Македонија
Адреналински фестивал во Крушево
Втора година по ред љубителите на планинските адреналински спортови и рекреативците ќе може да уживаат во убавините на крушевските предели. Оваа година фестивалот When In Krusevo ќе се одржи последниот викенд од јуни, односно од 29 јуни до 1 јули.
Оваа година понудата на тури и активности вклучени во билетот од 400 денари е збогатена со уште повеќе содржини, па сега таа, покрај стандардните планински и велосипедски тури, вклучува и планинска трка, јога и кросфит-часови, гастрономска тура, посета на три музеи – „Македониум“, спомен-куќите на Тоше Проески и на Мартиноски, нуркање и извиднички курсеви за најмалите. Покрај ова, обезбедени се и други адреналински содржини по промотивни цени, па посетителите ќе може да уживаат и во тандем параглајдинг, кајакарење и SUP, како и многу други активности во живописните планински предели на преубавото Крушево.
Секако, покрај спортските активности во текот на денот, вечерните часови се резервирани за добрата забава и дружење, а оваа година звучни светски и домашни имиња ќе се погрижат посетителите да имаат незаборавен викенд под отворено небо.
Греми-наградените реге-изведувачи Inner Circle се главните носители на програмата, а својот настап на сцената ќе го имаат в сабота на 30 јуни, каде што ќе ги изведат своите најголеми хитови како Bad Boys, Sweat (A La La Long) и Rock With You.
Фестивалот в петок вечер официјално ќе го отворат Игор Џамбазов и Гуру Харе, а програмата е надополнета и со диџеј-настапите на DJ Crazy Slave и Balkan Jam. В сабота вечер, покрај настапот на Inner Circle, љубителите на фудбалот ќе може да уживаат во заедничко гледање на четвртфиналниот натпревар од Светското првенство во Русија, а потоа и во добрата забава обезбедена од Beta House, Dj Tome Rootboy со поддршка од локалните диџеи.
За големиот број заинтересирани учесници ќе биде обезбедена посебна камп-зона со сите потребни услови, а на располагање, секако, ќе бидат и приватните и хотелските капацитети во Крушево.
Цената за тридневното незаборавно искуство во Крушево е 400 денари, а пријавувањето можете да го направите на веб-страницата http://wheninkrusevo.mk/.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силјановска за убедливото водство: На пати се срамам, зарем е можно толку многу луѓе вака да реагираат
Претседателскиот кандидат Гордана Силјановска Давкова по завршување на првиот круг гласање од изборот за претседател на државата рече дека денешниот резултат е неверојатно инспиративен за нејзе и дека нема зборови со кои може да ја искаже благодарноста.
„Горда сум на мнозина, најпрво на граѓаните, не само на оние кои гласаа за мене, туку и на останатите. Особено сум горда на членовите на ВМРО-ДПМНЕ, заради поддршката, горда сум на мојот тим, ме подреа, ме критикуваа, горда сум на учесниците во изборната трка. Мислам дека сите знаеме дека изборниот процес е најстравствениот политички процес, но сепак во дебатата, во изјавите не го пречекоривме лимитот на пристојноста. Горда сум на коалиционите партнери на ВМРО-ДПМНЕ, зошто каде и да бев јас, таму беа и тие, со поддршка. Се создаде една невидена синергија. Посебно сум горда на жените во Македонија, без оглед на било каква припадност мислам дека е време за идентификација на жена со жена. Жените беа мојата инспирација, мислам дека сум и јас нив. Нема да се однесуваме ние како мажите низ историјата, ќе покажеме дека имаме во себе знаење, ум, креација и вредно е ова општество да го искористи сето тоа“, рече кандидатот за претседател на Македонија, Гордана Силјановска Давкова.
„Овој резултат е неверојатно инспиративен за мене. Немам зборови со кои можам да ја изразам благодарноста, на пати се срамам, зарем е можно толку многу луѓе вака да реагираат. Не мислам дека сум посебна. Само знам дека она што ќе го ветам ќе го остварам на мој начин, од првиот ден. Ова е крајот на првиот круг, доаѓа вториот. Јас ќе се однесувам со должна почит кон оној со кој што се натпреварувам, треба да ги инспирираме граѓаните да ги увериме дека вреди да се учествува на изборите. Без граѓани нема Македонија. Јас не ги делам граѓаните, јас знам дека претседател на држава мора да биде надпартиска личност, да слуша, да докажува, да инспирира, да го исполнува она што го ветила. Знаењето е вистинската моќ.
Постојано повикував на владеење на правото, но уште повеќе на единство во оваа држава. Запомнете, јас ќе соработувам со партијата што ме предложи, со премиерот, со министрите, но ќе соработувам и со опозицијата, со невладиниот сектор, со медиумите. Ве уверувам дека ќе се обидам дека секој ден и секому да покажам и докажам дека сум таму заради Македонија. Сакам да бидат на мене горди, бидејќи јас ќе го докажувам тоа. Македонија не може да биде само моја, туку на сите вас“, изјави Силјановска Давкова на прес-конференцијата вечерва.
Македонија
Стоилковски: Разликата е над 150 илјади, обработени се 75 отсто од гласовите
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски изјави дека разликата е над 150 илјади во корист на кандидатот за претседател Гордана Силјановска Давкова, по обработени над 75 отсто од гласовите.
Тој најави дека во 22 часот ќе има обраќање Силјановска Давкова, а во 22 и 30 ќе се обрати и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Македонија
Јакимовски призна пораз, ѝ честиташе водство на Сиљановска и ѝ поска среќа во вториот круг
Лидерот на ГРОМ и претседателски кандидат, Стевчо Јакимовски, вечерва призна пораз и ѝ честиташе водство на Гордана Сиљановска-Давкова. Со оглед на поразот, рече дека не е задоволен од изборниот резултат.
„Јас ја одржувам оваа прес-конференција со цел да го признам поразот на овие претседателски избори, а воедно да ѝ честитам на водството на госпоѓата Гордана Сиљановска-Давкова и да ѝ посакам среќа во вториот изборен круг. Дали резултатите се задоволувачки-според мене нормално дека не се задоволувачки. Далеку се од очекувањата. Како и да е битно беше дека граѓаните на Република Македонија имаа избор. Избираа меѓу седум свои кандидати. Дали биле во право за тоа што го избрале, ќе видиме после пет години. Се надевам дека сите ќе бидеме живи и здрави и после пет години ќе констатираме дали изборот бил добар или не“, рече Јакимовски.
За да признае пораз тој не дочека Државната изборна комисија да ги преброи гласовите од сите избирачки места. Се прогласи за поразен со 60 отсто обработени гласови и освоени 4997 гласа.
Според досега обработените гласови во водство е Гордана Сиљановска-Давкова со 197741 глас, повеќе од двојн помалку гласови има актуелниот претседател Стево Пендаровски за кого гласале 97592 граѓани, зад него е Бујар Османи со 81.748 гласови, Арбен Таравари со 9591 гласа, Максим Димитриевски со т42296 гласа и Билјана Ванковска-Цветковска со освоени 23..472 гласа