Македонија
Актерката Ирена Ристиќ приведена па однесена во болницата во Бардовци оти чистела ѓубре пред Влада
Актерката и активистка Ирена Ристиќ со полициско комбе била приведена во полициска станица „Беко“ бидејќи, како што вели, чистела догорчиња од цигари пред Влада. Ристиќ вели дека односот на полицајците бил арогантен, а три часа од приведувањето не ѝ дозволиле ниту да повика адвокат.
Како што вели актерката, пред Владата догорчиња фрлаат токму оние кои фрлањето отпад треба да го санкционираат.
„По слободна проценка, до оградата имаше од несанкционирани фрлени пикавци 54 илјади и седамсто евра у казни. Таков и толку скап тепих од пикавци имаат исткаено оние кои тоа најмалку смеат да си го дозволат. Нормално, тоа им го кажав. И така почна“, раскажува актерката во објава напишана на нејзината официјална фејсбук-страница.
„Македонија во гола кожа. Полициска станица ‘Беко’. Психијатриска болница во Бардовци. И јас. Се налутија што собирам догорчиња пред Влада. Да не бевте емотивно врзани, па ве изреметив? Едвај ги убедив дека имам право на адвокат“, напиша на социјалните мрежи актерката Ристиќ, која ова го смета за притисок врз неа.
„Ниту еден, значи, ниту еден од полицајците не се легитимираше и не се претстави, а уште помалку најде за сходно да објасни зошто сум така третирана. Се изредија десетина. И мажи и жени. Сите до еден беа груби и некултурни. Ми се обраќаа со’ма’ и ‘мори’… Гласно ме пцуеја!“, опишува Ристиќ.
Таа сведочи дека од полициската станица се обиделе да ја стават во психијатриската болница „Бардовци“, но, откако ја однеле дотаму, ја вратиле повторно во полициксата станица.
Во својата објава на „Фејсбук“ актерката додава дека таа воопшто не е исплашена од целата ситуација, иако, како што вели, тоа предизвикало нервоза кај службените лица.
Ирена Ристиќ пред два месеца почна со граѓанската иницијатива „Не биди ѓубре“ во која членуваат повеќе јавни личности, но и волонтери. Тие организираат акции за чистење на различни локации на кои има смет. Последната акција се одвиваше во Марков манастир, каде што активистите собрале 98 вреќи со ѓубре.
Од МВР велат дека го проверуваат случајот со Ристиќ, по што ќе дадат информации за тоа што се случувало.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силјановска-Давкова со 8 прашања, како граѓаните да се решат дали и за кого ќе гласаат на изборите
Во својот говор на синоќешниот митинг во Крива Паланка професорката Горданa Силјановска -Давкова порача дека оваа власт не креира рационални политики, оти да креираше рационални политики, почнувајќи од образованието, здравството, социјалната заштита, меѓународната политика, граѓаните немаше да се чувствуваат понижени.
– Се наоѓате пред многу важен момент, да донесете клучна одлука. Како да го направите изборот? Прашајте се, прво, дали подобро живеете? Дали ви е подобра економијата? Дали ви е подобро здравството? Дали ви е подобра социјалната заштита? Дали се чувствувате посигурни? Дали вие сте горди на оваа власт? Дали мислите дека власта е горда на вас? Дали мислите дека се горди на Македонија ако се плашат да го изговорат тоа име? Дали мислите дека се горди на сите кои гинеле за Македонија ако постапуваат, не според државните и националните интереси, туку според личните и олигархиските интереси?, рече Силјановска-Давкова и додаде „дека часовникот го отчукува заминувањето на оваа делигитимирана власт и дека набрзо ќе го отчука времето на промените врзани со новата власт, како на претседателско ниво, така и на парламентарно.
Македонија
УХМР: Времето викендот променливо облачно со локален дожд
Периодот на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд продолжува и за време на викендот. Синоптичарите за денеска најавуваат променливо време со сончеви периоди. Попладне во источните делови ќе има повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен, а во западните делови од западен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 7, а максималната од 13 до 20 степени.
Во Скопје слично време со слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Во недела и во вторник на повеќе места ќе има врнежи, кои повремено ќе бидат пообилни и поројни проследени со појава на грмежи и засилен ветер. Поради спуштање на постудена воздушна маса во недела на планините врнежите повремено ќе преминуваат во снег и ќе се формира нова снежна покривка.
Македонија
Ковачевски: Со ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе ја пропуштиме нашата шанса и ќе заглавиме во изолација
Со ВМРО повторно ќе ја пропуштиме нашата шанса, а Мицкоски за тоа ќе ја обвинува ЕУ бидејќи тој не е човек кој презема одговорност за ништо, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на митингот на Коалицијата за европска иднина вечерва во Охрид.
-Сега повторно слушаме како ВМРО ДПМНЕ сее страв дека со членството во ЕУ ќе сме ја изгубеле државата. Мицкоски и Силјановска ветуваат некакви алтернативни решенија за членство во ЕУ. Но, верувајте почитувани Охриѓани, тоа е само продавање магла. Такво нешто не постои нигде освен во нивните глави. ВМРО ДПМНЕ на чело со Мицкоски е истото ВМРО ДПМНЕ кое на чело со Груевски 11 години ја зароби државата внатре, а ја изолираше надвор. Тие нема да успеат да ја придвижат државата кон ЕУ. Спремни се Македонија уште 100 години да не влезе во ЕУ. Ние заедно нема да дозволиме да си поигруваат со нашата иднина и иднината на нашите деца, рече Ковачевски.
Вчера, токму тука во Охрид, Мицкоски зборуваше за некакво македонско единство и за мораториуми. За жал, се повеќе и повеќе луѓе сфаќаат дека единствен мораториум во главата на Мицкоски е мораториумот за интеграција на државата во ЕУ. Исто како што го блокираше изминативе две години, тој е спремен да го одложува членството во ЕУ уште 11 години, исто како што правеше неговиот ментор Груевски. Не би ме чудело да е спремен и засекогаш да спушти рампа на патот на Македонија кон ЕУ, додаде Ковачевски.
-Наместо национално единство за мораториум, на Македонија ѝ е потребно национално единство за интеграција во ЕУ и за јуриш кон европската идеја. Тоа е вистинскиот пат за промени и токму тоа е одлуката што вие треба да ја донесете на овие избори. Едната опција се Мицкоски, Силјановска и ДПМНЕ со мораториум за ЕУ, а другата опција се СДСМ и Стево Пендаровски кои нема да се откажат од нашата европска иднина, рече вечерва претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.