Македонија
(Видео) Антикорупциската ќе проверува дали Штерјев, Вангеловски и Караџовски незаконски добивале паушали
Антикорупциската комисија по сопствена иницијатива, ќе утврдува дали експретседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, првиот човек на Врховниот суд, Јово Вангеловски, како членови по функција во Управниот одбор (УО) на Академијата за судии под раководство на Анета Арнаудовска, три години примале месечни паушали од по 10.000 денари, што законски не им следувале, а една година овој паушал го примал и претседателот на Советот на јавните обвинители, Коле Штерјев. Ова беше објавено на денешната јавна седница на антикорупциската комисија.
Сомнежите се дека Караџовски, Штерјев и Вангеловски го прекршиле Законот за Академијата на судиите и јавните обвинители од ноември 2015 кога бил донесен до октомври 2018 година кога беше избран нов Управен одбор. До тогаш Караџовски, Вангеловски и Штерјев добивале надомест по стар закон, кој важел до февруари 2015.
Пречката за исплата на овие паушали е што во Законот за Академијата на судиите и јавните обвинители, донесен во февруари 2015, членовите по функција: првите луѓе на Судскиот и на обвинителскиот совет, на Врховниот суд и државниот обвинител, не членуваат во Управниот одбор на Академијата, па оттука немале право да земаат паушали.
Во преодните и завршните одредби на Законот пишува дека стариот Управен одбор може да се задржи само три месеци додека се подготовките за избор на новиот. Сепак, Управниот добр со членовите по функција и со паушалите се задржа незаконски три и пол години, сè до 19 октомври кога беше избран новиот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски од Струмица: Управните служби ќе издаваат лични документи и во сабота
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска беше во посета на струмичкиот крај каде оствари работни посети на Секторот за внатрешни работи Струмица, Отсекот за управни работи Струмица и канцеларијата за управни работи во Ново Село. Министерот Тошковски од страна на раководството на СВР Струмица беше брифиран дека генерално безбедносната состојба на подрачјето кое го покриваат е стабилна и не се забележува позначајно зголемување на бројот на извршени кривични дела, а во тој поглед имаат солиден процент на реализација. Како проблем на чие решавање треба да се работи што поскоро беше истакната слабата кадровска пополнетост, односно недостиг на човечки ресурси за работа.
„Во делот на управните служби би сакал да потенцирам дека во интерес на струмичани, повторно ќе започне процес на издавање на лични документи и во сабота (од наредната), а работиме на тоа да се издаваат лични документи и во текот на работната недела после 16 часот, со цел луѓето после завршување на работните обврски да можат да си ги подигнат готовите документи“, нагласи министерот Тошковски.
Што се однесува до канцеларијата за управни работи во Ново Село и покрај опструкциите на Владата со поништувањето на наредбата на колешката која доброволно прифати да помогне во овој дел, како што потенцираше Тошковски, со почетокот на континуираното функционирање на базната станица, истата опслужува граѓани од поширокото подрачје на Струмица и бројот на фотографирања на оваа територија се зголеми за 32%.
Македонија
(Видео) Јавното обвинителство се координира со другите институции за обезбедување фер и демократски изборен процес
Координација на активностите за успешно спроведување на претстојните избори, со поддршка од сите институции што се дел од овој процес, беше тема на денешниот состанок на јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љупчо Коцевски, со претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери. На средбата присуствуваше и јавниот обвинител Џељаљ Бајрами, претседател на Комисијата во Јавното обвинителство за следење евентуални изборни нерегуларности поврзани со извршување кривични дела од Глава шеснаесет – кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик и други кривични дела што би биле сторени при организирањето и спроведувањето на изборите.
На средбата заеднички се констатира дека двојните избори во државава се од исклучителна важност во рамките на очекувањата за напредок на Република Северна Македонија во евроинтеграцискиот процес и во таа насока се потенцира улогата на сите надлежни институции и потребата од ефикасно дејствување со цел спроведување фер и демократски изборни процеси. Се нагласи и очекувањето од двете страни дека сите учесници во изборите го согледуваат својот дел од одговорноста и ќе придонесат во поттикнувањето и одржувањето атмосфера на конструктивност.
Во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, денеска, јавниот обвинител Бајрами и членови на Комисијата остварија работна средба со членовите на Државната изборна комисија, на која двете институции меѓусебно се информираа за текот на подготовките за организација и следење на изборниот процес, како и потенцијалните ризици. Привремената комисија во Јавното обвинителство непосредно ќе комуницира со членовите на ДИК во текот на спроведувањето на изборниот процес и особено на денот на гласањето за да се информира за сите евентуални изборни нерегуларности што би можеле да бидат предмет на кривична одговорност за сторителите.
Македонија
Склучен меморандум за соработка помеѓу Економскиот факултет – Скопје и „Кроација осигурување“ АД, Друштво за неживотно осигурување Скопје
Денес во просториите на Економскиот факултет – Скопје, деканот проф. д-р Предраг Трпески одржа состанок со г-дин Александар Манев-генерален директор на Кроација осигурување АД, Друштво за неживотно осигурување Скопје и со претставници од истата институција.
Во рамки на остварената средба, се одвиваше плодна дискусија во насока на унапредување и продлабочување на меѓусебната соработка помеѓу двете институции како и обезбедување достапност на професионална размена на искуства заради остварување на заеднички цели. Во таа насока, состанокот се заокружи со потпишување на Меморандум за соработка помеѓу двете страни со кој се официјализираше соработоката помеѓу Економскиот факултет – Скопје и Кроација осигурување АД, Друштво за неживотно осигурување Скопје.
Со ова, двете институции се согласија да соработуваат во реализација на широк спектар на активности и иницијативи од взаемен интерес за едукација и подобрување на знаењето и стручноста преку најразлични активности и проекти од взаемен и општествен интерес, реализирање на практична настава за студентите од Факултетот, презентирање на практични проблеми, решенија, предизвици и можности за студентите на Факултетот, организирање работилници и конференции, и други активности.
За време на посетата, генералниот директор, г-дин Александар Манев и останатите претставници, во придружба на деканот и продеканите на Економскиот факултет – Скопје, ги разгледаа капацитетите со кои располага Економскиот факултет – Скопје.
ПР