Македонија
Адмирал Бурк на состанокот со Шекеринска изрази благодарност за учеството во КФОР
Улогата на Северна Македонија како кредибилен НАТО-сојузник беше потврдена на денешната средба помеѓу министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, во Неапол со командантот на Сојузничката команда на здружените сили на НАТО, адмирал Роберт Бурк.
Министерката на состанокот рече дека за нас членството во НАТО не е само како привилегија, туку и одговорност и можност да даваме придонес во мирот и безбедноста во светот и во регионот.
„Горди сме на нашето учество во мисијата КФОР во Косово, бидејќи така најдиректно регионот ги почувствува придобивките од членството на нашата земја во НАТО, а НАТО доби сојузник чија конструктивна политика одамна е препознаена во регионот и пошироко“, рече Шекеринска.
За време на разговорот стана збор и за ситуацијата во светот, со осврт на Авганистан, и за состојбите во регионот.
Бурк изрази задоволство од состанокот и благодарност за учеството на трупите на Северна Македонија во мисијата КФОР.
„Ми беше чест да ѝ бидам домаќин на министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, и нејзината делегација овде, во Неапол. Имавме многу продуктивни разговори и среќен сум што можев да ѝ го возвратам гостопримството што ми беше укажано при мојата последна посета на Скопје во март 2021 година. Изразив и благодарност за учеството на трупите на Северна Македонија во мисијата КФОР, подвлекувајќи ја силната посветеност на Алијансата на безбедноста на Западен Балкан. Сојузничката команда на здружените сили во Неапол се надева на уште повеќе можности за соработка со гордата и способна Армија на нашата најнова членка на НАТО во понатамошните вежби и мисии на алијансата, потенцираше Бурк“, истакна командантот на Сојузничката команда на здружените сили на НАТО, адмирал Роберт Бурк, по средбата со Шекеринска.
Шекеринска во базата на НАТО беше дочекана со специјален кордон со кој беше поздравено нејзиното присуство во седиштето во една од најважните команди на алијансата. Делегацијата од Министерството за одбрана и од Армијата, предводена од министерката Шекеринска имаше средби и во директоратите за вежби и операции каде беше брифирана за активностите и плановите на Сојузничката команда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.
Македонија
Притвор од 48 часа за две лица кои се задржани по убиството на лекарот во Железара
Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор во траење од 48 часа за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара, извести Обвинителството.
Како што велат од Обвинителството, предлогот е прифатен и бараната мерка е определена.
Македонија
„Мицковски е ист како Груевски, злоупотребени децата во Гевгелија“, вели СДСМ
„Христијан Мицкоски е ист како неговиот претходник и ментор Никола Груевски. За врме на посетата на Мицкоски на Гевгелија беа злоупотребени млади лица и ученици, исто како што правеше Груевски, кога се редеа деца за да го поздравуваат“, соопшти СДСМ.
„На ист начин вчера, под палка на локалната власт на ДПМНЕ во Гевгелија беа поставени ученици да му аплаудираат, овој пат на Мицкоски.
Мицкоски е ист како Груевски. Во ДПМНЕ нема никакви промени. Тоа се истите методи на ДПМНЕ и истите ликови.
Мицкоски сака да продолжи каде застана Груевски.
Граѓаните не забораваат како изгледаше кога менторот на Мицкоски, Груевски нѐ заглави и не донесе до дното“, се наведува во соопштението на СДСМ.