Македонија
Балканските лидери предупредуваат дека недобивањето датум ќе предизвика тензии во регионот
Северна Македонија и Албанија се соочуваат со ризик од зголемен национализам и застој во реформите, зошто ЕУ со години им ги затвора вратите за придружување кон Унијата, пишува „Фајненшал тајмс“.
Македонскиот премие Зоран Заев порача дека стравува од враќање на „лошото минато“ во неговата етнички поделена земја, како што беше избегната граѓанска војна во 2001 година, а албанскиот премиер Еди Рама изјави дека неговата земја ризикувала да стане „колатерална штета“ поради поделеноста за прашањето за проширување на ЕУ.
Предупредувањата на овие двајца балкански лидери кај аналитичарите предизвикува страв дека неуспехот да се придружат на европскиот блок, би можел да го дестабилизира геополитички чувствителниот регион на Западен Балкан во кој расет влијанието на другите земји, меѓу кои се Русија и Кина, пренесува ФТ.
Како што потсетува, францускиот претседател Емануел Макрон го блокираше отворањето на преговори за Северна Македонија и Албанија, но и Холандија и Данска исто така беа против преговори со Тирана. Двете балкански земји се жалеа дека ЕУ не ја исполнува својата страна од договорот.
Заев изјави дека е загрижен дека чувствителниот договор, кој го постигнал со Грција минатата година за преименување на неговата земја, би можел да дојде во прашање, преку будење на националистички чувства.
„Ако има доволно националистичка реторика, радикални движења и говор во Северна Македонија, тоа ќе им даде аргументи на грчките политичари да користат иста реторика, што повторно може да доведе до чекори кои не се добри ниту за мојата земја, ниту за регионот“ предупреди Заев, нагласувајќи ја мултиетничката природа на својата земја во која живее мнозинство Македонци и етнички Албанци.
Заев најави дека ќе поднесе оставка во знак на бунт против политиката на ЕУ, но додаде дека договорот со Атина, би можел да биде во опасност ако неговата партија не победи на новите избори.
Од Тирана, Рама порачува дека одлуката за неотворање преговори со ЕУ, предизвикала „тежок психолошки шок во земјата“ како и дека ѝ наштетила на кредибилитетот на Унијата во регионот.
„Двапати сме брутално отсечени од Европа, еднаш во текот на Османското царство, а потоа половина век под најбруталниот комунистички режим. Никој не може да живее со идејата дека тоа може да се случи и третпат“ изјави Рама.
Аналитичарката Џуди Демпси, од Центарот за Европа – „Карнеги“ вели дека кредибилитетот на ЕУ е нарушен, бидејќи на лидерите на земјите уште во 2003 година им било кажано дека ако ги исполнат критериумите на ЕУ, ќе бидат примени. Но, иако Скопје ги исполни критериумите, таа пракса е отфрлена со образложение дека пред се мора да се реформира ЕУ.
„Прекршени се ветувањата и Западен Балкан сега станува лесна цел за кинеско и руско влијание“ смета Демпси. На истото предупреди и македонскиот премиер, дека е загрижен поради обидот за пополнување на празнината која настана со одложувањето на процесот на придружување.
„Оваа одлука им дава простор на трети страни, кои не се од голема помош, а кои нема да ни понудат демократија, слобода и владеење на правото“ порача Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Постојниот простор на СВР Охрид ќе се стави во функција на градот, надземно ќе биде убав парк, а подземно катна гаража
„Денеска на покана на министерот и градоначалникот сум во Охрид, да дадам и јас лично поддршка на проектот кој тие двајца го најавија дека тоа ќе биде еден од приоритетите на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Твоја Македонија. Станува збор за простор на СВР Охрид кој ќе се стави во функција на општина Охрид или ќе биде надземно убав парк, а подземно катна гаража“, кажа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Ценам дека треба да се слушаат потребите на граѓаните, треба да се слушаат потребите на тие кои се избрани од граѓаните.
Ценам дека на овој начин ќе се овозможи еден поголем комфор во рамките на градското централно подрачје во Охрид во оној дел каде што е туристичка зона и ценам дека како држава треба да поддржуваме проекти кои ќе значат додадена вредност за средините во кои се прават. Еден од тие проекти е овој овдека.
Така што уште еднаш од мене голема благодарност и до министерот и до градоначалникот на поканата. Очекувам вакви и слични проекти и во иднина во други области во Македонија“, изјави Мицкоски.
Сервисни информации
Сообраќајот на патот Прилеп-Македонски Брод, се одвива наизменично по една коловозна лента
Во 14:58 часот сообраќајот на регионалниот пат Прилеп-Мак.Брод, сообраќајот се одвива наименично по една коловозна лента.
АМСМ информира дека сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Апел за помош за малиот Војдан
„Почитувани, ви се обраќам како очајна мајка на Војдан, кој е дете со церебрална парализа. Војдан е предвремено родено дете, кој е борец уште од првата секунда од неговиот живот. 71 ден ги помина во инкубатор, на респиратор, со мал милион дијагнози и прогнози, но тој се избори и си дојде дома.
Кога мислевме дека нема крај на нашата среќа. Господ повторно ни го зададе најголемиот удар, на Војдан му дијагностицираа Церебрална парализа. 8 месеци ги поминавме по болничките лавиринти во нашата држава, со што немаше значителен напредок. Од негови 11 месеци, одиме на рехабилитација во Загреб. Одиме секој месец и остануваме таму по една недела. Војдан има сериозен напредок во неговата битка, која продолжува и од кога ќе се вратиме дома. Секојдневно има физикална терапија, со што јас како родител сум обучена да работам со него, дефектолошки и логопетски третман одиме на приватно. Фондот за здравство не ни го признава лекувањето на Војдан, па цели овие години одиме со помош на нашиот хуман народ. Како мајка на која единствена желба и е здравјето на нејзиното дете, уште еднаш и до бескрај ги молам сите хумани граѓани кој се во можност да ни помогнат за Војдан да излезе како победник во битката“.
Информации околу кампањата за собирање на донации имате тука