Македонија
Без многу оптимизам се очекува конечната одлука за преговори со ЕУ
Денешните разговори на лидерите на ЕУ во Брисел се последна надеж дека земјава може да го добие очекуваниот датум за пристапни преговори.
Лидерите на ЕУ рано утрово ги прекинаа разговорите без договор за почнување преговори со Албанија и Северна Македонија, без многу оптимизам дека цврстиот став на францускиот претседател, Емануел Макрон, би можел да се промени.
„Ние не постигнавме заклучок за ова денес, но утре ќе продолжиме да разговараме за тоа“, изјави финскиот премиер Анти Рине, чија земја моментно го има претседателството со ЕУ.
На прашањето за шанса да се најде компромис, тој рече дека не е сигурен оти е можно, но се надева дека може да се постигне договор.
Двете балкански земји се очекуваше да добијат зелено светло на самитот за да почнат преговори за пристапување кон ЕУ, а Европската комисија потврди дека ги имаат исполнето критериумите, потсетува агенцијата АП.
Макрон одби да дозволи нова земја да влезе во ЕУ сè додека не се подобрат процедурите за проширување, а Холандија се спротивстави на кандидатурата на Албанија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Лефков: Пендаровски лажеше дека нема видено француски предлог, за потоа да каже дека тој го пишувал во Скопје
„Стево Пендаровски лажеше дека нема видено Француски предлог, се одрекуваше и негираше, за само по неколку месеци да признае дека Францускиот предлог е всушност изработен од него“, вели Миле Лефков, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Стево Пендаровски е политичар без став. Нема изјава која Пендаровски сам не си ја негирал. Со Стево Пендаровски граѓаните не знаат на што се, ниту пак кога ја говори вистината. Граѓаните уште не знаат дали Пендаровски нема видено Француски предлог или тој всушност го пишувал“, вели Лефков.
Според него, Пендаровски конфузниот и манипулаторот е политичар кој не мисли за Македонија, туку на својот личен рејтинг.
„Изјавите ги дава како е опортуно за неговиот личен рејтинг во одреден момент. Едно е јасно, Пендаровски заедно со СДС се извор на сите проблеми кои Македонија ги имаше изминатите години. Со право народот вели дека немаме држава, време е да ја вратиме“, завршува Лефков.
Македонија
Албанското тло е распарчено, потребно е да се засилиме а Русија не треба да се запостави: Ахмети формира „Евроспки фронт“ со Реџепи
Договор за заеднички настап на изборите потпишаа денеска претседателот на ДУИ, Али Ахмети и претседателот на Народното движење, Скендер Реџепи Зејд.
„Ние секогаш сме сонувале како Албанците ќе бидат обединети во еден фронт. Зошто сега се враќам на историја? Затоа што ги знам моите соништа. Големите нешта не се прават сами. Ова обединување на Албанците во Македонија е бидејќи нештата во глобалната политика одат лошо. Ова обединување е повеќе од потребно – треба да се поддржи од сите заедници во државата. Овој фронт ќе им излезе во пресрет на секој дел од општеството. Сите треба да ги поддржиме овие обиди кои произлегуваат затоа што Албанците историски изгубиле во одлучни моменти кога не биле обединети. Албанското тло е распарчено – затоа да се засилиме. Од денеска сме еден народ и едно тело и треба да ги реализираме соништата на нашите претци. Да не паѓаме во заседа на малите партии, туку да ја гледаме нашата историска мисија и да ја држиме во живот“, рече Ахмети по потпишувањето на договорот со Реџепи Зејд.
Лидерот на ДУИ го повтори постојаниот став дека само со членство во ЕУ ќе се спречат луѓето да бегаат од државатта.
„Русија не треба да се запостави. Веќе е во нашата земја и основала партија, има медиуми овде, основала милитанти овде кои сакаат да ни го попречат патот, за кој сме силно определени. Сакаме мирен и чист Балкан, регион кој што ќе се зачлени во ЕУ, како што влезе во НАТО“, додаде Ахмети.
Додаде дека е во преговори и со други партии за приклучување. Според него, тоа е процес кој е отворен подолго време.
Македонија
Ковачевски го повика Милошоски да не го блокира законот за рестриктивни мерки откога на црната листа на САД се најдоа Јакимовски и Јанева
Одлуката да ги стават на црната листа градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, и поранешната специјална јавна обвинителка, Катица Јанева, САД ја носат врз основа на информации со кои располагаат, смета експремиерот Димитар Ковачевски. Тој денес јавно го повика патеникот Антонијо Милошоски да не го блокира предложениот закон за рестриктивни мерки, со кој лицата од црните листи на земјите што ни се стратешки партнери ќе може да бидат процесирани преку домашното законодавство.
„Се работи за одлука што ја носат американските институции врз основа на информации со кои тие располагаат. Со оглед на тоа што САД се наш стратешки партнер, исто како и Европската Унија и Обединетите нации, Владата подготви закон за рестриктивни мерки. Поднесен е до Собранието. Ги повикуваме пратеникот Антонијо Милошски и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ да не го блокираат законот и да го пуштат во собраниска процедура. Очигледно е дека тој од некаква причина го блокира тој закон да не биде ставен на комисиска расправа и да не биде донесен. Доколку не планираат да го стават, тогаш треба да кажат од кои причини тој закон не сакаат да биде донесен во Собранието“, рече Ковачевски.
Неговата партија вчера и преку соопштение до медиумите го повика Милошоски, кој е претседател на Комисијата за надворешна политика во Собранието, да го стави на дневен ред предложениот закон и да го поддржат за да биде изгласан.
СДСМ јавно побара поддршка за предложениот закон за рестриктивни мерки откога Стејт департментот вчера соопшти дека на црната листа се ставени Јакимовски и Јанева. Јакимовски оти како градоначалник бил вмешан во коруптивни дејства, користење на положбата за мешање и попречување на урбаното планирање, набавки во негова корист и во корист на неговите соработници, а Јанева оти е вмешана во коруптивни дела, вклучително и користење на нејзиното политичко влијание и службена моќ за лична корист.