Македонија
Аудио читачот за слепи лица покажува добри резултати
На средбата со претставници на Сојузот на слепи ми беше предочено дека аудио читачот „Кико“ е добра апликација која навистина им помага во нивното секојдневно работење, рече министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, на средбата со претставниците на Сојузот на слепи лица.
„После само еден месец откако аудио читачот е достапен, лицата со оштетен вид имаат серозни придобивки. Претставниците на Сојузот на слепи ми посочија дека аудио читачот е добра алатка бидејќи генерира природен разбирлив глас на македонски јазик. Им овозможува да имаат пристап до сè што претставува секојдневна комуникација, од социјалните мрежи па се до препознавање на бои и организација во движењето. Ние како МТСП и понатаму продолжуваме да работиме за олеснување на секојдневието на лицата со попреченост“, посочи министерката.
Претседателот на Сојузот на слепи Жарко Селковски, рече дека дигиталната алатка е од големо значење за слепите лица.
„За еден месец колку што го имаме аудио читачот не само што го користат голем број наши членови туку го користат и лица со оштетен вид од околните земји, Србија, Хрватска и Бугарија“, кажа Селковски.
Членката на Сојузот на слепи лица Анита Георгиевска рече дека е задоволна што слепите лица конечно имаат говорен програм на свој мајчин јазик.
„Се надевам дека што повеќе луѓе ќе дознаат за овој говорен програм, ќе го користат и ќе бидат задоволни исто како што сме ние“, рече Георгиевска.
Апликацијата „Кико“ е целосно бесплатна, и е достапна за сите лица со слаб, оштетен и целосно изгубен вид.
Изработена е во соработка со УНДП, а во финална фаза е албанската верзија на аудио читачот „Хана“. На средбата се разговараше и за паричните права наменети за лицата со посебни потреби, за придобивките од намалување на возрасната граница за лична асистенција од 18 на 6 години.
Министерката Шахпаска упати и апел до лицата со попречености да пристапат кон процесот на вакцинација
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Времето утре – променливо облачно со сончеви периоди
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне во источните делови ќе има повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен, а во западните делови од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 7, а максималната ќе достигне од 13 до 20 степени.
Во Скопје променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Во недела и во вторник на повеќе места ќе има врнежи, кои повремено ќе бидат пообилни и поројни проследени со појава на грмежи и засилен ветер. Поради спуштање на постудена воздушна маса во недела на планините врнежите повремено ќе преминуваат во снег и ќе се формира нова снежна покривка.
Македонија
Ибраимоски и Глигорова: „СТОП за исвршителите, брзите кредити и должничкото ропство“ е еден од главните постулати на програмата „Храбро за Македонија“
Носителот на пратеничката листа на коалицијата „Храбро за Македонија“ во изборната единица пет, Самка Ибраимоски, денеска заедно со активистката и кандидатка за пратеничка Ана Глигорова ја посетија Битола каде се потпишуваше петицијата „СТОП за извршителите и брзите кредити“.
Воедно, Ибраимоски и Глигорова нагласија дека оваа борба за правда, за враќање на извршителите кадешто им е местото и ослободување на народот од должничко ропство е еден од главните приоритети на предизборната програма на коалицијата „Храбро за Македонија“.
– Денеска бевме во Битола, на средба со граѓани. Имавме петиција за „СТОП на извршителите“ и стоп за кеш кредити, успешна петиција. Суштината на нашата кампања во изборна единица пет, ќе биде токму оваа агенда: „СТОП за извршители и СТОП за брзи кредити“. – нагласи Глигорова.
– Ме радува што сите граѓани ја прифатија нашата иницијатива и се потпишаа многу луѓе и тоа е добро, што народот почна поинаку да размислува за разлика од претходно. И очекувам дека и во другите градови, како што се Ресен, Охрид, Струга, Демир Хисар и другите околни места, ќе ни ја дадат поддршката за парламентарните избори, истакна претседателот на ПЦЕР и носител на пратеничката листа, Самка Ибраимоски.
Скопје
Арсовска изврши увид во завршните градежни работи на реконструкција на водоводната мрежа на улицата Антон Попов
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска заедно со претставници од Секторот за планирање и уредување при Град Скопје и скопското јавно претпријатие „Водовод и канализација“ извршија увид во завршните градежни работи на реконструкција на водоводната мрежа на улицата Антон Попов во општината Гази Баба.
Со изведбата на водоводните приклучоци на овој потег кои се поврзуваат со постојната водоводна мрежа со профил од 150 милиметри, се решава повеќедеценискиот проблем на жителите со честите прекини во водоснабдувањето поради застареноста на системот, а се решаваат загубите на вода и трошоци за поправките на дефектите на водоводната мрежа, велат од Град Скопје.
Изведбата на овој проект претставува дел од програмата на градоначалничката Данела Арсовска за обновување на градската мрежа, во децениски заборавените населени места, што претставуваше и долгогодишно барање на жителите од тој дел на градот, се додава во соопштението на Град Скопје.