Македонија
Арсовска: Гасификација, чистење на дивите депонии и бесплатен и еколошки јавен превоз се дел од системските решенија за чисто Скопје
Скопје не е чист еколошки град и загадувањето во Скопје сè уште е тема меѓу скопјани. Година кога времето е ветровито може да ги намали параметрите кои укажуваат на загадувањето, но тоа во ниту еден случај не е трајно решение. Во програмата за модерно Скопје планирано е формирање на зелен совет со експерти за животна средина и претставници од невладиниот сектор каде ќе се разгледуваат сите прашања од областа на екологијата и урбаниот хаос во Скопје. Ќе се отвори и зелена линија каде граѓаните ќе може да пријават загадување и инциденти поврзани со животната средина, а инспекциските и интервентните тимови ќе преземат акција веднаш без одложување, истакна независната кандидатка за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска на денешната прес конференција од Градскиот парк во Скопје.
Арсовска во своето излагање вели дека во изминатите денови започна зголемување на загадувањето и само за четири дена бројките кои го покажуваат степенот на загадување се зголемуваат и тоа е достапна информација во јавноста од официјалната страна и на Министерство за животна средина и просторно планирање. Токму затоа таа најавува сериозен пристап и почеток на системско решавање на проблемите веднаш, без одложување.
„ Уште во првите 82 дена од мандатот ќе ги исчистиме дивите депонии каде се согорува опасен отпад. Ќе набавиме 250 еколошки автобуси и ќе го олесниме пристапот до јавниот превоз, а со бесплатниот и квалитетен јавен превоз се очекува намалување на користењето автомобили и сообраќајниот метеж. Ќе бидат воспоставени повеќе пешачки зони во општините, каде што пешаците и велосипедистите ќе имаат приоритет пред автомобилите. Секоја година ќе бидат засадени 100 000 нови дрвја за да го зголемиме зеленилото во градот, нема повеќе да се сечат дрвја ниту во центарот ниту на кое било друго место во градот. Ќе иницираме закон за заштита на Водно и ќе се отпочне со продолжување на жичницата“, додава таа.
Како едно од решенијата во програмата на Арсовска е и гасификација на Скопје со што ќе се овозможи еколошко решение за скопјани, како и креирање на повеќе зелени површини во градот, што дополнително ќе придонесе до намалување на загадувањето и овозможување на чиста и здрава животна средина за сите скопјани.
„ Со работа за конечна реализација на гасификацијата и ќе се овозможи еколошко решение за скопјани. Ова е едно од барањата на коишто посочуваат скопјани. Дополнително, ќе се реализираат 5 нови мега парка. Мора да има системски решенија за загадувањето. На скопјани им е доста од оправдувања дека нема време нешто да се среди. Знаеме сите дека треба волја и план. Потребни ни се ефикасни и целосни, а не половични решенија. Да почнеме да ги менуваме работите, за наше Скопје, за модерно Скопје“, заклучува Арсовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ковачевски: Треба да одлучиме дали ќе чекориме по патот кон ЕУ, или ќе се вратиме назад во изолација и неизвесност
СДСМ е опција која носи надеж, обезбедува подобар и подостоинствен живот за сите, опција која не е откажува од европскиот пат, порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, на вечерашното отворање на промотивниот штаб на СДСМ, во Куманово.
„Ние треба да одлучиме дали ќе чекориме по патот кон Европската Унија во која ќе биде подобро за сите или ќе се вратиме назад во изолација и неизвесност. Тоа ќе биде одлуката на претстојните избори, помеѓу „надеж со СДСМ“ и „безнадежност со ВМРО-ДПМНЕ“, помеѓу „просперитетна иднина со СДСМ“ и „враќање во темното минато со ДПМНЕ“. СДСМ е единствената партија која ја постави и која работи да се исполни визијата за европска иднина на нашата земја. Ние во СДСМ имаме јасна визија за иднината. Затоа јасно и гласно кажуваме одиме напред кон Европа, нема откажување од иднината. СДСМ ги исполнува ветувањата и даваме сѐ од себе да ги исполниме и очекувањата на граѓаните“, потенцираше Ковачевски.
Порача дека СДСМ ќе извојува победа и на претстојните претседателски и парламентарни избори, а победата ќе биде очигледна и во Куманово.
„Јас знам дека и овој пат ќе издвојуваме голема заедничка победа и ќе им покажеме дека лаги и манипулации не поминуваат во Куманово. Градот што се крена прв против фашизмот во време не НОБ знае што значи да си на вистинската страна на историјата. Куманово знае што значи борба за подобра иднина. Куманово секогаш било бастион на социјалдемократијата. На последните парламентарни избори, пред четири години, СДСМ и коалицијата во Куманово освоија три и пол илјади гласови повеќе од ДПМНЕ“, нагласи Ковачевски додавајќи дека граѓаните ги поддржуваат големите партии како СДСМ затоа што знаат дека можат да ја однесат државата напред во иднината, а не да ја вратат назад во минатото.
Македонија
Ковачевски: Поголеми плати и пензии, СДСМ направи многу за подобар живот, но мораме повеќе
На вечерашното отворање на промотивниот штаб на СДСМ во Куманово, претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, порача дека со СДСМ сигурна е иднината во ЕУ, поголеми плати и пензии за европски животен стандард.
Ковачевски потенцираше дека во изминатите седум години СДСМ направи многу за подобар и подостоинствен живот во нашата Македонија, се зголемија просечната и минималната плата, а паралелно растеа и пензиите.
„Минималната плата денес е над 370 евра, просечната плата е над 650 евра. Иако ветивме 500 евра. Пензиите се за 6.400 денари повисоки од тоа што беа во 2016 година. Невработеноста ја преполовивме и ќе продолжиме да отвораме нови работни места, да ги стимулираме на домашните и странските инвестиции, бидејќи тоа е единствениот начин да имаме посилна, поконкурентна економија“, рече Ковачевски.
Во своето обраќање, Ковачевски порача дека СДСМ може и мора да направи повеќе и подобро за сите, и тоа ќе се исполни преку новата програма која обезбедува подобар животен стандард и економски раст.
Говорејќи за новата програма на СДСМ, Ковачевски посочи дека поддршката за компаниите ќе биде најмалку 50% повисока од сегашните рекордни 100 милиони евра и до 2028 година ќе се зголеми на 150 милиони евраа, земјоделците ќе може да сметаат на нови, зголемени 750 милиони евра субвенции.
Македонија
Ковачевски: Мицкоски само ќе продолжи каде застана Груевски, ДПМНЕ не може да донесе промена
Мицкоски само ќе продолжи каде застана Груевски, ДПМНЕ не може да донесе никаква промена, рече вечерва во Куманово претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во обраќање при отворање на промотивен штаб на партијата.
-Никој од нас не заборавил како изгледаше кога менторот на Мицкоски, Груевски нѐ заглави и не донесе до дното. Мицкоски, само ќе продолжи таму каде што неговиот ментор застана, ќе продолжи да копа до ново дно, ќе нѐ закопа и ќе не заглави, само за своја лична цел. ДПМНЕ не ги интересира иднината на државата и граѓаните. Погледнете ги само нивните носители на листи и тоа ќе ви каже сè. Сакаат на голема врата да ги вратат поданиците на Никола Груевски. Ништо не е променето во ВМРО-ДПМНЕ, тоа е истата партија која не може да донесе никаква промена. Па има ли поголем доказ за тоа од целосното потфрлање на нивните градоначалници. Видете што се случува во Скопје, и ништо друго не ви треба. Мавтаа со програми пред локалните избори, а ништо не реализираа, рече Ковачевски.
Кога ќе ги прашате која е нивната визија и алтернатива за Македонија – тие нити знаат, нити кажуваат, нити имаат план, додаде тој.
-Тие нема да мрднат ни милиметар кон Европската Унија, и кога нема да има никаков прогрес, не само што нема да си ја признаат грешката, не само што нема да кажат дека лажеле, тие исто како Груевски ќе ги обвинуваат сите други, и ќе ја обвинуваат Европската Унија. Сите ќе им бидат виновни, освен тие самите! Тие едноставно сакаат да се вратиме во минатото, да ја закопаме иднината и да ја уништиме надежта за подобро утре, потенцираше Ковачевски.