Македонија
Арсовски: Смена на Мицкоски бараат луѓе што се неславен багаж во ВМРО-ДПМНЕ
Овие луѓе што бараат смена на Христијан Мицкоски се всушност неславниот багаж што ВМРО-ДПМНЕ го влечеше како тег во пропаст, а потајно се молеа и работеа да победи СДСМ и на референдумот и на изборите, истакнува портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски. Неговата реакција следува кога утрово ексградоначалникот на општина Аеродром и партиски член, Ивица Конески, повика на промени во партијата.
Арсовски го нарече Коневски – печалбар наведувајќи дека очигледно адвокатурата му оди толку лошо, па сега има желба да менува професија и да се враќа во политиката, каде што последните години од кариерата му оделе уште полошо од адвокатурата.
„Сметам јас, а и целото членство, дека е време тој багаж да се истовари затоа што ВМРО-ДПМНЕ е многу повеќе од тие ликови што кога велат промени, мислат на тоа – тие да ја управуваат партијата која и тогаш и сега ја гледаат како ДООЕЛ за пари и бизнис. А слушам веќе и функции си поделиле, па Ивица ќе бил секретар. Добра е таа ментална гимнастика на илузијата за која треба да знаат дека домашниот есап и тој на пазар никогаш не излегуваат исто. Знаете зошто? Затоа што ВМРО е на народот, на членовите што се со неа и при сите подеми и при сите падови.
А сите оние што ги полнат провладините медиуми со усти полни со омраза кон ВМРО, а во исто време повикуваат на единство во време кога ВМРО-ДПМНЕ се труди да состави влада, всушност имаат задача да му помогнат на Заев“, вели Арсовски.
Понатаму, отвора сомнеж дека е чудно тоа што Коневски, но и сите други зад кои се провлекуваат афери и скандали, немаат проблем со законот и ниту една кривична пријава.
„Нели е чудно што човекот што го викаат ‘комшијата’ во Аеродром го нема 3 години да каже збор против Зоран Заев и Златко Марин, а денес тера филозофски расправи за ВМРО-ДПМНЕ? Тежината на Ивица Коневски се виде на изборите во 2017, односно тежи минус 4.000 гласа. Среќа, не работеше во кампањата сега, па работите дојдоа на свое место и општина Аеродром со сите населби повторно е победничка и бастион. За на крајот, сите овие луѓе што се дел од багажот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски ќе го остави зад себе. Од тој момент потоа тој му припаѓа на Заев. П.С. Заев, со среќа да си го носиш багажот“, вели Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Петмина си ги фотографирале гласачките ливчиња, полицијата ги фати
Пет лица во периодот од 11 до 14 часот, биле фатени од страна на полицијата оти ги фотографирале своите гласачки ливчиња додека го остварувале своето право на глас, објави МВР.
-Во 11.10 часот е пријавено дека во село Коџалија, општина Радовиш на избирачко место број 1602 С.А. од с.Коџалија го фотографирал гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Околу 12.15 часот е пријавено дека на избирачко место број 2683/1 во Скопје А.С. (40) од Скопје го фотографирал гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Околу 12.15 часот е пријавено дека А.И.(48) од Охрид на избирачко место број 1271 во Охрид го фотографирал гласачкото ливче. А.И. е приведен во полициска станица и по документирање на на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Во 12.35 часот е пријавено дека на избирачко место бр.0006 во Берово, Д.Т.(42) го фотографирал гласачкото ливче. Д.Т. е приведен во полициска станица и по документирање на на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Во 13.57 часот е пријавено дека на избирачко место 2555 во Скопје С.С. го фотографирала гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок, се наведува во извештајот на МВР.
Македонија
Одѕивот до 15 часот е 35,89 отсто, најмалку гласале во Центар Жупа, а најмногу во Новаци
До 15 часот до Државната изборна комисија пристигнати се податоци за одѕив на гласачите од 2.110 избирачки места.
Од вкупно запишани 1.092.341 гласач на овие избирачки места, гласале 392.066, односно 35,89 проценти.
Според податоците што се пристигнати досега, најголем одѕив е забележана во Новаци со 57,69 % а најмал во Центар Жупа, 13,11 %.
Гласањето досега се одвива мирно на сите избирачки места.
До овој момент до ДИК се доставени вкупно 233 приговори за заштита на личното избирачко право. Од нив, 38 приговори се усвоени и на избирачите им е овозможено да го остварат своето право на глас, 21 приговор се отфрлени како неуредни, а 22 се одбиени. Другите приговори се во обработка.
На страницата rezultati.sec.mk може да се следи во живо одѕивот на гласачите, вкупен и по општини.
Македонија
ЕУ ќе му даде на Западен Балкан помош од две милијарди евра до 2027 година
ЕУ ќе додели две милијарди eвра грантови и четири милијарди поволни заеми за Западен Балкан од 2024 до 2027 година како дел од Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан откога беше одобрен од Европскиот парламент на денешната пленарна седница.
„Инструментот е централен дел од планот за раст за Западен Балкан“, рече коизвестувачот Тонино Пицула на пленарната седница.
Станува збор за финансирање на шесте земји од Западен Балкан на нивниот пат кон Европската Унија. Во ноември минатата година Европската комисија го претстави Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан за периодот од 2024 до 2027 година, кој ќе вклучува две милијарди евра грантови и четири милијарди поволни заеми.
Известувачи во име на Европскиот парламент беа хрватските европратеници Тонино Пицула и Карло Реслер.
Пицула беше коизвестувач на ЕП пред Комитетот за надворешни работи (АФЕТ), а Реслер беше коизвестувач пред Комитетот за буџет (БУДГ).
Реслер за новинската агенција „Хина“ изјави дека тоа е инструмент споредлив со националните планови за закрепнување и отпорност, но за шест земји во Југоисточна Европа надвор од ЕУ. Тој посочи дека исплатата на средствата е поврзана со конкретни реформски активности.
Реслер апострофира дека ќе се води сметка за усогласување на надворешната и безбедносната политика и визната политика со ЕУ.
Црна Гора и Србија со години преговараат со ЕУ, Албанија официјално ги отвори пред две години, а Македонија само делумно, со оглед на тоа што за целосен почеток на преговорите неопходни се уставни измени за внесување на Бугарите во Уставот. Лидерите на земјите членки на ЕУ во март донесоа одлука да ги отворат пристапните преговори со Босна и Херцеговина. Брисел сè уште го смета Косово за потенцијален кандидат.