Македонија
Амбасадорите на земјите членки од ЕУ со поддршка за имплементација на владиниот план за борба против корупцијата
Заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, одржа работен состанок со амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија, Дејвид Гир, и со амбасадорите на земјите членки на Европската Унија во Македонија. Темата на состанокот беше имплементацијата на усвоенот оперативен План за борба против корупција.
Вицепремиерот Николовски пред амбасадорите ги презентира мерките што се преземени во првите шест месеци од мандатот, како и планираните мерки од оперативниот план. Во тој контекст посочи дека се исполнети препораките во делот носење нов поприменлив кодекс за етичко однесување на именуваните функционери, назначување лице за интегритет и за судир на интереси, регистар за строга евиденција за примање подароци, подигање на нивото на транспарентноста на советниците на функционерите, зајакнување на меѓуинституционалната комуникација со сите надлежни антикорупциски институции и независни тела.
„Во функција е и новиот Национален регистар на вистински сопственици. Оваа алатка обезбедува точни и ажурни податоци за вистинските сопственици на фирмите, односно точно се знае кој стои зад некоја фирма, што е важно за спречување одлив на незаконски стекнати пари. Од воведувањето на Регистарот досега се упишани над 5.000 правни субјекти, бројката се очекува да биде поголема по доставувањето на годишните сметки, за што поради ковид-пандемијата се продолжи рокот. Го зајакнавме и контролниот механизам, односно инспекциските служби. Во време на глобална пандемија со законски измени им ги зголемивме надлежностите на сите инспекциски служби“, посочи вицепремиерот Николовски.
На состанокот од страна на Николовски беа детаљно образложени сите 18 мерки содржани во оперативниот план за борба против корупцијата.
„Лично сум убеден дека имаме неселективен пристап, ќе ги увериме граѓаните дека законот мора да важи за сите, дека секој што го прекршил, ќе мора да сноси одговорност за своите постапки и ќе ја вратиме довербата на граѓаните во институциите“, порача вицепремиерот Николовски.
Тој ја образложи потребата од дигитализација и зајакнување на истражните центри, дигитализација на матичните книги, поврзување на антикорупциските институции преку платформата за интероперабилност, воведување регистар за државна помош, регистар за издавање лиценци и дозволи, електронско поврзување на инспекторатите, измени на Законот за спречување на корупцијата и судир на интересите, воведување регистар за службени возила. Во насока на подигање на свеста на граѓаните и администрација за препознавање и спречување на корупција, вицепремиерот Николовски појасни дека со планот е предвидено секоја институција да назначи и јавно да објави овластено лице за прием на пријави доставени заради заштитено внатрешно пријавување за постоење евентуална корупција и институциите да донесат годишна антикорупциска програма. Дополнително, ќе биде воведен систем за следење предмети и претставки преку отворање повикувачки центар, преку кој граѓаните и фирмите ќе може да пријавуваат случаи на корпуција, ненавремно или несоодветно постапување од надлежните институции во однос на нивните поднесени барања. Николовски посочи дека во насока на управување на јавните претпријатија, со планот е предвидено намалување на членовите на управните одбори и точно прецизирање на критериумите за избор.
Присутните амбасадори понудија поддршка во спроведувањето на реформите во согласност со стандардите на ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Куманово не се гласа на три избирачки места, на едното се изгубил печатот
Прекин на гласањето има на три места во Куманово, информираше претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски.
Како што појасни, на едното бил изгубен печатот. На останатите две, биле направени обиди да се замени уредот за биометриска верификација, пришто гласањето во едниот случај продолжило па прекинало, а во вториот не продолжило.
„Тоа се трите места за коишто имаме добиено писмено известување. Ќе видиме вечер за што точно се работи и ќе одлучиме“, рече Даштевски, одговарајќи на новинарски прашања.
Од ДИК појаснуваат дека се работи за прекин за повеќе од три часа, додека онаму каде што имало помали прекини, гласањето ќе се продолжи за онолку време колку што било прекинато.
На сите останати гласачки места, гласањето тече нормално и мирно, додаваат.
Пред полноќ се очекува да бидат обработени над 50 отсто од гласовите и ДИК да ги објави првичните неофицијани резултати.
Во однос на информациите за починати луѓе на избирачкиот список од ДИК обазложија дека оние коишто ќе починат 30 дена пред гласњето ги има на избирачкиот список, бидејќи тој е веќе заклучен. Велат дека списокот се ажурира неколкупати годишно во координација со Управа за водење на матични книги.
Македонија
Одѕивот до 17 часот изнесува 44,18 отсто – за околу 9 проценти повеќе во споредба со претходните претседателски избори
До 17 часот во првиот круг од претседателските избори, своето право на глас го оствариле 397.612 избирачи, или 44,18 отсто.
Како што соопшти претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски, засега најголема е излезноста во Новаци, каде гласале 67,19 отсто, а најмала во Пласница – 15,5 отсто.
Засклучокот е дека гласањето се одвива мирно.
Во споредба со првиот круг од претседателските избори во 2019 година, до 17 часот, излезноста е поголема за околу 9 отсто.
Досега до ДИК се доставени 308 приговори, од кои 85 се усвоени, 27 отфрлени како неуредни, а 38 се одбиени. Останатите се во процес на обработка.
Македонија
Петмина си ги фотографирале гласачките ливчиња, полицијата ги фати
Пет лица во периодот од 11 до 14 часот, биле фатени од страна на полицијата оти ги фотографирале своите гласачки ливчиња додека го остварувале своето право на глас, објави МВР.
-Во 11.10 часот е пријавено дека во село Коџалија, општина Радовиш на избирачко место број 1602 С.А. од с.Коџалија го фотографирал гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Околу 12.15 часот е пријавено дека на избирачко место број 2683/1 во Скопје А.С. (40) од Скопје го фотографирал гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Околу 12.15 часот е пријавено дека А.И.(48) од Охрид на избирачко место број 1271 во Охрид го фотографирал гласачкото ливче. А.И. е приведен во полициска станица и по документирање на на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Во 12.35 часот е пријавено дека на избирачко место бр.0006 во Берово, Д.Т.(42) го фотографирал гласачкото ливче. Д.Т. е приведен во полициска станица и по документирање на на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Во 13.57 часот е пријавено дека на избирачко место 2555 во Скопје С.С. го фотографирала гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок, се наведува во извештајот на МВР.