Македонија
„Аргентинецот“ вели дека ги вратил парите за летот со бизнис-класа
По речиси половина година, поранешниот директор на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, Александар Донев, вели дека ги вратил парите што ги потрошил во октомври минатата година за лет до Аргентина со бизнис-класа. Средствата за службени патувања ги надоместил од свој џеб, вели Донев за „Макфакс“. Тој неколкупати повторуваше дека парите ќе ги донира за изградба на сензорна соба за лица со посебни потреби, со образложение дека чека Министерството за труд и социјална политика да ја заврши постапката, но сега вели дека не излегло ништо од тоа.
-Дел од трошоците за службени патувања ги покрив приватно, изјави Донев за „Макфакс“, без да прецизира точен износ на пари и за кои службени патувања станува збор.
За потврда на оваа информација, од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот нè упатија да се обратиме со барање за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Александар Донев ја налути јавноста која дозна дека тој во октомври 2017 службено патувал до Буенос Аирес во бизнис-класа со авионски билет за 220 000 денари, а летот со економска чинел 180 000 денари. Донев тогаш се извини и вети дека ќе ја надомести разликата од 40.000 денари од свој џеб. Но, според податоците до кои дојде „Макфакс“ од Агенцијата за туризам, вкупната сума патни трошоци за патувањето во Аргентина за авиобилети и патничко возило изнесува 433.950 денари или 7.056 евра. Донев тогаш се правдаше дека се работи за трошоци и за локален превоз, како и за уште еден авиобилет од Буенос Аирес до Салта, во економска класа, и дека во оваа сума се внесени и трошоците за сместување, иако во одговорот што го доби „Макфакс“ од Агенцијата стои дека сумата се однесува за авиобилети и патнички трошоци.
Донев беше разрешен со одлука на Владата во јануари, поради несовесно и невнимателно работење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Европскиот фронт: Очекуваме голема историска победа, тоа го потврдуваат информациите од терен
„Народот го кажа своето, имавме мирен изборен ден и слободни избори“, изјавија веднаш по изборниот молк од Европскиот фронт.
„Покажавме демократска зрелост како што и доликува на земја членка на НАТО и земја преговарач со ЕУ. Денес граѓаните го кажаа својот збор а на нас е да ја преточиме таа волја во акција. Имавме исклучителна кампања, напорна и вредна, беше европска на која треба сите да се гордееме“, посочија од Европскиот фронт.
На прашањето колку се задоволни од одзивот на гласачите и за првичните партиски пресметки Арбер Адеми од ДУИ истакна дека очекуваат голема победа за нивниот кандидат Бујар Османи.
„Сите информации од терен тоа го потврдуваат. Очекуваме победата да биде голема, историска“, рече Адеми.
Македонија
ОЈО: Сите сомненија за кривични дела кои би можеле да го нарушат изборниот процес ќе бидат испитани
Во текот на изборниот ден до затворањето на избирачките места, на електронската адреса на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија не пристигнала ниту една пријава за кривично дело поврзано со изборите, информираат од оваа институција.
„Согласно информациите добиени од јавните обвинителства низ целата држава, изборниот ден во првиот круг од изборите за Претседател на Република Северна Македонија помина мирно и без поголеми нарушувања на изборниот процес. Не се забележани посериозни инциденти кои би имале обележја на кривично дело против изборите и гласањето или други кривични дела кои би го загрозиле изборниот процес.
Привремената Комисија на Јавното обвинителство за евентуални изборни нерегуларности го следеше текот на гласањето, а во текот на денот беа организирани вонредни дежурства во сите основни јавни обвинителства. Јавното обвинителство се координираше и со останатите институции надлежни за следење на изборниот процес“ се додава во официјалниот допис од обвинителството.
Комисијата, како што нагласуваат, ќе продолжи со својата работа до завршување на изборниот циклус.
Додаваат дека сите евентуални сомненија за кривични дела кои би можеле да го нарушат изборниот процес ќе бидат испитани, а предметите ќе имаат приоритет на постапување во јавните обвинителства.
Македонија
Левицата: Проблеми со фингерпринтот во Куманово, Ѓорче Петров, Аеродром, доцнење на гласачкиот процес и нерегуларности во избирачкиот список
Од Претседателскиот изборен штаб на кандидатот за претседател Билјана Ванковска информираат дека денешниот изборен ден поминal мирно во фер и демократска атмосфера, но нагласуваат дека сепак се случиле некои помали проблеми на изборните места.
Како што информираше Моника Маневска, портпаролот на Ванковска, забележани се помали проблеми со фингерпринтот на повеќе гласачки места како Куманово, Ѓорче Петров, Аеродром и др.
Истакна дека од терен добиваат информации дека во Куманово се правеле редици заради проблемите со фингерпринт, а во некои изборни места гласањето почнало со доцнење.
Исто така беше кажано дека и на овие избори се појавуваат нерегуларности во избирачкиот список па така во некои изборни места има запишано почонати гласачи, а некои гласачи кои се со постојано место на живеење и без промена на адреса ги нема во изборниот список.