Македонија
„Систина“ ќе врши тестирања на коронавирус, набавени се 15.000 теста
Клиничката болница „Аџибадем Систина“ почнува со тестирање за детекција на коронавирусот (Ковид-19). Тестирањето се врши единствено со претходно закажување термин преку телефонскиот број 02 3099500, достапен 24/7.
Пациентите што немаат закажано термин за тестирање нема да бидат примени за земање примерок. Оние што ќе дојдат на тестирање треба да носат заштитна маска.
Тестот што се користи е високопрецизен брз хроматографски тест за детекција на IgG и IgM-антителата што се создаваат од коронавирусот (Ковид-19). Комбинираната употреба на IgG и IgM-тестот може ефикасно да детектира присуство на вирусната инфекција или претходен контакт со вирусната инфекција преку имунолошкиот статус на телото.
Овој тест, како нов производ на пазарот, сега се користи речиси во сите болници во Велика Британија, САД, Полска, Србија, Турција, Италија и други земји зафатени од пандемијата на коронавирусот. Научниците го тестирале првично во градот Вухан, во Институтот за вируси во Кина, каде што се потврдил како еден од најефикасните и најбрзи методи за детекција на коронавирусот.
Тестирањето е преку земање примерок од крв, а процедурата на тестирање не трае подолго од 10 минути. Примероците за тестирање на Ковид-19 се земаат во специјален пункт, кој е целосно одделен од другиот дел од болницата, со цел максимална безбедност и заштита.
„Аџибадем Систина“ има капацитети за вршење 300 теста дневно, а моментно има набавено иницијална количина од 15.000 теста. Цената на тестирање изнесува 1.200 денари.
Работното време на пунктот за тестирање е од 8 до 15 часот секој работен ден во неделата вклучувајќи ги и викендите.
Резултатите од тестот се брзи, ефикасни и прецизни со точност повеќе од 92,9 отсто и се добиваат два часа по тестирањето на претходно доставената имејл-адреса.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дожд и снег на повисоките места: ЦУК апелира на внимателност поради најавените метеоролошки промени
ЦУК апелира за внимателност заради најавените метеоролошки промени со дожд, со доумерен ветер и со снег на повисоките места.
Кога се оди со возило на планините е препорачливо да се има полн резервоар гориво и да се внимава на лизгавоста и проодноста на патот, велат од ЦУК.
„Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации“, се наведува во соопштението.
Истовремено, ЦУК информира дека е потребно и корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.
„Во реонот на автопатот A2 Кичево-Охрид, што е во изградба, во период од 12 до 16 часот ако се слушнат силни детонации, граѓаните да не се вознемируваат, во повеќе наврати ќе се извршат минирања на теренот“, информираат од ЦУК.
Македонија
Странски новинари, преведувачи: вкупно 942 набљудувачи ќе ги следат претседателските избори
Вкупно 942 набљудувачи, странски новинари и преведувачи се акредитирани за следење на Претседателските избори на 24 април.
Како што е објавено на веб страницата на ДИК, заклучно до 19 април, акредитирани се 342 домашни и 568 странски набљудувачи и преведувачи, од кои најбројни се од ОБСЕ/ОДИХР.
Парламентраните избори во земјава ќе ги следат над 2000 домашни и странски набљудувачи.
Изборите за шеф на државата ќе ги следат и странски новинари.
Седмите претседателски избори во земјава ќе се одржат на 24 април, а евентуалниот втор круг заедно со парламентарните на 8 мај.
Македонија
Предизборен молк пред утрешните претседателски избори, денеска гласа дијаспората, болните и затворениците
Започна предизборниот молк пред утрешните претседателски избори. Молкот завршува на 24 април во 19 часот, кога се затвораат избирачките места.
Денеска ќе гласаат избирачите запишани во посебниот извод од избирачкиот список, односно дијаспората, затворениците, лицата во старските домови, болните и изнемоштени и внатрешно раселените лица.
Гласањето за претседател започна во саботата, први гласаа членовите на избирачките одбори кои отпатуваа да го спроведат гласањето во дијаспората.
Во посебниот извод од избирачкиот список се запишани 191 избирачи кои треба да го спроведат гласањето во дијаспората.
Во дипломатските претставништва и конзуларни канцеларии треба да гласаат наши граѓани кои живеат во странство а кои се пријавиле за гласање.
Право на глас имаат 1.814.317 гласачи запишани во единствениот избирачки список. Избирачките места се отвораат во 7 часот, а гласањето трае до 19 часот. Се гласа на 3480 избирачки места во целата земја.