пратеници гласале според дополнителен протокол

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, на денешната прес-конференција рече дека бил приморан да се потпре на дополнетиот протокол со кој се овозможи вчера двајцата пратениците да дојдат во скафандери и да гласаат за економскиот пакет мерки.
Тој посочи дека немал друг избор во услови кога опозицијата блокира и нема кворум, а има заболени пратеници од мнозинството и не може да работи Собранието.
„Не работи Талат своеглаво, затоа што така му текнало. Пред тоа милион консултации направив со сите институции. Не смеам јас на своја рака да носам пратеници, затоа што јас така сакам, си има процедура, закони, се е ставено на хартија. Опозицијата одбива да работи, уценува и условува, прекинував нон-стоп седници, таа состојба прекипе и што јас да правам, да седам со скрстени раце?! Никој не бил загрозен, не можел никој да се зарази од тие пратеници кои немале контакт со никој, освен со хартијата во кабината. Што мислите вие, до полноќ ми текнува што да работам, а од полноќ да спроведувам. Не тоа не е мој стил, си има протокол си има процедури“, рече собранискиот спикер Џафери, објаснувајќи зошто го спровел протоколот за носење на пратеници кои се во изолација во Собранието.
Џафери информираше и дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ била известена и знаела за посебниот протокол под кој заболени пратеници може да дојдат во Собранието и да присуствуваат на седница, како одговор на реакциите во јавноста.
Како што објасни тој, работна група уште во јули 2020 која донела протокол под кои услови ќе функцира Собранието во ковид услови, а подоцна во ноевмри со писмо до Министерството за здравство побарал дополнување на протоколот кој ги уредува условите под кои заболен пратеник може да се појави на Седница.
„Оваа работна група го изготви тој протокол уште во јули минатата година кога беше пикот на пандемијата. Во тој период пост изборно требаше да ја одржиме конститутивната седница , да се избере Владата и ред други работи. Ако се сеќавате јас тогаш бев во болница непосредно кога се донесе протоколот. Според него е уредено гласањето за пратеници кои се наоѓаат во домашна изолација кои може да гласаат во посебни услови утврдени со протоколот. Ако се сеќавате и Арбен Џафери тогаш беше позитивен и изолиран, но дојде и гласаше во кабина, според истиот протокол. Со оглед на состојбата со коронавирусот, предложивме седницте да се одвиваат онлјан и тогаш ете ви 3000 амандмани од опозицијата. Беа против тоа и знаев дека ќе има проблеми, затоа на 18 -ти ноември испратив писмо до Министерството за здравство и Комсијата за заразни болести со кое побарав да се доуреди протоколот под кој може во Собранието да дојде заболен пратеник без симптоми. Следниот ден добив одговор и го имав протоколот на хартија. Свикав координација со партиите, но ВМРО-ДПМНЕ беа лути заради амандманите и не дојдоа на таа координација. Но, јас им уредно им го испратив протоколот , да не испадне после не знаеле, што е и моја обврска да ги информирам. И тогаш им кажав дајте луѓе да не се доведеме во оваа ситуација, да работиме за доброто на граѓаните. Но, како што и самите знаете, не испадна така, па бев приморан да го направам она што се случи вчера“, објасни Џафери.
Џафери додаде дека пред закажувањето на 36-та седница ги прашал Алијанса за Албанците и Алтернатива дали ќе учестуваат и дали ќе има нивно присуство, но како што вели немало одговор и од нив. Како што додаде имајќи в предвид дека ВМРО-ДПМНЕ како што рече „условуваат“, а албанскиот опозициски блок не потврдува присуство се потпрел на протоколот со кој може да дојдат заболени пратеници без симптоми и да гласаат на Седница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Со „гарантирана цена“ и пониски маржи го штитиме стандардот на граѓаните, велат од СДСМ

СДСМ со реализација на мерките за намалување на цените на прехранбените производи, го штити стандардот на народот, велат од партијата.
„Со мерката „гарантирана цена“ веќе се намалени цените на стотици основни прехранбени производи и тоа за 30 до 40% отсто од цената по која се продавале на 1 август годинава. Списокот на производи со „гарантирана цена“ се проширува со безалкохолните пијалаци, соковите, газираната и негазираната вода, пивото кои се намалуваат за 10 отсто, се вели во соопштението од СДСМ и се додава:
„Дополнително, со мерката за ограничување на маржата за трговците се намалува и цената на овошјето и зеленчукот за околу 30%. Граѓаните по пониски цени во маркетите купуваат леб, млеко, млечни производи, месо, брашно, јајца, ориз и многу други прехранбени артикли, што поволно влијае врз семејните буџети. Со овие мерки и со политиките за постојано покачување на платите и пензиите СДСМ продолжува со реална грижа за граѓаните и нивниот стандард“, велат од партијата.
Македонија
ДУИ и СДСМ смислиле уште еден бонбона бизнис за да се нафатираат, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Артан Груби, поддржан од Ковачевски, дозволува отворање на 3 онлајн коцкарници, кои ќе бидат во партнерство со државата, внимавајте со лиценца, која ќе има важност цели 15 години, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Огласот кој е распишан овој септември, е така скроен, да нема теорија на истиот, да учествува некоја домашна фирма, односно стриктно е наменет за странски фирми. Дали Артан Груби и владата, овој оглас го скроиле за бугарската фирма 8888.бг? Дали на оваа фирма сопственик е озогласениот во бугарското подземје Васил Бошков, т.н. Черепот, добро познат на законот во Бугарија, кој што живее во Дубаи?“, прашуваат од партијата ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, додека народот тоне во сиромаштија, а власта се фали со некакви загарантирани цени, од неколку денари помалку, ДУИ и СДС смислиле уште еден бонбона бизнис, за да се нафатираат за по уште неколку десетици милиони евра.
Македонија
ЦУК: Во последното деноноќие 24 пожари, до утрово – активни само два

Во текот на вчерашниот ден, според извештаите во Секторот за операции и координација во Центарот за управување со кризи, противпожарните тимови интервенирале на 24 пожари, некаде заеднички – здружени од повеќе општини, а и со помош од месните жители, како и со воздухопловна поддршка од ДЗС и МВР, извести ЦУК.
Како што соопшти ЦУК, утрово еден пожар се води како активен – во Општина Прилеп, кај село Алинци, каде што горела ниска вегетација, а се уште чадела само депонијата што исто ака била опожарена и е пријавен уште еден. Конкретно, Регионалниот ЦУК Прилеп извести дека околу 04:40 часот утрово е започнат пожар при што гори ниска вегетација и деградирана шума кај село Небрегово, во Општина Долнени. Во гаснењето на пожарот, интервенирале четири пожарникари од ТППЕ Прилеп со едно противпожарно возило.
Вчерашните изгаснати 24 пожари, при што горела сува трева, ниска вегетација, деградирана шума, а и мешана и борова шума, биле во 12 општини: Илинден, кај село Бучинци; Петровец, Стрелиште Чојлија; Општина Долнени, кај село Слепче, село Гостиражни, село Секирци, село Стровија и кај село Новоселани; Прилеп, кај село Загорани и кај кај фабрика „Комфи Ангел“; Крушево, село Норово; Кривогаштани, село Кривогаштани; Струмица, кај село Сушица, село Куклиш, село Вељуса и кај село Водоча; Гевгелија, село Ново Конско; Кичево, село Челиковци; Куманово, кај населбата „Бедиње“ и кај село Романовце; Липково, кај село Матејче и кај село Ваксинце и во Општина Кратово, кај село Коњух, каде што горела ниска вегетација, грмушки, ниска шума, една штала и неколку напуштени куќи, информираше ЦУК.