Македонија
Алијансата за Албанците: Власта со полна уста зборува за спроведување закони, а на Усеини сè му се заборава
Последниот случај во Охрид, кој се однесува на Нефи Усеини, кој секој ден се споменува во домашните медиуми, најдобро опишува дека државните институции се заробени од страна на партнерите во владејачката коалиција и селективната правда во земјата, велат од опозициската Алијанса за Албанците.
Од таму потсетуваат дека Нефи Усенини е советник во Советот на Општина Охрид од редовите на ДУИ и дека од компаниите што ги води Град Охрид, неговата компанија „Нефи ИК“ добива тендери со висока вредност.
„За две години има добиено 8 тендери во вредност од 225.000 евра. Неговата компанија ‘Нефи ИК’ има потпишано 5 договори со ЈП ‘Охридски комуналец’, два договора со ЈП ‘Градски гробишта’ и еден договор со ЈП ‘Нискоградба Охрид’“, се наведува во партиското соопштение.
Од Алијансата за Албанците посочуваат и на бетонската база „Нефи инвест“, лоцирана кај Охридското Езеро, која, како што велат, е дивоградба што се гради на перцела на Исламската верска заедница.
„Усеини почна со изградба на бетонската база пред пет месеци, без потребната документација, без одобрение за градба и без еколошки дозволи. Зелениот простор кај Охридското Езеро се претвори во градилиште. Изградбата на објекти во оваа област е строго определена, а самата област е заштитена од УНЕСКО, што значи дека е строго забрането изградбата на овој вид објекти кои може да предизвикуваат еколошки проблеми. Неофицијално, парцелата на која е изградена бетонската база е во сопственост на Исламската верска заедница“, стои во соопштението.
Од партијата потсетуваат и за узурпацијата на јавен имот и нелегалната изградба на комерцијалниот хотелски објект „Луна“ во стариот дел на градот Охрид, на чие свечено пуштање присуствувал и градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко.
„Дури и градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски, иако е должен да го спроведе законот, тој се обидува да ги прикрие делата на Нефи Усеини и да му помогне да спроведува планови“, додаваат од Алијансата за Албанците.
Како сето ова да не беше доволно, Нефи Усеини физички го нападна и му се закани со смрт на професорот Илјаз Илjази, кој се осмелил нелегален случај поврзан со него да пријави во полиција, велат од партијата.
„Ова е трет напад за неколку месеци каде што учествува Нефи Усеини. Во април нападна инспектор од Скопје, кој беше заминат во Охрид за да изврши увид во дивоградбата на охридскиот советник. Во јуни Усеини физички го нападна својот колега од Советот, Џелал Мена“, потсетуваат од партијата на Села.
Од таму додаваат дека необјасниво е како Општината молчи за нелегални узурпации и приклучоци.
„Сите молчат и се преправаат како ништо да не се случило. Со полна уста зборуваат за спроведување на законот, но продолжуваат со старата песна. Кога станува збор за моќниците од ДУИ, тогаш може да се користи само аргументот на сила и никому ништо, за неколку дена сè ќе биде заборавено“, стои во соопштението во кое Алијансата за Албанците ги повикува надлежните органи да преземат соодветни мерки во согласност со законот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Д-р Филипче: Невработеност од најниски 7% и поддршка од 180 милиони евра за бизнисот
Во новиот мандат СДСМ предвидува 180 милиони евра директна финансиска поддршка за бизнис секторот, нови вработувања и историски најниски 7% невработеност.
Ова го истакна д-р Венко Филипче, носител на листата на кандидати за пратеници на СДСМ и Коалицијата за европска иднина. Денеска Филипче ја продолжува својата агенда во рамки на предизборното претставување во Изборната единица 4.
„СДСМ ќе внесе нова економска енергија за европски раст и стандард на граѓаните и бизнис секторот. Најуспешни се оние земји во кои се создаваат бизниси, каде што има претприемачка идеја и средина која го поттикнува нивниот развој“, рече Филипче.
Филипче потсети дека изминатите седум години мандат, СДСМ ја поддржуваше економијата на неколку колосеци.
„Ги охрабрувавме ентузијастите својата идеја да ја преточат во реалност да отворат свој сопствен бизнис. Локалната економија, малите бизниси се важен сегмент и околу нив градевме и ќе продолжиме да градиме стратегијата за развој на домашната економија“, вели Филипче.
Во таа насока, ќе продолжи креирањето на политики кои ќе го поттикнуваат бизнисот и економскиот развој преку транспарентно и отчетно однесување со секој денар на граѓаните, додава Филипче.
Со цел, пак, подобро управување со енергетските компании кои имаат клучен удел во вкупната економска активност, СДСМ државните енергетски капацитети ќе ги предаде во рацете на граѓаните.
„Планираме енергетските компании да ги вратиме кај граѓаните. Секој граѓанин, вклучително и деца, ќе добие по најмалку 8.000 денари од вредноста на енергетските компании или 500 евра за едно четиричлено семејство. Така контролата за работењето на енергетските компании ќе биде во рацете на граѓаните“, завршува Филипче.
Македонија
Силјановска-Давкова: Потребен ни е професионален кадар на соодветни безбедносни позиции
Денес во хотел „Хилтон“ (DoubleTree by Hilton Skopje) се одржа втората трибина од циклусот за претставување на клучните точки од програмата „Македонија повторно горда“ на тема „Национална безбедност“ на кандидатката за претседателка на Македонија професор д-р Гордана Сиљановска-Давкова.
Учесници беа проф. д-р. Тимчо Муцунски, Наќе Чулев поранешен министер за внатрешни работи, Анастасија Илиеска поранешен државен секретар во МВР, Емил Димитриев, поранешен премиер на Република Македонија.
– Како ќе бидеме ние Европска држава ако сме постојано во кризна состојба. Нас не дефинираа како држава која е цикличен, постојан хибриден режим, партизирана нефункционална заради врхушката на ДУИ и СДСМ. Мора да ни се случи game change и во безбедносниот сектор, зошто станавме пропадната држава. Еднаш треба да создадеме систем без оглед кој е на власт. Професионалниот кадар да биде на соодветни позиции. Да продолжиме да ги исполнуваме стандардите на НАТО, рече претседателската кандидатска Силјановска-Давкова.
Македонија
Николоски: Идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе донесе закон за забрана на увоз на тутун, за да се откупи македонскиот по повисоки и пристојни цени
Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 4 денес заедно со кандидати и идни пратеници во новото македонско Собрание од општините Конче и Радовиш, беше во посета на капитални инфраструктурни проекти во општина Конче. Според Николовски, работата на градоначалникот покажува дека и во малите средини во Македонија може да се работи успешно и убаво доколку се има волја и доколку се работи чесно.
– Можам да кажам дека после изборите ќе има огромна поддршка за општина Конче со цел да се реализираат проектите кои што се од витално значење за сите оние кои што живеат овде. Тука е секако и поддршката на земјоделието каде што можеби и најбитната работа поврзана со земјоделието е тутунот кој што се одгледува најмногу во општина Конче. Планираме да го донесеме законот за тутун кој што два пати го поднесувавме во Собранието, но досегашното мнозинство на СДСМ и ДУИ го блокираше. А, причината зошто го блокираше е затоа што имаа бизнис интереси. Имено, со тој закон ќе се забрани увоз на тутун во Македонија со цел да целокупниот македонски тутун, македонското злато да се откупува по повисоки и пристојни цени, како би можеле сите земјоделци пристојно да живеат. Така што тоа е она наше основно ветување односно тутунот, рече Николоски.
Тој вети и зголемувањата на субвенциите за тутун, воведување на само три класи, а не како досега што има шест или седум класи зависно од откупувачите.
– Во делот на земјоделието планираме возобновување на сите водоснабдителни системи како и изградба на нови и комплетно нов систем на субвенции кој што ќе го врати достоинството на македонскиот земјоделец. А, тука ќе работиме интензивно и на она што е желба на жителите и на Конче и на општина Радовиш а тоа е носење на една поголема странска инвестиција која што треба да отвори нови и добро платени работни места за жителите на целиот овој крај, рече Николоски во Конче.
Тој повика граѓаните масово да излезат и на претседателските и на парламентарните избори оти тоа е клучно. Како што рече Николовски, со масовна излезност ќе може да се спречи оваа влада на СДСМ и на ДУИ, а двете политички партии да одат во опозиција и конечно да се удри во чело на криминалот и корупцијата во Македонија, да се воведе функционален систем на владеење на правото и Македонија економски да се развива.