Македонија
Арсовска: Позитивните промени за Скопје ќе дојдат по 31 октомври
Кандидатката за градоначалничка на Скопје поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, продолжи со теренските активности по победата во првиот круг на изборите и со тоа го означи почетокот на изборната кампања за вториот круг.
Таа синоќа имаше средба со граѓани од Кисела Вода. За жителите од оваа населба, рече Арсовска, во моментов приоритетно е решавањето на проблемот со неконтролирано градење, затоа што на овој начин им е загрозен животниот простор, се намалува зеленилото, а се намалуваат и местата за паркинг.
„Јас многу добро ги знам проблемите со коишто се соочуваат жителите на општина Кисела Вода, а имам и конкретни решенија како да се надминат. Непланското градење ќе запре со креирање детален урбанистички план во соработка со повеќе експерти. Проектите од мојата изборна програма се предложени врз основа на нивните проблеми. Затоа, за Кисела Вода е предвидена реализација на еден од петте мега паркови, ќе се изградат и повеќе монтажни паркинзи што значително ќе го решат проблемот со узурпирање на просторот меѓу зградите и тротоарите, а ќе се започне и со чистење на депониите веднаш по моето стапување на функцијата градоначалник на Град Скопје. Освен тоа, Кисела Вода ќе биде поврзана со велопатека и ќе се реализира изградба на директна патна поврзаност со Аеродром. Позитивните промени за Скопје доаѓаат по 31 октомври. Заедно со скопјани ќе успееме во тоа“, рече Арсовска.
На крајот од средбата Арсовска им се заблагодари на присутните за поддршката што ѝ ја дале во првиот круг од изборите и ги повика сите оние кои ја поддржуваат нејзината визија за модерно и современо Скопје, да излезат на изборите и во вториот круг и заедно да го направат главниот град – град на среќни и задоволни жители.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Куманово не се гласа на три избирачки места, на едното се изгубил печатот
Прекин на гласањето има на три места во Куманово, информираше претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски.
Како што појасни, на едното бил изгубен печатот. На останатите две, биле направени обиди да се замени уредот за биометриска верификација, пришто гласањето во едниот случај продолжило па прекинало, а во вториот не продолжило.
„Тоа се трите места за коишто имаме добиено писмено известување. Ќе видиме вечер за што точно се работи и ќе одлучиме“, рече Даштевски, одговарајќи на новинарски прашања.
Од ДИК појаснуваат дека се работи за прекин за повеќе од три часа, додека онаму каде што имало помали прекини, гласањето ќе се продолжи за онолку време колку што било прекинато.
На сите останати гласачки места, гласањето тече нормално и мирно, додаваат.
Пред полноќ се очекува да бидат обработени над 50 отсто од гласовите и ДИК да ги објави првичните неофицијани резултати.
Во однос на информациите за починати луѓе на избирачкиот список од ДИК обазложија дека оние коишто ќе починат 30 дена пред гласњето ги има на избирачкиот список, бидејќи тој е веќе заклучен. Велат дека списокот се ажурира неколкупати годишно во координација со Управа за водење на матични книги.
Македонија
Одѕивот до 17 часот изнесува 44,18 отсто – за околу 9 проценти повеќе во споредба со претходните претседателски избори
До 17 часот во првиот круг од претседателските избори, своето право на глас го оствариле 397.612 избирачи, или 44,18 отсто.
Како што соопшти претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски, засега најголема е излезноста во Новаци, каде гласале 67,19 отсто, а најмала во Пласница – 15,5 отсто.
Засклучокот е дека гласањето се одвива мирно.
Во споредба со првиот круг од претседателските избори во 2019 година, до 17 часот, излезноста е поголема за околу 9 отсто.
Досега до ДИК се доставени 308 приговори, од кои 85 се усвоени, 27 отфрлени како неуредни, а 38 се одбиени. Останатите се во процес на обработка.
Македонија
Петмина си ги фотографирале гласачките ливчиња, полицијата ги фати
Пет лица во периодот од 11 до 14 часот, биле фатени од страна на полицијата оти ги фотографирале своите гласачки ливчиња додека го остварувале своето право на глас, објави МВР.
-Во 11.10 часот е пријавено дека во село Коџалија, општина Радовиш на избирачко место број 1602 С.А. од с.Коџалија го фотографирал гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Околу 12.15 часот е пријавено дека на избирачко место број 2683/1 во Скопје А.С. (40) од Скопје го фотографирал гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Околу 12.15 часот е пријавено дека А.И.(48) од Охрид на избирачко место број 1271 во Охрид го фотографирал гласачкото ливче. А.И. е приведен во полициска станица и по документирање на на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Во 12.35 часот е пријавено дека на избирачко место бр.0006 во Берово, Д.Т.(42) го фотографирал гласачкото ливче. Д.Т. е приведен во полициска станица и по документирање на на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Во 13.57 часот е пријавено дека на избирачко место 2555 во Скопје С.С. го фотографирала гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок, се наведува во извештајот на МВР.