Македонија
Адеми: Македонскиот јазик ги потврдува добрите историски односи помеѓу Македонија и Романија
На првиот ден од официјалната посета на министерот задолжен за дијаспора Едмонд Адеми на Романија, придружуван од директорот на Агенцијата за иселеништво, Никола Шалварниов, се сретна со Мариана Венера Попеску, пратеник на Македонската заедница во романскиот Парламент, и со министерот за култура и национален идентитет на Романија, Валер Даниел Бреаз.
„Министерот Едмонд Адеми и се заблагодари на пратеничката Попеску за нејзиниот ангажман и придонес во донесувањето на законот со кој 8 декември – денот на Свети Климент Охридски е прогласен за ден на македонскиот јазик во Романија, со што дополнително се зајакнуваат односите помеѓу двете традиционално пријателски земји“, соопштија од Владата.
На средбата со новиот министер за култура и национален идентитет Валер Даниел Бреаз, било потврдено дека постои огромен простор и потенцијал за културна соработка помеѓу Република Македонија и Романија, и дека во периодот што следи културната соработка ќе се интензивира.
„Министерот Едмонд Адеми, на средбата ја реактуелизираше иницијативата за поставување на споменик во Букурешт на големиот македонски уметник Никола Мартиноски, кој студирал и дипломирал во Букурешката Академија на Уметности во 1927 година. Двете страни посакуваат и се надеваат дека овој проект ќе се реализира во текот на 2019 година“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.