Македонија
Апелација: Доказите им противречат на фактите во пресудата за Мијалков и другите
Апелациониот суд во Скопје ја потврди информацијата што утрово ја објавивме дека е укината пресудата за предметот „Титаник 2“ на СЈО, каде што обвинет беше ексшефот на тајната полиција, Сашо Мијалков.
„По одржана јавна седница на 4.11.2019 година, Апелациониот суд Скопје донесе одлука со која ги уважи жалбите на обвинетите, изјавени преку нивните бранители, со што ја укина првостепената пресуда и предметот го врати пред Основниот кривичен суд Скопје на повторно постапување и одлучување“, соопшти второстепениот суд.
Апелациониот суд Скопје констатирал дека првостепениот суд при постапувањето по овој предмет, сторил многубројни суштествени повреди на постапката од апсолутен карактер поради кои одлуката е во целост незаконита и неправилна.
„Жалбениот совет констатира дека утврдените факти што го чинат законското обележје на кривичните дела што им се ставаат на товар на обвинетите во целост ѝ противречат на содржината на изведените докази, а воедно првостепениот суд неосновано се впуштил и утврдувал факти за постоење кривична одговорност за лица што немаат својство на обвинети во конкретната постапка“, пишува во соопштението.
Мерките на претпазливот изречени према обвинетите судот одлучи да останат во сила.
Одлуката ќе биде објавена во целост на веб-страницата на судот во рокот определен со Законот за управување со движењето на предметите во судовите.
Kривичниот суд во Скопје во март годинава на ексдиректорот на УБК, Мијалков, му пресуди три години затвор во овој предмет. Поранешниот директор на УБК беше осуден за примање награда за противзаконско влијание бидејќи преку лидерот на ДПА, Мендух Тачи, побарал да му наложи на сопартиецот од ДИК, Бедредин Ибраими, да гласа за поништување на гласачко место во Струмица.
Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, беше осуден на три години и два месеца затвор, Бедредин Ибраими доби четири години и шест месеци, а членовите на ДИК, Влатко Сајковски, Сашо Срцев и Анета Стефановска, добија по три години затвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Целосен молк од страна на Пендаровски, Ковачевски и СДС за улогата и начинот на ангажирање на спорниот странски консултат, Асаф Еисин, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Целосен молк од страна на Пендаровски, Ковачевски и СДС за улогата и начинот на ангажирање на спорниот странски консултат, Асаф Еисин, кои е вклучен во кампањата на Стево Пендаровски и СДС, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Како и секогаш Пендаровски, Ковачевски и СДС кога се фатени во скандал или криминал се служат само со навреди, лаги и манипулации наместо да дадат конкретни одговори на релевантни прашања поврзани со скандалот. Повеќе од десетина дена, откако признаа дека се среќавале со контроверзниот израелски консултат Еисин, нема одговор како тој е ангажиран во нивната кампања, како го исплаќаат и дали тој е ангажиран за црна кампања, кампања на поделби и етикетирања. Јавноста заслужува одговори како овој балкански мешетар СДС и Ковачевски го исплаќаат, бидејќи во ниту еден извештај за финансиско работење неговиот ангажман не е заведен, и дали истиот е плаќан со црни пари, кеш на рака, од криминалните тендери на власта, пари украдени од граѓаните“, дополнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што посочуваат, од СДС треба да одговорат, дали покрај ангажирањето на Еисин, во Македонија се дојдени и две други лица, кои се локална поддршка на консултантот на Еисин, кои се сместени во центарот на Скопје во еден хотел и веќе активно работат на црната кампања на СДС за претстоините избори.
„Ги повикуваме надлежните институции веднаш да се одважат и да се ангажираат за расчистување на овој скандал, да го откријат финансирањето на консултантот и вклучувањето на странски државјани во кампањата за изборите. Време е за промени. Следува одговорност за секој сторен криминал, за секој скандал и за секое крадење на народни пари“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Со ДПМНЕ е можно само враќање назад, велат од СДСМ
Платформата на ДПМНЕ се само нови лажни ветувања, по примерот на Скопје, велат од СДСМ.
„ДПМНЕ ги изневери граѓаните на Скопје, ништо од ветеното не реализираше, а сега излегува со нови лажни ветувања. Наместо модерен град, Скопје денеска е запустен град, полн со нечистотија, со хаос во јавниот превоз, јавни претпријатија во долгови. Ги нема новите 250 автобуси, нема бесплатен јавен превоз, нема нови паркови“, дополнуваат од СДСМ.
Според нив промовираната Платформа 1198 на ДПМНЕ е токму тоа, нови лажни ветувања.
„Се потврди дека ДПМНЕ нема план за иднината и дека оваа партија не може да донесе никаква промена. Со ДПМНЕ е можно само враќање назад. Изборот пред граѓаните на претстојните избори ќе биде помеѓу надеж и просперитетна европска иднина со СДСМ и безнадежност и враќање 10 години назад со ДПМНЕ“, завршуваат од СДСМ.
Скопје
Дел од општина Центар денеска без вода
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација – Скопје, информира дека, денеска без вода ќе биде дел од општина Центар.
Поради отстранување дефект на водоводна мрежа на улицата 50-та Дивизија бр. 35, од 10:00 часот до завршување со интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица и улицата Димче Мирчев во општина Центар.