Македонија
Адеми: Наставата на француски јазик пример за добро пријателството
Министерот за образование и наука, Арбер Адеми, заедно со амбасадорот на Франција, Кристијан Тимоние, ги посети основните училишта „Наум Наумовски – Борче“ и „Братство“, каде што францускиот јазик се изучува како посебен наставен предмет, односно наставата се изучува целосно на француски јазик.
„Целта е симболично да ја споделиме важноста и да ја изразиме поддршката за ширењето и изучувањето на францускиот јазик во училиштата и негово што поголемо прифаќање од страна на младите во нашата земја затоа што се работи за еден од најраспространетите, односно најдобро позиционирани јазици на мапата на јазици што се користат во светски рамки и неговото изучување и примена се привилегија за секој поединец“, изјави Адеми.
Познавањето на јазиците, потенцира министерот, е можност за збогатување на знаењата, особено за културата на друг, односно други народи, како и основа за поедноставна разбирлива комуникација и воспоставување нови пријателства со луѓе во глобални размери.
Според Адеми, давањето поддршка за изучувањето на францускиот јазик е најмалку што може Министерството за образование и наука да направи за пријателска Франција, земја што континуирано ја поддржува нашата земја на патот кон евроинтеграциите, кон развојот на образованието и во многубројни други сфери на општеството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Приведен охриѓанец кој го фотографирал гласачкото ливче
Полицијата во Охрид го приведе А. И. (48) затоа што го фотографирал гласачкото ливче на избирачкото место 1271 во Охрид.
По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, информираа од СВР Охрид.
Македонија
ОЈО Делчево истражува обид за изборен поткуп со бесплатно вградување водомери
Основното јавно обвинителство Делчево истражува предмет за изборен поткуп со бесплатно поставување водомери. Обвинителот Џељаљ Бајрами, претседател на комисијата на Јавното обвинителство за следење евентуални кривични дела поврзани со изборите, извести дека се издадени наредби за увид во службената документација на Јавното претпријатие „Комуналец“ во Делчево.
„Во текот на вчерашниот ден во Основното јавно обвинителство Делчево е заведен предмет по барање на Министерството за внатрешни работи за кој се побрани наредби за вршење увид во службената документација на Јавното претпријатие ’Комуналец’, со цел да се проверат наводите за евентуално сторено кривично дело поткуп при избори и гласање. Се работи за наводно поставување водомери во поголем број населени места во таа општина. Дадена е наредба за проверка на службената документација во претпријатието. Доколку се утврди дека има елементи за сторено кривично дело поткуп при избори и гласање, предметот ќе се процесира понатака“, рече обвинителот Бајрами.
Во Основното јавно обвинителство Радовиш денес е пријавено дека во село Бучим еден од гласачите наводно го покажал гласачкото ливче кон еден од набљудувачите од една политичка партија. И за овој настан обвинителот Бајрами рече дека се дадени насоки за проверка на наводите и доколку постојат елементи за сторено кривично дело, и овој предмет ќе се процесира.
Обвинителот Бајрами рече дека од аспект на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија денешниот изборен ден се одвива без поголеми нарушувања и нерегуларности.
Македонија
Одѕивот до 13 часот е 26,35 отсто – најмногу гласале во Новаци, а намалку во Врапчиште
Процентот на избирачите што гласале до 13 часот е 26,35 отсто, информира претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.
Според податоците, најголем е одѕивот во Новаци – 42,87, а најмал во Врапчиште – 10,18 отсто.
Заклучокот е дека досега гласањето се одвива мирно на сите избирачки места.
До ДИК се доставени 140 приговори за заштита на избирачко право, од нив 16 се усвоени и на избирачите им е овозможено да остварат право на глас, 8 се отфрлени како неуредни, а 9 одбиени. Другите се во обработка.