Македонија
„Алкалоид“ отвори нов шаховски дом
Ценејќи го значењето на шахот во развојот на најмладите, „Алкалоид“ АД Скопје опреми ново, модерно катче наменето за шаховска едукација и за турнири за младите почнувајќи од 7-годишна возраст. Станува збор за две училници во центарот на Скопје, каде што најсилните македонски велемајстори ќе работат со најмладите во групи до 20 ученици.
Со повлекувањето на првиот потег во симултанка со ФИДЕ-мајсторот Моника Стојковска (македонски шампион за 2022 година), генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, симболично го означи почетокот на систематската работа со најмладите шаховски таленти во клубот. Наставата во рамките на ШК „Алкалоид“ ќе ја водат лиценцирани тренери на Светската шаховска организација, кои се истовремено и најсилни македонски шаховски велемајстори, носители на националната репрезентација, како и освојувачи на многу турнири и шампионски титули во екипна и во поединечна конкуренција. Покрај членовите на ШК „Алкалоид“, овој нов шаховскиот дом, лоциран на ул. „Железничка“ (ул. „Јордан Мијалков“) бр. 40А во Скопје, ќе биде отворен за сите шахисти и љубители на шахот, кои ќе имаат можност за едукација, дружење и за турнири.
Според проценката на стручните експерти и на педагозите, шахот придонесува за развој на когнитивните способности кај најмладите, ја подигнува концентрацијата при учењето, ги подобрува аналитичкото размислување, решавањето проблеми и носењето одлуки, а во голема мера овозможува и дружење и креирање тимски дух.
Шаховскиот клуб „Алкалоид“ е основан на 26 март 1976 година и важи за еден од најдобрите европски клубови. Има огромна колекција на титули, од кои најпрестижна е освоеното злато на Европскиот клупски куп во Нови Сад во 2016 година.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за две лица кои се задржани по убиството на лекарот во скопска Железара
Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор во траење од 48 часа за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара, извести Обвинителството.
Како што велат од Обвинителството, предлогот е прифатен и бараната мерка е определена.
Македонија
„Мицковски е ист како Груевски, злоупотребени децата во Гевгелија“, вели СДСМ
„Христијан Мицкоски е ист како неговиот претходник и ментор Никола Груевски. За врме на посетата на Мицкоски на Гевгелија беа злоупотребени млади лица и ученици, исто како што правеше Груевски, кога се редеа деца за да го поздравуваат“, соопшти СДСМ.
„На ист начин вчера, под палка на локалната власт на ДПМНЕ во Гевгелија беа поставени ученици да му аплаудираат, овој пат на Мицкоски.
Мицкоски е ист како Груевски. Во ДПМНЕ нема никакви промени. Тоа се истите методи на ДПМНЕ и истите ликови.
Мицкоски сака да продолжи каде застана Груевски.
Граѓаните не забораваат како изгледаше кога менторот на Мицкоски, Груевски нѐ заглави и не донесе до дното“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Нашата идна Влада ќе спроведе ограничување на маржите на лековите и проширување на позитивната листа за бесплатни лекови
„Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе спроведе ограничување на маржите на лековите и проширување на позитивната листа за бесплатни лекови“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Идната влада ќе имплементира модел за намалување на цените и ограничување на маржите на лековите и медицинската опрема. Народот не смее да го преплаќа лекот.
Ќе се спроведе ревидирање и модернизирање на позитивната листа на лекови со вклучување на најголем дел од основните лекарства кои граѓаните ги користат.
Лековите мора да се издаваат согласно потребите на пациентот, со персонализирана и индивидуализирана терапија. ВМРО-ДПМНЕ има за цел да го крене здравството на сосема ново ниво“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.