Македонија
Безбедноста на вакцините против Ковид-19 во фокус на самитот „Македонија 2025“
Денеска е вториот ден од деветотто издание на самитот „Македонија 2025“, кое се одржува во дигитална/хибридна форма. Денот почна со интерактивна дискусија со наслов „Светот во време на криза“, организирана од клубот „Келог алумни“ на „Македонија 2025“, каде што свои излагања имаа Борут Штрукељ – универзитетски професор на Катедрата за фармацевтска биологија на Факултетот за фармација при Универзитетот во Љубљана, член на тимот за развивање на вакцината против Ковид-19, и Ѓорѓе Војновиќ – главен извршен директор на „Триглав осигурување“ АД Скопје.
Во моментот во фармацевтската индустрија, генерално, има две клучни работи, односно дилеми поврзани со откривањето на вакцина против Ковид-19, а тоа се безбедноста и ефикасноста. Колкава би биле безбедноста и ефикасноста доколку се земе предвид краткото време за развој – една година.
„Драго ми е што ќе зборувам на оваа тема. Токму тоа е основното прашање – како ќе развиеме вакцина за толку кратко време ако земеме предвид дека за тоа реално се потребни три-четири години. Беа инвестирани билиони евра за најкратката можна процедура, а тоа го олесни целокупниот процес. Секако, безбедноста е најважна. Кога станува збор за ефикасноста, новите вакцини се многу добри, но мора да се внимава на безбедноста. Новите вакцини се составени од РНК И ДНК-молекули, значи само од генетски материјал. Може да се каже дека на некој начин поради тоа се поефикасни и побезбедни. Сепак, мора да сме внимателни“, истакна професорот Борут Штрукељ.
Во своето излагање тој исто така ја објасни разликата меѓу типовите вакцини и направи споредба меѓу оние на „Модерна“, „Фајзер“, „Астра зенека“, руската и кинеската вакцина.
„Секоја земја, секое министерство за здравство, е одговорно за вакцинацијата и ќе има можност да избере од најмалку три вакцини на пазарот. Светот има повеќе опции. Но, сè уште е тешко прецизно да се зборува за безбедноста и ефикасноста“, истакна Штрукељ.
Понатаму, на панел-дискусијата „Исти правила – различни земји: Како да почнете и да изградите успешен бизнис?“, публиката имаше можност да слушне за искуствата од врвни докажани луѓе од сферата на домашниот и меѓународниот бизнис.
Вториот ден од самитот го заокружија Мајк Зафировски, коосновач и член на одборот на директори на „Македонија 2025“, и Харди Пемхива, извршен директор и управен директор на „Еконет глобал лимитид“ од Јужна Африка, со интересна дискусија на тема „Совршени животни метрики“.
Во обид да ѝ се помогне на сопствената држава, „Македонија 2025“ изработи и платформа за поврзување македонски компании со професионалци и експерти со македонско потекло од светот. Посетителите на виртуелниот самит може да очекуваат интересни содржини и во текот на утрешниот последен ден.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Даштевски: Во првите два и пол часа пријавени се само технички проблеми, кабел или батерија, ги решаваме во од
Ситни техники проблеми околу биометриските уреди се пријавени во првите два и пол часа од гласањето. Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски извести дека гласањето се одвива мирно и без неправилности, а техничките проблеми вели дека тековно ги решаваат.
„Пријавени се само технички проблеми, батерија или кабел на биометриските уреди кои ги решаваме во од. Сите гласачки места се отворени и засега нема прекин никаде“, рече претседателот Даштевски.
Одѕивот во првите два и пол часа е 3,85 отсто, но пристигнале податоци од само 832 избирачки места. На овие избори право на глас имаат 1. 814.317 граѓани на 3480 избирачки места.
Македонија
3,85 отсто е одѕивот за гласање во првите два и пол часа, 12 приговори пристигнале во ДИК
Одѕивот на граѓаните во првите два и пол часа од гласањето за избор на претседател на државата на седмите претседателски избори е 3,85 отсто. Гласањето е почнато навреме, се одвива мирно и без пријавени неправилности. Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски утрово рече дека одѕивот е мал, но мал е и бројот на избирачки места од кои се пристигнати податоци.
„До девет часот пристигнати се податоци за одѕив на гласачите од 832 избирачки места. Од вкупно запишани 42.748 гласачи на овие избирачки места, гласале 15.487 или 3,8 отсто од гласачите. До овој момент во ДИК се доставени вкупно 12 приговори за заштита на личното избирачко право кои се предмет на обработка“, рече Даштевски.
На бесплатниот телефонски број 0800 555 44 граѓаните можат да постават прашање или да пријават неправилности до Државната изборна комисија.
Активна е и видеокол линијата 076 488 360 преку која граѓаните со оштетен слух и говор ќе можат преку видео повик да постават прашање до Државната изборна комисија и да добијат одговор на знаковен јазик. На сите граѓани на располагање им се интернет страницата на ДИК www.sec.mk како и страниците на социјалните мрежи „Фејсбук“ и „Твитер“ и каналот на јутјуб.
На страната rezultati.sec.mk може да се следи во живо излезноста на гласачите, вкупна и по општини.
На овие избори право на глас имаат 1. 814.317 граѓани на 3480 избирачки места. Податоци од повеќе избирачки места претседателот Даштевски најави за следната прес – конференција.
Македонија
Тошковски: Мислам дека изборниот ден ќе помине во најдобар ред
Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека досега нема никакви нарушувања на гласањето а МВР веќе ги има распоредено сите полициски службеници ширум државата кои треба да се грижат за спроведување на фер и демократски процес.
„Немаме забележано никакви посериозни нарушувања на изборниот процес. Денот е убав, се надевам дека граѓаните ќе можат да го остварат своето гласачко право, на едни демократски избори. Покриени се сите сектори за внатрешни работи со технички услови. Се постапува според утврдените насоки од изборниот штаб“, додаде Тошковски.
Тошковски смета дека изборниот ден ќе помине во најдобар ред.
На претседателските избори учествуваат седум кандидати – пет мажи и две жени.
Кандидати се актуелниот претседател Стево Пендаровски кој е поддржан од СДСМ и коалицијата, Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, Билјана Ванковска која е поддржана од Левица, Максим Димитриевски од движењето Знам, Стевчо Јакимовски од партијата Гром, Арбен Таравари од коалицијата Вреди и Бујар Османи кој е поддржан од Европскиот фронт.
Во Северна Македонија се одржуваат седмите претседателски избори.