Македонија
Апелација му одреди домашен притвор на Мухамед Зеќири
Мухамед Зеќири излегува од затворот во Шуто Оризари. Ова е одлуката на скопска Апелација, која е донесена денеска. Нему му е одреден куќен притвор, а од Инфективната клиника во Скопје, каде што престојува речиси месец, ќе биде пренесен во затворот, па со полициска придружба на домашна адреса во Чаир. Апелациските судии го сменија мислењето откога Зеќири заврши на болничко лекување, а во преостанатиот дел адвокатите на Зеќири посочија исти околности поради кои бараа да се укине ефективниот притвор.
„За осомничениот е одреден куќен притвор. Одземен му е и пасошот“, велат од Апелација.
Засега не е познато кога ќе го пуштат Зеќири од болничко лекување. Тој сè уште се наоѓа на Инфективната клиника во Скопје. Точната дијагноза остана непозната за јавноста. Адвокатот Александар Трајковски, еден од тројцата бранители на Зеќири, посочи дека здравјето на осомничениот е сериозно нарушено. Трајковски посочуваше: „Некои од здравствените проблеми ги имаше, други се појавија во затворот. Комуникацијата со него стана тешка, беше под седативи“.
Обвинителката Катерина Коларевиќ од медиумите дознала дека осомничениот не е во затворот во Шуто Оризари. Судот не ја известил дека тој е на лекување. Па, така, ниту таа не знае која е точната причина што Зеќири еден месец пред да си оди дома се лекува на Инфективната.
Меѓу причините со кои се бараше укинување на ефективниот притвор е тоа што Зеќири тврди дека секогаш соработувал со органите на прогонот, има фамилија во Македонија, дека ако сакал да бега, имал една и пол година за тоа, дека не може да влијае на сведоци, кои и за Обвинителството се непознати. За тврдењето на Обвинителството дека Зеќири може да избега бидејќи родителите на неговата сопруга живеат во Германија, осомничениот имаше кажано: „Тие живеат со нас, во Македонија, не се во Германија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Вреди“: ДУИ во Руско сценарио бара лек за изборниот пораз
Навреме предупредивме дека очајниот ДУИ смислил сценарио за предизвикување политичка криза после првиот круг на претседателските избори со цел да избегне чесно признавање на извесниот пораз. Нивен сон е техничката Влада на Талат Џафери да опстои повеќе од предвидените 100 дена, велат од коалицијата „Вреди“.
„Бујар Османи избегнува одговор на многу логичното прашање што правел како претседавач со ОБСЕ во текот на 2023 за оваа меѓународна институција да оцени дека постои потенцијал за нарушувањето на безбедноста во изборниот процес и го зголеми бројот на набљудувачи. Исто така молчи дали Османи како домаќин на Лавров го прашал за рецептот за суспендирање на демократската волја на граѓаните.
Но, контурите на ова руско сценарио полека излегуваат на виделина. Владата на Талат Џафери незаконски спречува поставување на началник и дополнителен началник на СВР Тетово за да може да ги злоупотребува партиските војници на ДУИ инсталирани во полицијата во кампањата. Потврда за ова е последниот скандал со училиштето во Житоша кое не само што е претворено во штаб на ДУИ, туку во него полицајци отворено агитираат за Али Ахмети, се фотографираат и објавуваат на социјалните мрежи“, реагираат од коалицијата.
Очекуваат како што велат, дека раководството на МВР соодветно ќе ги евидентира и санкционира овие девијации од страна на полициски службеници.
„Јасно им порачуваме на полициските службеници и останати кадри на ДУИ во државните институции, добро да размислат какви партиски задачи прифаќаат и спроведуваат. Ништо не може да ја смени реалноста. ДУИ после осми мај преминува во опозиција и за секој нивен кадар кој се огрешил пред законите ќе следи соодветна правосудна постапка. Добро е секој партиски активист на ДУИ да размислува трезвено и да не се впушта во незаконски авантури лажно верувајќи дека ќе продолжат кариерите на Али Ахмети, Бујар Османи и Артан Груби.
Знаеме дека исплашеното раководство на ДУИ и нивните коалициони другарчиња се подготвени на различни предизборни далавери, но треба да земат предвид дека на секој обид за спречување на слободно, фер и демократско гласање на Албанскиот народ, жестоко ќе одговориме“, додаваат во партиското соопштение.
Нагласуваат дека ништо не може да ги спречи промените. Гласачите, како што оценуваат, уште повеќе се мотивираат да гласаат против ДУИ кога ги гледаат овие нивни очајнички потези.
„Бранот е тргнат и тој секојдневно ќе расте додека не се претвори во цунами за ДУИ на изборите“, се потенцира во напишаното од коалицијата „Вреди“.
Македонија
Први април, вториот ден на Велигден, неработен за граѓаните од католичка вероисповед
Министерството за труд и социјална политика соопштува дека во согласност со Законот за празниците на РМ („Службен весник на РМ“ бр. 21/98 и 18/07), 1 Април 2024 година (понеделник), Велигден, вториот ден на Велигден, според грегоријанскиот календар, е неработен за граѓаните од католичката вероисповед во Република Северна Македонија.
Истовремено, Министерството за труд и социјална политика на граѓаните од католичка вероисповед им го честита празникот.
Македонија
Донесено упатство за радиодифузерите за претседателските и парламентарните избори
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со цел појаснување на начинот на примена на правилата од Изборниот законик донесе Упатство за радиодифузерите за Претседателските и Парламентарни избори 2024.
Со Упатството се опфатени правилата за лимитите за платеното политичко рекламирање (ППР), означувањето на нарачателот на рекламирањето, распределбатата на времето во вести кај Јавниот сервис, бесплатното политичко претставување на Собранискиот канал, обезбедувањето пристапност на содржините за изборниот процес за лицата со попреченост, правилата за известување во деновите на изборниот молк особено за периодот на преклопување на двата изборни процеси.
За време на изборната кампања за Претседателските избори, во првиот круг на гласање, радиодифузерите може да емитуваат вкупно девет минути и триесет секунди дополнително време за рекламирање на реален час емитувана програма, исклучиво наменети за ППР. Во Упатството е точно утврдена распределбата на овие минути меѓу седумте подносители на листи/кандидатите за претседател. Во вториот круг на гласање вкупното време за ППР ќе зависи од времето за ППР што го користат подносителите на листи/кандидатите за претседател кои ќе ја продолжат изборната кампања во вториот круг.
За време на изборната кампања за Парламентарните избори, радиодифузерите имаат право на дополнителни девет минути и триесет секунди за рекламирање на реален час, исклучиво наменети за ППР. По потврдувањето на поднесените листи на кандидати за пратеници од страна на Државната изборна комисија, Агенцијата соодветно ќе го дополни Упатството за радиодифузерите за Претседателските и Парламентарни избори 2024.
За време на изборниот молк за Претседателските избори, на 23 и на 24 април (до 19 часот) 2024 година, продолжува изборната кампања за Парламентарните избори, но запира медиумското покривање во вестите и во посебните-информативни емисии на учесниците во изборните кампањи за двата изборни процеси.
Јавниот сервис и телевизиите на државно ниво што ќе објавуваат платено политичко рекламирање, треба да емитуваат содржини поврзани со изборниот процес во формат пристапен за лицата со попреченост.
Упатството за радиодифузерите за Претседателските и Парламентарни избори 2024 е достапно на веб страницата www.avmu.mk.