Македонија
Арсовска: Нема повеќе бесплатен паркинг за функционери
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, директорот на ЈП Градски паркинг, Бојан Христовски, и градоначалникот на oпштина Аеродром, Тимчо Муцунски, денеска ги отворија новите простории на ЈП „Градски паркинг“ во општина Аеродром.
Арсовска потенцираше дека во изминатиот период со доаѓањето на новиот в.д. директор на ЈП „Градски паркинг“, Бојан Христовски се работи континуирано на подобрување на услугите за паркинг, реализирано е ветувањето за намалена цена на градскиот паркинг, а се работи и на креирање нови решенија за паркинг места во општина Аеродром, но и во сите останати скопски општини каде што граѓаните имаат потреба од зголемен капацитет на паркинг места. Таа додаде дека новото раководство на претпријатието работи домаќински и се грижи за корисниците, а показател за тоа е приходот од 6 милиони денари во првите три месеци, што само говори за задоволството од страна на граѓаните и намалените цени на паркингот во Скопје.
„Како што знаете од 1 Март 2022 ЈП ‘Градски паркинг’ – Скопје започна да работи со нови, намалени цени за час паркирање на зонските паркиралишта. Мерката за намалување на цените на паркинг-услугите беше дел од моите предизборни ветувања, која ја реализиравме рекордно во првите 82 дена, за да им излеземе во пресрет на граѓаните во услови на економска криза им овозможивме поевтино паркирање од над 20-тина %. Од друга страна, новите намалени цени, за претпријатието донесоа зголемена наплата, за што говори и остварениот приход од 6 милиони денари само во првите три месеци од годината. Тоа значи дека новото раководство работи домаќински. Денес ги претставуваме новите работни простории на канцеларијата Аеродром. Потребата од нови простории се јавува поради лошите работни услови во претходните, а ставајќи ја на преден план грижата за вработените и корисниците, раководството на претпријатието овозможи нови канцеларии со соодветно услови за работа и поголема пристапност за граѓаните. Времето кога функционерите го злоупотребувале јавното претпријатие и користеле бесплатен паркинг заврши. ЈП ‘Градски паркинг’ мора да биде сервис на граѓаните и да работи домаќински во интерес на сите граѓани ”, истакна градоначалничката Арсовска.
Директорот на ЈП „Градски паркин“г, Бојан Христовски, изјави дека во изминатиот период реализирале неколку средби со граѓаните од повеќе скопски општини, каде што заедно со нив ги лоцирале проблемите со коишто се соочуваат во однос на паркиралиштата.
„Токму поради тоа започнавме да ги посетуваме општините и да креираме нови решенија коишто ќе бидат од полза на граѓаните, а започнавме и со отстранување возила од зелена површина, како и дислокација на стари и оштетени возила кои што зафаќаат паркинг-места. ЈП ‘Градски паркинг – Скопје во наредниот период ќе воведе неколку новитети кои што ќе придонесат за подобра паркинг услуга и задоволни граѓани”, додаде Христовски.
Градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски, рече дека во поглед на решавање на проблемите со паркирање, како општина се започна соработка со ЈП „Градски паркинг“ – Скопје за отстранување на возила од зелена површина и преместување на неисправни или оштетени возила. Тој истакна дека за таа цел денес ќе се потпише Договор за деловно- техничка соработка со ЈП Паркинзи. Отстранувањето ќе се врши во заедничка соработка со претпријатието, заедно со комуналните инспектори од општината.
„ Во соработка со Град Скопје и Општина Аеродром, воведуваме зонско паркирање на неколку локации на територија на општината, за што реализирани се теренски посети, средби со граѓани, а од страна на општина спроведена е и анкета за изразување интерес. Предвидени се локации за организирање зонско паркирање во делот на стар Аеродром – поточно реонот на левата страна од ул. Владимир Комаров, кај Поликлиника Јане Сандански и реонот по должина на улицата Симеон Кавракиров”, истакна Муцунски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Димитриевски до Пендаровски: Разликата е огромна, откажете се од оваа битка и оставете нè да победиме во вториот круг
Денеска ЗНАМ заедно со сите свои пддржувачи ја испишува новата политичка историја на македонската политичка сцена, рече вечерва претседателскиот кандидат на ЗНАМ, Максим Димитриевски. Иако е јасно дека не влегува во вториот круг, Димитриевски првиот круг од изборите го смета за голем успех.
„Можам да потврдам дека се роди третата политичка сила во македонскиот политички блок во државата која што имаме намера во следниот период дополнително да ја потврдиме и надградиме, со цел еден ден граѓаните да имаат можност да изберат нешто ново“, рече Димитриевски.
На противкандидатите им честиташе за успехот и се заблагодари на можноста да води кампања за која рече дека не била еднаква за сите оти законот кој е во сила не дава еднаква можност за медиумско претставување на сите партии.
Рече дека е горд на секој глас што го добиле како партија регистрирана пред само три месеци.
„Факт е дека јас како кандидат и ЗНАМ освоивме повеќе од 80.000 гласови. Регистриравме субјект кој постои нешто повеќе од три месеци и со граѓанската поддршка се етаблираше на трето место во политичкиот блок. Сметам дека тоа е одличен појдовен резултат за понатамошна борба. Јас не се сеќавам дека во историјата на плурална Македонија имало вакви примери, да имате партија со некаде три и пол илјади членови, а да освоите над 80.000 гласови. Искрено сум горд на секој тој еден глас што дојде, како поддршка за мене и ЗНАМ. И покрај тоа што трендовите се тие, десницата добива, а левицата губи, единствено десницата доживеа пораз во бастионот на асномска Македонија, а тоа е Куманово“, рече Димитриевски.
Порача на сите политичари дека треба да учат од овие избори оти граѓаните дале јасна насока каде сакаат да се движи државата, а посебна порака упати до Стево Пендаровски, кој освои повеќе 100.000 гласови помалку од Гордана Сиљановска-Давкова.
„Почитуван мој претседателе, разликата е огромна. Доколку сакате да опстане централната и левата идеја во државата, откажете се од оваа битка и оставете не да победиме во име на граѓаните во вториот круг“, порача Димитриевски.
Кога ќе завршат парламентарните избори, Димитриевски е уверен дека ЗНАМ ќе биде политички фактор за стабилност во државата без кој нема да може да се формира идната влада. Најави дека кога ќе ги почнат преговорите за формирање парламентарно мнозинство, на сите политички партии ќе им ги испорачаат нивните предлози за црвените линии на македонскиот народ.
Македонија
ДИК: Сиљановска Давкова освои 324 177, Пендаровски 161 393 гласа по обработени 89,97 отсто
Стево Пендаровски освои 161 393 гласа, 19,90 отсто, Гордана Сиљановска Давкова 324 177 односно 39,97 отсто од гласовите, Стевчо Јакимовски освои 7.499 односно 0,92 отсто од вкупниот број на гласовите.
Кандидатот Бујар Османи освои 110 903, односно 13, 68 отсто, Билјана Ванковска 35.949 односно 4,43 отсто од гласовите, Арбен Таравари 78.110 илјади односно 9,63 отсто, Максим Димитриевски 70,996, односно 8,75 отсто од гласовите се резултатите од обработените 89,97 отсто од гласовите, извести претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.
Тој додаде дека изборниот процес поминал мирно и достоинствено и смета дека 99 отсто работите поминале како што треба.
Македонија
Касами: Добитници на овие избори сме ние, ДУИ има купено гласови
„Влен“ е легитимен претставник на Албанците и ги доби гласовите на Албанците, изјави Билал Касами на прес конференција.
„Добитници на овие избори сме ние, коалицијата „Влен“. ДУИ има купено гласови од загрозените гласачи кои имаат потреби од пари. „Влен“ ги доби гласовите на Албанците, вели Касами.
„ДУИ го загуби последниот легитимитет да зборува во име на Албанците, затоа на 8 мај ние ќе победиме. Овој резултат и во мандати не е голема разлика со ДУИ и на 8 мај овој резултат ќе биде во наша полза. ДУИ успеа да ја загуби последната можност, еден кандидат Албанец да биде избран на директни избори во 2024 година. Тие ќе бидат запишани со црни букви во историјата на албанскиот народ во Македонија. Ако биле заинтересирани Албанец да оди во вториот круг сигурно ќе беа координирани со нас и ќе беше возможно да биде избран Албанец. Затоа мислиме дека вредеше оваа борба“, рече Касами.
Тој се заблагодари на сите што го гласаа кандидатот Арбен Таравари и додаде дека ДУИ има изгубено гласови од помалите етнички заедници и од загрозените граѓани.
Таравари кажа дека коалицијата подоцна ќе разговара за тоа кому ќе ги даде гласовите во вториот круг на претседателските избори.