Македонија
Администрацијата чистеше во Скопје, отстранети и импровизираните објекти од кејот на Вардар
Вработените на градската администрација, јавните претпријатија и градските јавни културни институции денеска учествуваа во големата акција за чистење на Скопје, која се одржа како начин за одработување на неработниот ден од годинава, 2 јануари.
Во текот на денешната акција повеќе од 40.000 вработени од јавниот сектор спроведоа голема акција за чистење, која се одвиваше на 20 локации во Скопје и тоа: се езерцето Треска во Сарај, Аквадуктот, СЦ „Борис Трајковски“, Кале, Музејот на современа уметност, касарната „Илинден“, Јужен булевар, „Бихаќка“, Државното училиште за физичка култура „Методија Митевски Брицо“, Железничката и автобуската станица, улица „Џон Кенеди“, кај Собранието, цела улица „Македонија“, МКЦ и МТВ, касарната „Гоце Делчев“, улица „Ферид Бајрам“, улица „Александар Урдаревски“, Европската очна болница, улица „Индустриска“ во Гази Баба и целиот кеј на реката Вардар.
Вработените од Градот Скопје чистеа на повеќе локации по должината на Кејот на реката Вардар, на потег од мостот „Обединети нации“ до мостот Тодор Александров (Поранешен Близнак), вториот дел од Градскиот парк и други јавни површини.
„Се надевам дека со оваа акција ќе ја постигнеме основната цел на оваа акција, а тоа е подигнување на свеста кај сите граѓани за одговорно однесување кон хигиената во градот. Скопје мора и може да биде почист град, а за тоа покрај реформите во начинот на функционирање на службите задолжени за тоа, неопходно е и секој од нас како граѓанин да обрнува внимание на одржувањето на хигиената во градот. Скопје е нашиот заеднички дом, затоа верувам дека можеме да успееме да го одржуваме чист, исто како дома. Само со заеднички сили можеме да го постигнеме тоа. На крајот на денот хигиената значи здравје, а нема ништо поважно од нашето здравје и здравјето на нашите сакани“, кажа градоначалникот Шилегов за време на денешната акција.
Во текот на оваа акција, во соработка со Министерството за труд и социјална политика, се изврши чистење на импровизираните објекти на ролерско-велосипедската патека на Вардар, која е посочена како една од локациите на која често се врши нелегално палење на отпад и придонесуваат на загадувањето на амбиенталниот воздух.
– Ова е второ чистење на оваа локација во изминативе две години и иселување на лицата кои живеат на оваа дива населба. За таа цел решивме овојпат, покрај нивно дислоцирање, да извршиме и целосно чистење на просторот со цел да спречиме нивно повторно враќање. Градот работи да ја утврди и сопственоста на конкретната локација, бидејќи тука имаше спорни состојби, за доколку истото е приватно земјиште да го задолжиме сопственикот истото да го огради, додека доколку е државно истото да го облагородиме и да го урбанизираме и да спречиме повторно да се создаваат вакви појави додаде градоначалникот Шилегов.
Министерката Мила Царовска ја оцени денешната акција како успешна, каде вработените од министерството за труд и социјална политика го чистеа реонот околу Скопското кале и Музејот за современа уметност.
– Од оваа локација преселивме и обезбедивме соодветно топло живеалиште во зимскиот период за 14 семејства или околу 80 лица. Ова го правиме по втор пат, каде овие лица имаат живеалишта од привремен карактер во Визбегово зад домот за азиланти. Со ова не само што обезбедуваме топол дом за најмладите и можност истите да ги посетуваат дневни центри и училиште, туку имаме и можност да ги активираме работоспособните лица да бидат активни на пазарот на труд, се со цел обезбедување на социјална парична помош и детски додаток, да понатаму ги видиме како активни чинители во економијата во државата – кажа министерката Царовска.
Во поддршка на акцијата за чистење се приклучија и јавните градски претпријатија, кои чистеа на повее локации, екипите на јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“ учествуваа со соодветна механизација на повеќе локации, додека ЈСП-Скопје обезбеди превоз до локациите кои се наоѓаат подалеку од центарот на градот.
Оваа акција се реализира со одлука на Владата на РСМ, во соработка со иницијативата „Не биди ѓубре“ кои помогнаа при изборот на локациите за чистење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Димитриевски до Пендаровски: Разликата е огромна, откажете се од оваа битка и оставете нè да победиме во вториот круг
Денеска ЗНАМ заедно со сите свои пддржувачи ја испишува новата политичка историја на македонската политичка сцена, рече вечерва претседателскиот кандидат на ЗНАМ, Максим Димитриевски. Иако е јасно дека не влегува во вториот круг, Димитриевски првиот круг од изборите го смета за голем успех.
„Можам да потврдам дека се роди третата политичка сила во македонскиот политички блок во државата која што имаме намера во следниот период дополнително да ја потврдиме и надградиме, со цел еден ден граѓаните да имаат можност да изберат нешто ново“, рече Димитриевски.
На противкандидатите им честиташе за успехот и се заблагодари на можноста да води кампања за која рече дека не била еднаква за сите оти законот кој е во сила не дава еднаква можност за медиумско претставување на сите партии.
Рече дека е горд на секој глас што го добиле како партија регистрирана пред само три месеци.
„Факт е дека јас како кандидат и ЗНАМ освоивме повеќе од 80.000 гласови. Регистриравме субјект кој постои нешто повеќе од три месеци и со граѓанската поддршка се етаблираше на трето место во политичкиот блок. Сметам дека тоа е одличен појдовен резултат за понатамошна борба. Јас не се сеќавам дека во историјата на плурална Македонија имало вакви примери, да имате партија со некаде три и пол илјади членови, а да освоите над 80.000 гласови. Искрено сум горд на секој тој еден глас што дојде, како поддршка за мене и ЗНАМ. И покрај тоа што трендовите се тие, десницата добива, а левицата губи, единствено десницата доживеа пораз во бастионот на асномска Македонија, а тоа е Куманово“, рече Димитриевски.
Порача на сите политичари дека треба да учат од овие избори оти граѓаните дале јасна насока каде сакаат да се движи државата, а посебна порака упати до Стево Пендаровски, кој освои повеќе 100.000 гласови помалку од Гордана Сиљановска-Давкова.
„Почитуван мој претседателе, разликата е огромна. Доколку сакате да опстане централната и левата идеја во државата, откажете се од оваа битка и оставете не да победиме во име на граѓаните во вториот круг“, порача Димитриевски.
Кога ќе завршат парламентарните избори, Димитриевски е уверен дека ЗНАМ ќе биде политички фактор за стабилност во државата без кој нема да може да се формира идната влада. Најави дека кога ќе ги почнат преговорите за формирање парламентарно мнозинство, на сите политички партии ќе им ги испорачаат нивните предлози за црвените линии на македонскиот народ.
Македонија
ДИК: Сиљановска Давкова освои 324 177, Пендаровски 161 393 гласа по обработени 89,97 отсто
Стево Пендаровски освои 161 393 гласа, 19,90 отсто, Гордана Сиљановска Давкова 324 177 односно 39,97 отсто од гласовите, Стевчо Јакимовски освои 7.499 односно 0,92 отсто од вкупниот број на гласовите.
Кандидатот Бујар Османи освои 110 903, односно 13, 68 отсто, Билјана Ванковска 35.949 односно 4,43 отсто од гласовите, Арбен Таравари 78.110 илјади односно 9,63 отсто, Максим Димитриевски 70,996, односно 8,75 отсто од гласовите се резултатите од обработените 89,97 отсто од гласовите, извести претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.
Тој додаде дека изборниот процес поминал мирно и достоинствено и смета дека 99 отсто работите поминале како што треба.
Македонија
Касами: Добитници на овие избори сме ние, ДУИ има купено гласови
„Влен“ е легитимен претставник на Албанците и ги доби гласовите на Албанците, изјави Билал Касами на прес конференција.
„Добитници на овие избори сме ние, коалицијата „Влен“. ДУИ има купено гласови од загрозените гласачи кои имаат потреби од пари. „Влен“ ги доби гласовите на Албанците, вели Касами.
„ДУИ го загуби последниот легитимитет да зборува во име на Албанците, затоа на 8 мај ние ќе победиме. Овој резултат и во мандати не е голема разлика со ДУИ и на 8 мај овој резултат ќе биде во наша полза. ДУИ успеа да ја загуби последната можност, еден кандидат Албанец да биде избран на директни избори во 2024 година. Тие ќе бидат запишани со црни букви во историјата на албанскиот народ во Македонија. Ако биле заинтересирани Албанец да оди во вториот круг сигурно ќе беа координирани со нас и ќе беше возможно да биде избран Албанец. Затоа мислиме дека вредеше оваа борба“, рече Касами.
Тој се заблагодари на сите што го гласаа кандидатот Арбен Таравари и додаде дека ДУИ има изгубено гласови од помалите етнички заедници и од загрозените граѓани.
Таравари кажа дека коалицијата подоцна ќе разговара за тоа кому ќе ги даде гласовите во вториот круг на претседателските избори.