Македонија
Градоначалникот на Кисела Вода доби благодарница за придонес кон лицата со попреченост
Градоначалникот на Општина Кисела вода Орце Ѓорѓиевски денес доби признание. Од страна на Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори на Република Македонија, му беше доделена благодарница за посебен придонес во развојот на едукацијата и рехабилитацијата на лицата со попреченост.
-Дозволете ми да го изразам моето искрено задоволство и чест што денес ја примам оваа благодарница во име на Општина Кисела Вода, на оваа значајна конференција која одбележува 75 години на организирана едукација, рехабилитација и вработување на лица со попреченост во нашата земја. Вашето признание е потврда дека посветената работа и вложените напори се вреднувани и забележани. Ова признание ја носи со себе не само мојата лична гордост, туку и гордоста на целата Општина Кисела Вода и нејзината посветеност кон ранливите категории на граѓани, особено децата и лицата со пречки во развојот. Кисела Вода е препознатлива како општина која активно вложува и работи на создавање подобри услови за живеење на овие категории. Горди сме што реализиравме низа проекти и мерки кои го подобрија секојдневието на лицата со попреченост. Меѓу најзначајните иницијативи е отворањето на дневниот окупационен центар, во соработка со невладината организација “Крик”. Обезбедивме и простор за дневни активности за Здружението за деца со церебрална парализа, при што сите трошоци се покриени од сопствени средства. Секоја година ја збогатуваме библиотеката на децата со оштетен вид од ДУРМДОВ “Димитар Влахов” со книги напишани со Брајово писмо. Децата со попреченост активно учествуваат и во сите наши настани од културата. Секоја година, под наше покровителство, се одржува неколкудневен фестивал на инклузија со цел подигнување на свеста за ова општествено прашање. Во основните училишта во општината, опремивме сензорни соби, со што овозможивме учениците со различни потреби да ја добијат потребната поддршка. Во зградата на општината обележавме патеки за слепи лица, што сведочи за нашата решителност за создавање инклузивно општинско опкружување. Посебно сум горд на фактот што во општинската администрација имаме вработено лица со Даунов синдром и со попречен вид. Ова е пример за вистинска инклузија и докажува дека сите заслужуваат еднаква шанса и еднакво придонесуваат кон општеството-истакна градоначалникот Ѓорѓиевски во своето обраќање.
Информираше дека годинава, за прв пат, со поддршка од него и од Општина Кисел Вода, беше реализирана инклузивната претстава „Малиот принц“, каде што учествуваа лица со церебрална парализа, а оваа година Кисела Вода беше и домаќин на логопедско-дефектолошкиот конгрес.
-Општина Кисела Вода интензивно работи на овој план, што ни овозможува да се истакнеме како водечка општина во поддршката на лицата со попреченост. Оваа благодарница за нас значи потврда дека патот кој го одиме е правилен. Ние не застануваме тука. Продолжуваме да соработуваме со институциите, невладините организации и сите заинтересирани страни за подобра иднина на лицата со попреченост. Досега имаме бројни предавања, трибина со Македонското научно здружение за аутизам. Од септември на наша територија, во соработка со “Гаспар” центарот, функционира и дневен центар за бесплатни индивидуални логопедски и психолошки третмани, кој е првиот лиценциран на територија на Кисела Вода. Во тек ни е соработка со УКИМ, поточно со Филозофскиот факултет, одделот на специјална едукација и рехабилитација каде што ќе има соработка и пракса со студентите, при што ќе се искористат максимално сензорните соби кои ги имаме и кои се целосно опремени. Продолжуваме да вложуваме во инклузија и развој, за секое дете и секој човек да имаат поддршка и можности за подобар живот. Благодарам уште еднаш за признанието. Ова е наше заедничко достигнување е поттик да продолжиме да градиме посилна и поинклузивна заедница-изјави Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јанкулоска: Борбата за правда продолжува, се надевам дека ќе се утврди кој го вршел прислушкувањето
Задоволна сум од денешната одлука, но борбата за правда ќе продолжи, вели Гордана Јанкулоска поранешната министерка за внатрешни работи, во врска со пресудата на Основниот кривичен суд во случајот „Тврдина“.
Таа во објава на социјалните мрежи додава дека борбата за правда продолжува и изрази надеж дека граѓанската постапка ќе донесе разрешница за масовното прислушување.
„Календарски помина речиси една деценија, а како да поминаа три животи на некој што доживеал длабока старост. Само семејството и релативно мал круг блиски луѓе и пријатели знаат како изгледаа овие години.
Задоволна сум од денешната одлука на судот кој ги уважи нашите аргументи. Без оглед што во кривичната постапка не се утврди виновникот за масовното прислушкување, што мене како една од најголемите жртви на овој монструозен чин и на моето семејство од корен ни ги промени животите и ни нанесе ненадоместлива штета, борбата за правда прододолжува и се надевам дека ако не во кривична постапка, тогаш во граѓанска постапка ќе се утврди кој го вршел прислушкувањето“, пишува Јанкулоска.
Македонија
Забрани за тешки моторни возила на неколку патни правци, врнежи од снег со променлив интензитет се бележат низ целата држава
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенцијата на дежурните екипи на ЈП Македонија Пат. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат низ целата држава.
Од 11:00 часот на патниот правец Тетово – Попова Шапка, воведена е забрана за движење на тешки моторни возила и автобуси.
Активни забрани за тешки товарни возила има на патните правци:
Гостивар – Маврово – Дебар; Гостивар – Стража – Кичево; Струмица – Берово; Пресека; Ѓавато; Плетвар; Тетово – Попова Шапка (за останатите видови на возила задолжителна е употреба на зимска опрема)
AМСМ информира за дека се укинати забраните за тешки товарни возила на патните правци:
· Делчево – Г.П. Делчево
· Струга – Г.П. Ќафасан
Од 15.11.2024 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2025 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
„Вреди“: Срамот и деградацијата не се во нашиот двор, туку кај ДУИ, каде што манипулацијата и клеветата станаа политичка доктрина
Следејќи ја вообичаената пропаганда, ДУИ уште еднаш докажа дека е мајстор за манипулации и ниски клевети, во очајнички обид да го оттргне вниманието од сопствените неуспеси, велат од коалицијата „Вреди“.
Додаваат дека остануваат силно на страната на албанските национални интереси, секогаш бранејќи го правото на Република Косово како независна и суверена држава.
„Обидите на „Вреди“ да му се припишат непостоечки ставови се залудни и неосновани. Вреди не негира дека Иван Стоилковиќ е претставник на Србите, тој е нивен претставник и ние не се обидуваме да го претвориме во Албанец, а уште помалку да го натераме да размислува како Албанец, но разликата меѓу нас и ДУИ е дека тие самоинициатевен остана дел од Отворен Балкан, иницијатива која никогаш не ја призна Република Косово. Потсетуваме дека првата средба на премиерот Христијан Мицкоски беше со премиерот Албин Курти. За оние кои не знаат, но треба да знаат: „Вреди“ не прифаќа, ниту пак користи терминологија што го нарушува суверенитетот и територијалниот интегритет на Косово“, посочуваат во реакцијата од страна на оваа коалиција.
Според нив, наместо да ги клевети другите, би било добро ДУИ да се погледне себеси во огледало и да ја разгледа нивната сомнителна позиционираност во однос на националните интереси.
„Вреди“ како што велат, останува верен на своите принципи и е посветен на искрена и чесна меѓуалбанска соработка, отфрлајќи секаква форма на компромис на штета на албанскиот народ. Албанците се свесни кој достоинствено ги застапува и кој им служи на личните и партиските интереси.
„Срамот и деградацијата не се во дворот на „Вреди“, туку таму каде манипулациите и клеветите станаа политичка доктрина“, се додава во напишаното.